Директорите на ВМРО-ДПМНЕ масовно ја напуштаат Данела Арсовска: Оставка си дадоа и првите луѓе на Градски паркинг и Дрисла
Објавено во: Македонија 13 Септември, 2022
Директорите на комуналните претпријатија од ВМРО-ДПМНЕ масовно ја напуштаат скопската градоначалничка Данела Арсовска. Откако вчера отказ доби директорот на Водовод и канализација, Златко перински, денеска се огласи Бојан Христовски. Тој на социјалните мрежи напиша дека по 8 месеци ја напушта челната позиција на ЈП Градски паркинг - Скопје.
„Денеска навршуваат точно 8 месеци од моето именување за вд директор во ЈП Градски паркинг Скопје. На 13 јануари, оваа година беше мојот прв работен ден во ова претпријатие, а денес е мојот последен ден на оваа позиција.
Влегов со план и визија, со посветеност, професионализам и со континуирана работна динамика, и сето тоа со цел да им овозможам на сите граѓани подеднаков третман и подобри услови за услугите кои ги пружа ова претпријатие.
Но сепак морам да истакнам дека градот Скопје е комплексен систем на институционално управување во кои се испреплетени повеќе фактори. Тимската работа на градоначалникот и јавните претпријатија е неопходна, токму затоа нарушената координација е сериозна опасност за непречено функционирање на скопската локална самоуправа, а тоа е секако на штета на граѓаните. Дополнително вчера бевме сведоци на политичко-медиумска конструкција против директорот на едно јавно претпријатие и секретарот на град Скопје, при што без никакви факти и аргументи истите беа експресно „елиминирани“. Значи тоа се случува кога мерило за успехот не се резултатите, туку игрите кои се рефлексија на други поинакви интереси од колективните. Сето ова покажува дека многу малку или воопшто не се посветува внимание на она што беше ветено пред граѓаните за модерно Скопје, и јас како поединец и покрај бројните резултати за кус период не сакам да бидам дел од систем каде приоритет не се нашите цели и проекти, и каде нема поддршка од Градот ниту пак има нормална комуникација со градоначалникот. Затоа поради незаинтересираноста на првиот човек на градот за потребите на скопјани и градски паркинзи, како и поради драстично намалената поддршка на проектите кои со сопствени средства ги реалираме денес, поднесувам неотповиклива оставка од позицијата вд директор на ЈП Градски паркинг – Скопје“, напиша Христовски.
Тој додава дека проектите што ги оставил зад себе би биле уште поуспешни доколку ја имал целосната поддршка од градоначалничката Арсовска.
„Сметам дека успесите на Градски Паркинг постигнати во едни тешки околности се значајни да ги истакнам. Тие ќе беа уште поголеми доколку имаше целосна поддршка од Градот и градоначалничката. Во мојот живот борбата за принципите во кои верувам се поважни од функцијата. Влегов достоинствено, излегувам со чист образ. Нема да дозволам било кој, а најмалку луѓе кои имаат поинакви приоритети од тие поради кои се избрани од народот, и поради лични политички игри тоа да го извалкаат“, додава Христовски.
Директорот на депонија Дрисла, Јане Мицевски си заминува исто така од позицијата. Тој оваа информација на јавноста ја соопшти преку својот Фејсбук профил, во кој истакна дека со градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, како што напиша, не се соработувало.
„Како директор на депонијата Дрисла сакам да посочам дека во овој десет месечен период откако го превземав претпријатието направив стабилизација и негова консолидација и отпочнав со процес на инвестиции кои се во насока на подобрување на работата на истото. Но секој индивидуален успех на било кое претпријатие не е целосен доколку истото не добие потркепа од колективитетот во кој Дрисла мора да функционира, а тоа е Градот и нејзиниот прв човек.
„Морам да го истакнам немањето на координација и достапност со градоначалничката Арсовска и покрај бројните мои обиди тоа да биде сменето. Во такви едни услови сметам дека првенствена задача за еден градоначалник не смее да биде личната пресметка и хајка кон поединци, каква што видовме вчера, туку посветување на приоритетите и проектите кои се основна задача. Дополнително Дрисла се соочува со сериозен проблем поради сметките за струја кои се сериозен удар на претпријатието, а за жал до сега претпријатието нема никаква поддршка од Градот Скопје. Поради сето ова јас денес си поднесувам неотповиклива оставка од местото прв човек на Дрисла.“, пишува Мицески на Фејсбук.
Се огласи и Арсовска, за која и Христовски и Мицевски „несоодветно“ работеле и не ги почитувале насоките на Градот.