Добивај вести на Viber
Дали досега сте купиле или продале акции?
Доколку ова прашање го поставевме во 2007 или 2008 година, одговорот веројатно би бил: Да, баш вчера си купив акции од Макстил (на пример). Денеска се чини дека има се помалку храбри инвеститори кои се решаваат да го ризикуваат својот капитал на берзата, посебно не на оваа нашата. Веројатно тоа е поради фактот дека кој продал не згрешил, а кој продал не си ни вратил назад на пазарот. Се чини дека имаме се поголем одлив, а се помал прилив на свежи пари на берзата. Повеќе или помалку цените на акциите се на пониски нивоа од тие пред неколку години, така да, одлуката да продадете и да си барате подобри начини за заработка делува дека е исправна.
Нормално таквата одлука не значи и дека е точна, можеби како што вели новинарот на ТВ АЛФА, токму сега е време за инвестирање (бидејќи не отстапува од ставот дека е баш сега време за инвестирање се надевам дека еднаш ќе му се погоди). Сепак целта на овој текст не е да предвидува кога возот ќе тргне, тоа ќе го дискутираме во некој друг текст…. а и да не го направиме тоа времето само ќе покаже.
Како и да е, кога ќе дојде времето за инвестирање треба да се биде спремен и да се знае што да се прави. Значи да речеме дека за прв пат купувате акции. Нормално сте ги запазиле сите стандардни совети, значи сте го истражиле пазарот, внимателно сте ја избрале акцијата што сакате да ја купите, фундаментално сте ги прочитале билансите, што би рекле американците …...”the whole shebang”. Сте дале налог и станувате горд сопственик на некоја акција.
Што мислите кое треба да биде првото прашање што треба да си го поставите откога ќе ја купите Вашата акција?
Според мене најзначајното прашање е следово:
Која е најниската цена која оваа акција може да ја постигне?
А одговорот на ова прашање би требало да биде – нула денари. Токму така. Иако економистите не се согласуваат дека нулата не е цена, може да ви потврдам дека на берзите ваквите цени се постигнувале. Доколку не ми верувате мене читајте за сите фирми кои за време на последнава криза банкротираа и ги оставија нивните акционери со дупнати џебови.
Кога ќе сфатиме дека акцијата не само што може да паѓа, туку таа може да паѓа и 30,40.50 па дури и 100%, сме завршиле голем дел од она што го нарекуваат заштита на капиталот. Во време на големи растови како што ние ги имавме во 2007 година на пример, секој што купил акции беше генијалец. Берзата се чинеше дека има само еден правец - нагорниот. Во таква ситуација лесно беше за секој да дели совети, ако сакате лесно беше секој и да се обогати, макар и во неговата ексел табела. Сепак еден ден берзата почната да паѓа и не застана пет години (нормално имаше и добри периоди, но генерално тоневме). Лекцијата која во овој период секој инвеститор морал да ја научи е дека берзата знае да паѓа и уште побитно, кога паѓа многу исплатливо е да си ги продадеш на акциите.
Луѓето не се програмирани да толерираат загуби. Едноставно такви сме. Многу тешко се помируваме со загуби, па дури и со неостварени добивки. Дозволете ова да го илустрирам со еден пример. Купувате една акција која вреди 1.000 денари и за некој ден акцијата паѓа на 950 денари. Вашата анализа покажува дека е можност трендот да станува надолен, но се правите дека не го забележувате тоа. Зошто? Бидејќи си велите дека ако продадете сега можеби утре цената ќе биде 1.100 денари и вие ќе изгубите 150 денари. Значи жалејќи за она што може да го добиете утре, ќе го изгубите тоа што го имате денес. Епа, во ваква ситуацијата започнува спиралата од која нема излез, цената на акцијата тоне надоле, а вие чекате подобро утре се додека не падне до некое ниво кога станувате рамнодушни и си велите, па сега веќе ги изгубив парите и што и да направам исто ми се фаќа. На тој начин вашата заштеда се топи, а вие веројатно повеќе не помислувате за нова инвестиција. Што би рекло, сите губат.
Основната работа на инвестирањето не е креирањето добивки, тие во некој момент доаѓаат сами. Главната цел е ЗАЧУВУВАЊЕ НА КАПИТАЛОТ. Ворен Бафет еднаш рекол: Немој да ме напаѓаш дека не сум заработил кога берзата паѓала, туку фали ме што сум го зачувал капиталот. Шансите да се заработува на паѓачки пазар се исклучително мали, скоро и никакви. Токму затоа во даден момент (кога ќе се види дека се менуваат трендовите) од суштинско значење е да се продаде со загуба. На тој начин Вашиот капитал ќе стои паркиран на страна и ќе чека подобри времиња. Во време кога трендовите се негативни, фундаментите не значат ништо. Барем ние, инвеститорите на Македската Берза тоа добро го знаеме. Едноставно психологијата на пазарот е таква па дури ни здрави и солидни биланси и раст на приходи и профит се тотално ирелеватни за цените на акциите. Пазарот знае да се однесува чудно навистина многу долго време, доволно време да ве банкротира или да ви ја изеде заштедата.
Токму поради сето ова навременото продавање е една од основните лекции кои мора да ги знае секој инвеститор. Или уште побитно, продавањето со загуба. Не е никаков проблем да направите 3,4 или 7% загуба во даден момент на некоја позиција, многу пострашно е кога ја гледате Вашата инвестиција како тоне и по 80 или 90% знаејќи дека сте можеле тоа да го спречите.
Темпирањето на моментот на продавање и системот кој го имате е веќе сосема друга работа. Тука се работи за индивидуален избор кој може да биде добар или лош, но и е подложен на постојани промени. Но откога ќе бидете спремни некогаш да продадете и со загуба, секако дека немате да имате проблем и да поставите правилна стратегија кога ќе донесете одлука за инвестирање.
Милан Димитриоски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.