05 Декември, 2025
0.2202

ДОЛГ ЗА СУБВЕНЦИЈА: Кој ќе биде ефектот за државата, а кој за земјоделците?

Објавено во: Агробизнис 11 Јануари, 2015 09:45

Добивај вести на Viber

Измените на Законот за земјоделство и рурален развој кои предвидуваат пребивање на долговите на земјоделците со субвенциите, за дел од земјоделците се прифатливи, но дел сметаат дека во новите одредби има серија недоречености. Од Асоцијацијата на земјоделци велат дека и претходно барале долговите што земјоделците ќе имаат за закуп на земјиште, воден надомест, пашарина и други јавни давачки да се пребиваат со субвенциите, бидејќи се случувало за некој минимален долг земјоделците да не успејат да земат субвенции. Тие сметаат дека новите правила се добри за одржување на производството. -Тоа е предлог на земјоделците бидејќи сметаме дека на овој начин многу ќе ни биде олеснета работата, затоа што досега плаќањето на пашарината, водарината и концесиите беше услов за да се добијат субвенциите. Но сега ако не се платени јавните давачки кон државата,тогаш висината на долгот ќе биде сопрена од субвенциите. Тоа значи дека секој земјоделец пред да ги добие субвенциите ќе добие од Управата за јавни приходи извештак дали е должен кон државата или не, ако е должен давачките ќе му бидат пребиени од субвенциите ако не ќе си ги земе субвенциите во целост. Ова е големо олеснување затоа што имаме лоши примери досега, за заборавени долгови од 50 или 60 денари, не беа исплатени повисоки суми на земјоделците, вели Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци. За дел од земјоделците е најасно дали пребивањето ќе важи само за тековната година или ќе се пребиваат одеднаш и заостанатите долгови од претходните години. Поради слабата финансиска моќ, дел од земјоделците со години имаат натрупани долгови, а субвенциите наместо за зголемување и инвестирање во производството ги чекаат и ги користат за покривање на давачките кон државата. Од Регионалниот синдикат на земјоделци прашуваат дали ако им пребиваат долговите и за изминатите години ќе ги добијат и субвенциите за тие години кои тогаш не ги добиле поради неподмирени давачки кон државата. -Ние како земјоделска организација не бевме ниту повикани ниту консултирани за овие измени во Законот за земјоделство. Измените се добри, но што доколку некои земјоделци наназад неколку години ги немаат подмирено давачките кон државата и имаат натрупани долгови? Дали ќе им бидат сопрени средствата и за тие две- три години, и ако е така тие нема ни денар од субвенциите да земат. Од друга страна ако им се пребијат долговите и за тие години, тогаш мора и да им се исплатат субвенциите за тие години, кои поради неплатените давачки не ги добиле, вели Ристо Велков, претседател на Регионалниот синдикат на земјоделци. Според креаторот на законското решенија, со измените земјоделците ќе се ослободат од долговите, а со тоа ќе остварат право на субвенции, бидејќи услов за добивање субвенции е земјоделците да ги имаат подмирено обврските кон државата. -Користењето на средствата и исплатата на истите се врши откако ќе се спроведе постапка за пребивање на обврските од надоместокот за финансиска поддршка со неизмирените финансиски обврски на корисникот на средствата кон Министерството и другите државни органи. На овој начин со преложеното решение се очекува да се подобри наплатата на обврските и јавните давачки како и средствата по основ на остварување на правото на користење на субвенции во земјоделството. Се очекува предложените решенија да предизвикаат позитивни ефекти во натамошната  примена на законот во практиката особено во делот на остварувањето на правото на финансиска поддршка и можноста за врзување на исплатата на субвенциите со намирување на обврските кон државата, стои во образложението на измените на Законот. Како досега се наплатуваа долговите и каков ќе биде ефектот за државата? На терен има земјоделци кои по основ на закуп за земјиште, воден надомест, пашарина и други јавни давачки имаат неподмирени обврски кон државата и по неколку години, поради што немаат земено субвенции. Од Руралната колација сметаат дека субвенциите по закон им следуваат на земјоделците и државата има други механизми со кои може да си ги наплати побарувањата. Тие посочуваат дека за давачките за закуп на земјиште, воден надомест и пашарина, има начин врз основа на  договорите помеѓу двете страни да се изврши наплатата или да се раскине договорот, но земјоделецот сепак да ги земе субвенциите. -За досегашно поднесување на апликациите сточарите кои користеа јавни пасишта мораа да имаат договори и на таа основа плаќаа пашарина, што значи дека на таа основа проблемот со наплата на пашарина беше решен на ефекисан начин на основа на договарање на двете страни. За наемнина на земјоделско земјиште исто така на основа на договор помеѓу двете страни наплатат беше регулирана или ако не се плати наемнината договорите се раскинуваа.