08 Декември, 2024
0.0299

ИНТЕРВЈУ ЛАЗЕ КАМЧЕВ, НЛБ ФОНДОВИ: Инвестициските фондови не се само за богатите, тие нудат опции за секој инвеститор

Објавено во: Финансии, Интервјуа 26 Ноември, 2024

Добивај вести на Viber

Кај нашиот народ сè уште постои стереотипот на „сигурни“ и „ризични“ инвестиции, кои ги диктираат инвестициските одлуки на луѓето. Се чини дека вложувањата во недвижности или банкарски депозит се на врвот на листата на сигурни инвестиции, наспроти инвестициските фондови кои се перцепирани како непредвидливи и не за секого. Но, ниту една инвестиција не е целосно без ризик. Би рекол дека првиот чекор кон демистификација на инвестициските фондови е дека тие не се само за богатите. Тие нудат опции за секој инвеститор, а банкарските и инвестициските експерти ги едуцираат и им помагаат на клиентите да ги усогласат своите можности и финанските цели кои сакаат да ги постигнат, вели во интервју за Фактор, ексклузивно по ребрендирањето, Главниот извршен директор на НЛБ Фондови, Лазе Камчев.

Неодамна друштвото со кое раководевте, „Генерали инвестментс АД Скопје“, беше преземено од НЛБ Склади управување со средства, со што практично го добивте брендот НЛБ Фондови АД Скопје, и влеговте во успешното семејство на НЛБ Групацијата. Што значи добивањето на овој моќен бренд за компанијата, дали очекувате дека тоа ќе ја зајакне нејзината позиција на пазарот?

Камчев: Како што знаете, НЛБ е една од најголемите финансиски компании која во овој регион и натаму гледа огромен потенцијал за инвестиции и раст, а нашата земја е еден од стратешки најважните пазари за Групацијата, па не случајно кон крајот на 2022 година Групацијата основаше лизинг компанија, а само една година подоцна го комплетираше своето портфолио на производи со услуги за управување со средства, аквизирајќи еден од најдобрите инвестициски фондови на пазарот, „Генерали Инвестмент“. Ова се стратешки потези на Групацијата која продолжува да го зајакнува своето присуство во регионот на Југоисточна Европа.

По официјалното ребрендирање на Генерали Инвестментс во НЛБ Фондови кое се случи кон крајот на октомври, сега практично веќе работиме под, како што велите, моќниот бренд на НЛБ Групацијата. НЛБ Групацијата е 100 отсто сопственик на НЛБ Склади, која, пак, со години одржува водечка позиција на пазарот на инвестициски фондови во Словенија и постојано остварува најголем удел од приливите. Со моќниот бренд на НЛБ, наследувајќи го постојаниот квалитет кој Групацијата го има како предводник во својата индустрија, друштвото доби уште поголем кредибилитет и ниво на доверба меѓу клиентите на стабилен финансиски партнер.

Можете ли да ни објасните, пак, каков квалитет Вашето друштво ќе донесе за брендот на НЛБ Групацијата овде во земјава, со оглед што НЛБ Банка тука работи долг период и е целосно етаблирана, а важи и за една од најуспешните банки во нашиот банкарски систем?

Камчев: За Банката, поседување или партнерство со друштво за управување со инвестициски фондови значи повеќе понуди за клиентите, односно надополнување на основното банкарско портфолио со услуги за управување со средства, како управување со заштеди, диверзификација на портфолио, планирање на пензија и останати долгорочни вложувања. Практично, сега Банката може да понуди широк опсег на финансиски производи, задоволувајќи ги дури и најспецифичните потреби на клиентите.

Синергијата ни овозможува и вкрстена продажба за да достигнеме поширока база на клиенти, притоа давајќи можност секој клиент да добие консултативни експертски услуги и персонализиран предлог за управување со средствата.

Синергијата помага и да се привлечат поединци со висока нето вредност и корпоративни клиенти кои бараат приспособени инвестициски решенија.

Сопственоста на Друштвото за управување со инвестициски фондови во рамките на Групацијата ја позиционира Банката како „финансиски супермаркет“, зајакнувајќи го нејзиниот имиџ на институција која нуди сеопфатни финансиски решенија.

Факт е дека во земјава е многу мала свесноста за инвестирање во инвестициски фондови, се стекнува впечаток дека луѓето ги перцепираат како ризични и речиси и да не ги гледаат како опција за принос. Како да се разбие овој стереотип и како да се раздвижи инвестицискиот пазар за ваков тип на понуда?

Камчев: Кај нашиот народ сè уште постои стереотипот на „сигурни“ и „ризични“ инвестиции, кои ги диктираат инвестициските одлуки на луѓето. Се чини дека вложувањата во недвижности или банкарски депозит се на врвот на листата на сигурни инвестиции, наспроти инвестициските фондови кои се перцепирани како непредвидливи и не за секого. Но, ниту една инвестиција не е целосно без ризик. На пример, вредноста на недвижноста може да варира, продажбата на имотот, во момент кога ви требаат пари, не оди лесно. Освен како ризични, инвестициските фондови се перцепирани и како сложени финансиски инструменти кои, едноставно, не се за секого.

