ДЛАБОКА Е ДОЛЖНИЧКАТА ДУПКА: Еве кои земји се најзадолжени
Објавено во: Економија, Свет 31 Декември, 2023
Се прогнозира дека глобалниот државен долг во 2023 ќе достигне 97,1 трилиони долари, што е за 40 отсто зголемување од 2019 година.
Повеќе од една третина од светскиот долг отпаѓа на САД, кои должат 33,2 трилиони долари. Со оглед на постојаното зголемување на должничкиот товар, трошоците за сервисирање на тој долг сега сочинуваат 20 отсто од трошоците на американската влада. Се предвидува дека годишните расходи за камати ќе достигнат 1 трилион долари до 2028 година, надминувајќи ги вкупните трошоци за одбрана.
Третата по големина светска економија, Јапонија, има една од највисоките стапки на долг во однос на БДП, од 255 проценти. Во текот на изминатите две децении, националниот долг на Јапонија далеку надмина 100 отсто од нејзиниот БДП, поттикнат од стареењето на населението и трошоците за социјално осигурување.
Северна Америка е најголемиот регионален должник
Северна Америка има највисок долг во апсолутна вредност, како и сооднос на долг кон БДП во споредба со другите региони. Како што американскиот долг вртоглаво порасна, така се зголеми и долгот на Канада, десеттиот по големина должник во светот.
Долгот на азиско-пацифичкиот регион е на ниво на долгот на Северна Америка, а најголеми должници се Кина и Јапонија.
Европа учествува со нешто повеќе од 20 отсто од светскиот долг. На ниво на ЕУ, јавниот долг изразен како дел од БДП минатата година изнесуваше 83,5 отсто.
Европа е многу задолжена, предничат медитеранските земји
Долгот на членките на еврозоната лани изнесуваше 91,4 отсто од БДП. Во својата најнова прогноза, Европската централна банка очекува долгот да падне на 89 отсто од БДП на крајот на 2023. Нивото на долгот е значително над максималната граница од 60 отсто од БДП, утврдена во таканаречениот Пакт за стабилност и раст на ЕУ. Единаесет земји-членки имаат долг над лимитот од 60 проценти.
Најзадолжени земји се Грција со 168 отсто од БДП и Италија со 144 отсто. Следуваат Португалија, Франција и Шпанија, со долг повисок од БДП за околу 12 проценти. Високите каматни стапки, кои го зголемуваат износот на долгот, сега со сета сила ги погодуваат министрите за финансии и буџетите на нивните земји.
Германија доста добро се држи до 66 отсто од БДП, но доживува значителен пораст на трошоците за сервисирање на долгот.
Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер неодамна објави дека финансирањето на отплатата на долгот ќе чини 40 милијарди евра оваа година. Лани беше само четири милијарди евра, а сега е десеткратно зголемен. Според Министерството за финансии во Рим, Италија следната година ќе мора да одвои огромни 100 милијарди евра за рефинансирање на своите долгови.
Голем број земји во развој се на работ на банкрот
Поради силниот раст на трошоците од почетокот на 2022 година, се повеќе земји во развој се соочуваат со потешкотии во сервисирањето на државниот долг.
Земјите во развој платиле рекордни 443,5 милијарди долари за сервисирање на долговите годинава, што е за 5 отсто повеќе од 2021 година, а е последица на растот на каматните стапки во светот, покажуваат најновите податоци на Светска банка.
Трошоците за сервисирање на долгот за 24 најсиромашни земји во светот би можеле да се зголемат за дури 39 отсто во 2023 и 2024 година, се предупредува во извештајот.
Светската банка извести дека 10 земји во развој ги исполниле своите должнички обврски 18 пати во последните три години, што е повеќе од вкупниот број во претходните две децении заедно. На листата меѓу другите се и Гана, Шри Ланка и Замбија.
Должничката криза го погоди и Египет годинава, каде поради зголемените трошоци, 40 отсто од буџетските приходи во моментов одат за отплата на долгот.
Годинава 28 земји ги исполнија условите за заеми од Меѓународната асоцијација за развој на Светска банка, што е инструмент наменет за помош на најсиромашните земји во светот. Тие сега се изложени на висок ризик од должничка криза, додека 11 веќе се во неволја, се вели во извештајот.
Растот на каматните стапки и силниот американски долар влијаеја на значителното зголемување на долгот на земјите во развој. Повеќе од една третина од надворешниот долг на земјите во развој вклучува променливи каматни стапки, кои се ранливи на ненадејни флуктуации.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.