Долгиот пат на еврозоната до опоравување – или пропаст
Објавено во: Свет 03 Јуни, 2013
Европејците обожуваат да ја обвинуваат Америка за нивната криза. Но погледнете ги бројките и јасно е дека еврозоната погрешно управува со своите одговорности. Земете го растот: извозот на Америка ја надмина највисоката точка од пред кризата и продолжува да расте; еврозоната допрва треба да застане на цврста почва и се намалува. Или невработеноста: во 2009 таа застана на 10 проценти на двете страни од Атлантикот, но сега во Америка падна под осум отсто, додека во еврозоната достигна над 12 проценти. Севкупно, еврозната е лошо дизајнирана, а европското економско опоравување е престрого.
Ако европската економија е болнички пациент, тогаш лекарите треба да бидат судени заради нејзино лошо лекување. Во Европа, цената на некомпетентноста се плаќа со невработеноста меѓу младите. Бомбастичните најави дека еврото го победува доларот се минато. Сега целта е само да се сопре падот. Како што велат некои во Берлин, ризикот по Европа сега станува истиот оној кој беше присутен во Латинска Америка во 80-ите.
На самитот на лидерите на Европската Унија кој се одржа минатата недела, се разговараше за теми кои вообичаено се однесуваат на посиромашните земји: откривање на пари сокриени на тајни банкарски сметки, и обврзување мултинационалните компании да си ги платат даноците. ЕУ лидерите во најголемиот дел ги игнорираа своите желби да го предводат светот во намалувањето на емисиите на гас во стаклена градина. Наместо тоа, тие зборуваа за намалување на цените на енергијата, сега кога Америка има огромна корист од камениот гас. Следниот чекор во поправањето на еврото мора да чека до следниот самит во јуни или, што е уште поверојатно, се до изборите во Германија во септемри.
Деновиве во Берлин опсесијата со фискалната дисциплина е предизвикана со фокусот на економските реформи. Надреално е да се слушнат високи претставници како го обвинуваат ММФ што се согласил на престроги мерки за штедење, или Европската Комисија затоа што не успеала доволно брзо да одговори на невработеноста кај младите и да кредитира скоро уништени мали фирми во јужна Европа. Германскиот канцелар Ангела Меркел е посебно горда на некои бројки кои Марио Драги, претседателот на ЕЦБ, ги објави пред лидерите на нивниот самит во март. Тие покажуваат дека платите во земјите со дефицит пораснале од 1999 наваму далеку над продуктивноста. Во Италија продуктивноста беше статична, но платите не успеаја да се прилагодат како во Шпанија или во Португалија. И Франција изгледа загрижувачки како јужноевропски должник, и покрај својата позиција како позајмувач, исто како Германија.
Соодветен одговор треба да бидат структурните реформи, за да се подигне продуктивноста и да се намалат платите. Но првото е тешко да се постигне на краток рок. А второто предизвикува економски болки и може да распали социјални немири. Структурните реформи вклучуваат промена на социјалниот договор кои земјите го изградиле со текот на децениите.
Некои проблематични земји, меѓу кои и Грција, без оглед на се се прилагодуваат - или затоа што тоа се бара од нив со програмите за помош со либерализација на трудот и пазарот на производи, или затоа што невработеноста таму брутално ги намалува платите. Франција претставува поголем предизвик. Не е под притисок од пазарите. Преголема е за да биде условувана од еврократите. И преважна е за Германија за да може гласно да ја критикува.
Падот во Франција може да го потопи еврото. Кога комисијата ќе ги објави препораките за секоја земја поедничено, Франција ќе добие дополнителни две години да ги оствари своите цели од дефицитот; со надеж ќе го искористи тоа време да спроведе структурни реформи. Франсоа Оланд ја признава потребата Франција да ја поврати конкурентноста. Сепак неговиот предлог за реформи во еврозоната не се совпаѓа со желбата за лесен излез од кризата. Тој повика на создавање на „економска влада“, со лидер вработен на неопределено (ЕУ веќе има многу „претседатели“). Неговата задача ќе вклучува хармонизирање на даноците и поттик социјалните системи дополнително да се зајакнуваат. Накратко, дел од одговорот за проблемот со француската конкурентност е секој да си ја подигне цената за својата работа и социјала.
Ова е став кој ја разгневува Германија, која сака Франција да ја прифати глобализацијата како шанса, а не како закана. За г-ѓа Меркел, прашањето не е како да им се помогне на проблематичните земји да ја достигнат Германија, туку како Европа може да биде конкурентна со остатокот од светот. Како Европа ќе преживее во иднина? Зошто европските фирми се мачат да бидат глобално успешни? Ставот во Берлин е дека ако рецесијата создава висока невработеност во периферијата, тогаш за тоа треба да се обвинат ригидните пазари на труд. Растечкиот антигермански сентимент можеби е непријатен, но тоа е цената која вреди да се плати за да се дојде до промени.
Пеколна машина
Како и многу други нешта во еврокризата, фокусот на структурните реформи доаѓа доцна. Владите потрошија голем политички капитал на штедењето, па затоа можеби нема да бидат толку радосни ако треба да ги либерализираат своите економии. Реформата на еврозоната во целина е исто така многу важна. Европската централна банка истапи како заемодавач и последна надеж за државите, но до одреден степен. Финансискиот сектор е стабилизиран со бавното создавање на банкарски унија.
Некои одложувања се заради желбата на Германија да ги намали своите обврски. Но тоа не успева затоа што Франција и други одбиваат да ги модифицираат своите договори, односно заради страв да не изгубат на референдуми. Барањето на Британија за повторно преговарање за нејзиното членство го прави овој исход уште помалку атрактивен. Сепак ќе биде грешка да се преправаме дека еврото може да преживее без поголемо споделување на ризиците. Невеселиот Оланд се обиде да го прифати предизвикот на Меркел за поголема политичка унија, како цена за поголема солидарност. Тој рече дека е подготвен за тоа, но по две години. „Ако Европа не тргне напред, таа ќе пропадне, или уште подобро, ќе исчезне од картата на светот“, додаде тој. Индиферентноста со која беше поздравен овој повик кажува многу за загубеното влијание на Франција. Оланд можеби маневрира во пресрет на изборите во Германија, но малкумина очекуваат да се смени германската политика.
Високи европски службени лица тврдат дека Европа „не е држава“, па затоа не може брзо да одговори - секако не толку одлучно како Америка. За еден песмист набљудувач во Берлин, еврото стана „пеколна машина која никој не може да ја сопре“. Сега кога државите се заглавени во неа, тие имаат должност да ја поправат.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.