За неплатени јавни давачки,  УЈП исто имаше механизими да ги наплати дали преку блокирани сметки дали на фирми или на граѓани, со што на некој начин функционира. Но она што е суштинско во најавените промени во Законот,е водниот надомест, тука е суштината како да се регулира наплатата на водниот надомест. Во најава е формирање на АД на Водостопанско претпријатие кое ќе делува на цела територија на Македонија, а ќе биде формирано од Владата. Досега регулирањето на наплатата одеше преку Јавните Водостопански претпријатија  и Водните  Заедници. Промените во Законот одат во прилог на јакнење на оваа единствено Водостопанско претпријатие. Во целина овие измени ги кршат начелата и принципите на пазарна економија, каде имаме состојба со едно законско решение се земаат пари од сметка на земјоделецот и тоа од трета страна во состојба кога имаме две страни каде едната страна е земјоделецот  корисник на услуга, а од друга страна Јавните претпријатиа (како даватели на услуги) и третата страна Владата, врши наплата без да знае дали услугите за кои земјоделецот треба плати се навистина испорачани. Владата во форма на закон не гарантира дека услугите наведени во договорот помеѓу двете страни, а посебно од страната на Јавните претпријатија ќе бидат дадени на корисниците, вели Трајан Димковски од Руралната Коалиција. Дел од агроекспертите сметаат дека многу од земјоделците или воопшто не ги добиваат субвенциите или пак ги добиваат задоцнето поради што им се натрупуваат долгови. Новите измени во законот за земјоделство што предвидуваат пребивање од субвенциите за покривање на долговите на земјоделците не создаваат развој и конкурентност на земјоделството, коментираат агроекспертите. -Состојбите во земјоделството се влошуваат од година во година, што се должи на честите законски измени и немање докрај разработен план за развој на оваа стопанска гранка. Јавна тајна е дека многу земјоделци немаат земено субвенции за неколку години наназад. Ниту во една од изминатите години тие не се исплатени во целост. Последица на неисплатените субвенции во тек на повеќе години, е создавање на голем долг, повторно на земјоделците кон државата. Барајќи начин како да си ги наплати парите, власта повторно сака да ги надмудри земјоделците кои и онака не се во позиција да ја одбијат понудата. Таа им нуди покривање на долговите со парите од субвенции што законски ги добиваат откако ќе ги покријат сите давачки кон државата. Ова значи дека државата признава дека им одобрила субвенции на кои тие немале право на нив.Нема објаснување за која година ќе се однесуваат субвенциите со кои ќе се покриваат долговите кон државата? За 2010 или за 2011 или за 2012 или за 2013 или пак за 2014 за која немаат исплатено сеуште ништо? Ако државата им покрива долгови на земјоделците со субвенциите од последната година, тогаш каде се парите од субвенции од изминатите неколку години? Впрочем, со ваквата измена во Законот, државата си ги наплаќа долговите од средства што не ги дала на земјоделците, а веќе им ги зема?  Конечно, главната цел на измените е пополнување на државниот земјоделски буџет со парите на земјоделците. На земјоделците им преостанува да го прифатат педлогот за да не им дојдат на врата извршители и да можат непречено да си ја работат својата работа. Колку ќе произведат – тоа веќе не е важно. Важно им е да не останат без работа и да си ги прехранат семејствата, вели професор д-р Татјана Прентовиќ од Факултетот за земјоделски науки и храна. Освен измените кои се однесуваат на пребивањето на долговите на земјоделците, дел од измените предвидуваат дополнување на составот на Агросоветот  со претставник од руралниот туризам, се планираат средства за субјекти кои сакаат да вршат доедуцирање на земјоделците, ќе дозволи давање на орто-фото снимките со кои располага Министерството за земјоделство на трети лица за подобро организирање и планирање на производството.Законските измени поминаа на матичната собраниска комисија, и веќе се ставени на дневен ред на  собраниската седница закажана за следната недела. Ј.С

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

ИМА ДОБРИ ПРИНОСИ, А БАРА МАЛКУ ЃУБРИВО: Оваа култура станува популарна во Војводина

ИМА ДОБРИ ПРИНОСИ, А БАРА МАЛКУ ЃУБРИВО: Оваа култура станува популарна во Војводина

Koj е најголемиот европски центар за производство на зеленчук?

Koj е најголемиот европски центар за производство на зеленчук?