Добивај вести на Viber
МВР поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластувања и измама во службата за полицајци кои неосновано си поделиле 13-та бонус плата од по 36.614 денари која инаку им следува секоја година како награда доколку исполнат одредени услови.
Внатрешната контрола поднесе кривична пријава против полициските службеници А.А., на работно место во ПС од ОН Гази Баба, А.А. на работно место во ПО Арачиново, Б.Џ., на работно место во ПО Арачиново и В.С и против полицискиот службеник Б.М., на работно место во ПС од ОН Гази Баба при СВР Скопје.
Првите четворица како одговорни лица им доделиле неосновано бонус-плата на 19 други полицајци, додека петопријавениот си ја доделил платата од 600 евра сам на себе.
„Првопријавениот, како заменик командир на ПС од ОН Гази Баба ја злоупотребил службената положба и овластување на начин што како раководител со несоодветно водење на евиденција за распоред на работа, спротивно на подзаконски пропис со кој се пропишува начинот на евидентирање на реализираните часови на вработените во Министерството за внатрешни работи на 12 полициски службеници- вработени во ПС од ОН Гази Баба им овозможил да се стекнат со право за исплата на бонус плата во 2023 година и без да ги исполнат условите утврдени со Законот за работните односи на секој поединечно им била исплатена бонус плата во износ од 36.614 денари или вкупно 439.368 денари, во кој износ го оштетил буџетот на Министерството за внатрешни работи.
Второпријавениот, како командир на ПО Арачиново, третопријавениот како инспектор во ПО Арачиново и четвртопријавениот како инспектор во ПО Арачиново со несоодветно водење на евиденција за распоред на работа, спротивно на подзаконски пропис со кој се пропишува начинот на евидентирање на реализирани часови на вработените во Министерството за внатрешни работи, ја злоупотребиле службената положба и овластување на начин што на седум полициски службеници вработени во ПО Арачиново им овозможиле да се стекнат со право за исплата на бонус плата во 2023 година и без да ги исполнат условите утврдени со Законот за работните односи на секој поединечно им била исплатена бонус плата во износ од 36.614 денари или вкупно 256.928 денари, во кој износ го оштетиле буџетот на Министерството за внатрешни работи.
Петтопријавениот како вработен во ПС од ОН Гази Баба како службено лице со намера за себе да прибави противправна имотна корист поднел своерачно потпишана изјава со лажна содржина, во која изјавил дека има остварено повеќе од 150 часа прекувремена работа и немал повеќе од 21 ден отсуство од работа во текот на 2023 година, по што му било изготвено решение за утврдено право за исплата на бонус плата во висина од една просечна нето плата во износ од 36.614 денари без да ги исполни предвидените услови утврдени со закон, во кој износ го оштетил буџетот на Министерството за внатрешни работи“, објави МВР.
Како што наведуваат од полициската контрола, ќе биде поднесен предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе се изрече задолжителна мерка за отстранување на работно место-суспензија до завршување на дисциплинската постапка за пријавените.