ДОАЃААТ НОВИ СНЕЖНИ ВРНЕЖИ: Овој пат ќе паѓа снег на повеќе места
Објавено во: Македонија 25 Декември, 2024
Поради понатамошно спуштање на многу ладен воздух од север, поврзан со Средоземниот циклон кој значително влијае на времето во Македонија, па така и во следните денови, односно до петок (27.12.2024) на повеќе места ќе условува повремени врнежи претежно од снег, па така снежната покривка ќе се прошири и значително ќе се зголеми на планините и на Скијачките центри, вели метеорологот Славчо Попоски.
„Сето ова ќе биде проследено со повремено засилен ветер од северен правец (повремено и локално со брзина од над 60 км/час). Поради ветерот особено на повисоките места и на планините, секако и на Скијачките центри ќе има појава на снежни наноси, па така на возачите им препорачувам крајно да внимаваат со своите возила. На Скијачите им препорачувам да не се оддалечуваат од Скијачките центри према поголеми надморски височини, како што и претходно напоменав поради намалената видливост која се очекува.
Во Скопскиот регион и понатаму ќе има повремени послаби врнежи од дожд и снег, а во повисоките делови од котлината, како и на околните планини само од снег. Мала снежна покривка можно е да се формира и во повисоките делови од котлината, а на околните планини таа ќе се зголеми. И во Скопје повремено ќе дува засилен ветер од северен правец (повремено во делови од котлината со брзина од над 60 км/час).
Што се однесува до температурите, тие наутро ќе бидат се пониски и речиси насекаде ќе бидат под нулата, а и преку денот тие ќе се искачуваат само за некој степен над нулата, а особено во повисоките населени места, а посебно на планините и Скијачките центри тие ќе бидат под нулата“, напиша тој.