„ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА Е НАШ ПРИОРИТЕТ“: Живковски вели сите постапки ќе бидат онлајн, но шалтерите остануваат активни
Објавено во: Економија 19 Април, 2025 17:42
Агенцијата за катастар на недвижности има амбициозна цел – да прерасне во модерна, целосно дигитализирана институција која ќе овозможи брзи, достапни и квалитетни услуги за сите граѓани. Ова го истакнува директорот Иван Живковски кој додава дека Катастарот треба да биде гаранција на сопственоста, поддршка на урбанистичкото планирање и алатка за развој на инфраструктурата и општеството во целина.
Меѓу најголемите тековни предизвици, Живковски ги посочува застарената технолошка инфраструктура и дефицитот од стручен кадар – резултат на седумгодишен занемарен кадровски развој. Во таа насока, веќе се спроведуваат мерки – од внатрешна реорганизација и регрутирање на млади професионалци, до редовни обуки и нови соработки со правосудните и стручни комори.
„Со моето доаѓање затекнавме над 5.600 заостанати предмети. Со внатрешни реформи ги расчистивме сите, а денес постапуваме навремено и ефикасно“, изјави Живковски.
Во фокусот е и дигиталната трансформација. Повеќе од 100 услуги се достапни онлајн преку порталот e-uslugi.katastar.gov.mk, а до крајот на 2025 година бројот ќе надмине 130. Надграден е системот за проверка на сопственост и статус на предмети, како и мобилната апликација I-Kat, која сега е достапна и за iOS. Во тек е и целосна интеграција со државниот портал uslugi.gov.mk, со цел граѓаните да ги користат сите услуги без потреба од физичко присуство.
„Целосната дигитализација е наш врвен приоритет. Ќе овозможиме сите барања и постапки да се поднесуваат онлајн. За повозрасните граѓани, шалтерите остануваат активни“, додаде директорот.
Генерално, Живковски заклучува дека и покрај зголемениот наплив на предмети, Агенцијата за катастар навремено постапува и брзо и ефикасно ги обезбедува услугите за граѓаните.
„Драстичното намалување на цените за одредени катастарски услуги и до 83 проценти е нешто кое верувам дека значително ќе влијае на социјалниот стандард на граѓаните, но и услугите на катастарот ќе ги направи подостапни за сите.“
Паралелно, Агенцијата активно работи на борба против корупцијата со кампањата
„Не биди соучесник – пријави обид за корупција“, отвора нови канцеларии во Драчево и Автокоманда, и ја враќа во функција канцеларијата во Чашка.
„Продолжуваме со дигитализација, нови веб-услуги и реформи кои ќе нè доближат до целта – катастарот да стане пример за ефикасна, дигитална и транспарентна институција“, истакна Живковски.
Извор: МИАМожеби ќе ве интересира
Добро платени работни места за луѓе кои мразат состаноци
Украинските напади и санкции го земаат својот данок – ова не се случило со Русија од 2022 година
Историски максимум: Од почетокот на годината, цената на овој метал се зголеми за 113 проценти
Што кажува банкротот на iRobot за глобалниот пазар на роботски правосмукалки?
Кои се најуспешните земји во ЕУ во однос на наплатата на ДДВ?
Најлоши во ЕУ: Оваа земја е најзависна од парите што ги праќаат иселениците
Зошто се намалува вредноста на доларот во однос на еврото?
Најголемиот германски производител на челик привремено го запира производството во две големи фабрики - 1.200 работни места во опасност