Дополнително, некои луѓе се плашат од потенцијални загуби на краток рок. Намалување на вредноста на инвестицијата во одреден период е психолошки двојно посилна од задоволството од добивка. Оттука и  неодлучност, неактивност, инерција или внатрешен отпор кон инвестициските фондови.

Би рекол дека првиот чекор кон демистификација на инвестициските фондови е дека тие не се само за богатите. Тие нудат опции за секој инвеститор, а банкарските и инвестициските експерти практично ги едуцираат и им помагаат на клиентите да ги усогласат своите можности и финанските цели кои сакаат да ги постигнат. Праксата покажува дека инвестирањето во инвестициски фондови треба да се однесува на еден дел од заштедите, половина или помалку. И во рамките на тој износ да се изберат неколку инвестициски фондови.

Ние во НЛБ работиме редовно на едукација на инвеститорите за динамиката на пазарот, изборот на фондови и управувањето со ризикот и на тој начин ја подобруваме довербата. Нудењето јасни насоки за долгорочните придобивки и стратегии ја намалува, условно кажано, паниката за време на падови.

Кај нас, секој клиент добива персонализирани совети, а приспособувањето на препораките од фондовите кон индивидуалните цели и толеранцијата на ризик создава подобро усогласување. Преку транспарентност и комуникација, редовни ажурирања на перформансите и поедноставено известување, градиме долгорочна доверба.

Која е предноста на инвестициските фондови наспроти самостојното инвестирање?

Камчев: Вложувањето во инвестициски фонд му овозможува на инвеститорот да заштеди време и енергија. Инвеститорот не мора да прави ништо друго освен внимателно да избере соодветен инвестициски фонд, да пополни документација за пристап до фондовите и да префрли средства на сметката на фондот. За сè друго се грижи инвестицискиот фонд, односно неговиот портфолио менаџер. Клиентот секогаш може да ги повлече своите средства, парите се на неговата сметка најдоцна во рок од пет работни дена од барањето за исплата, што е особено важно кога на инвеститорите им се потребни средства брзо и во форма на готовина поради неочекувани трошоци. И на овие предности, би додал уште и можност за повисок принос од стандардните банкарски депозити, професионално управување и флексибилност. Вложувањето средства во НЛБ Фондови овозможува редовни уплати на помали износи со мали трошоци, а разновидноста на понудата му овозможува на секој инвеститор да го избере производот што најмногу одговара на неговите преференции.

Какви инвестициски производи Вие ќе им понудите на клиентите и каков очекувате дека за нив ќе биде интересот?

Камчев: Друштвото на клиентите им нуди 5 различни инвестициски фондови. Дополнително ја имаме услугата за индивидуално управувано портфолио, персонализирана услуга за креирање на портфолио прилагодено на конкретни преференции на клиентот. Во рамките на инвестициските фондови клиентите имаат можност да изберат еднократни уплати, но исто така голем дел од нив инвестираат и преку програмирани уплати. Програмираното вложување значи да се утврди одреден, релативно помал месечен износ кој би се инвестирал во инвестициски фонд на редовна основа. Во понудата ги имаме и комбинираните инвестициски производи, т.е инвестициски фондови поврзани со банкарски депозити и инвестициски фондови поврзани со животно осигурување. Со тоа клиентите комбинираат повеќе класи на средства, стратегии или финансиски цели во еден производ. Овие производи обезбедуваат диверзификација, професионален менаџмент, поедноставени инвестициски процеси.

НЛБ Фондови Скопје управува со четири типа на фондови, односно акциски, обврзнички, комбинирани и парични фондови. Можете ли попрецизно да објасните за потенцијалните инвеститори какви се овие фондови, колку се ризични, и кој би бил бенефитот за оној што ќе одлучи преку нив да ги инвестира своите средства?

Камчев: Во делот на понудата на инвестициски фондови за потенцијалните клиенти, со стартувањето на обврзничкиот фонд, практично ја заокруживме целината од аспект наризичност и принос на фондови. Инаку,секоја категорија на фонд има свои карактеристики.

Паричниот и обврзничкиот фонд се наменети пред сè за поконзервативни инвеститори кои имаат краткорочен или среднорочен временски хоризонт, и претпочитаат поголема стабилност за своите средства. Овие два фонда важат за едни од најниско ризичните и се наменети за превенција на капиталот.

Комбинираниот и акциските фондови се наменети за инвеститори кои имаат долгорочен временски хоризонт и стабилни приходи. За сметка на тоа се спремни да преземат средно до повисоко ниво на ризик и да прифатат евентуална осцилација, соодветно на типот на фондот. Поради тоа, овој тип на инвеститори остваруваат натпросечни и атрактивни приноси.

Добро диверзифицирано портфолио и долгорочна перспектива се од суштинско значење за да се постигнат конзистентни и поволни приноси. Затоа е потребно, секогаш да се усогласат инвестициите со толеранција на ризик, финансиски цели и инвестицискиот хоризонт на клиентот.

Нина Нинеска-Фиданоска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ЕВЕ КОЛКУ ЧИНИ ДА СЕ ОБЕЗБЕДАТ НАЈБОГАТИТЕ ИЗВРШНИ ДЕИРЕКТОРИ НА СВЕТОТ: Маск и Цукерберг најскапи

ЕВЕ КОЛКУ ЧИНИ ДА СЕ ОБЕЗБЕДАТ НАЈБОГАТИТЕ ИЗВРШНИ ДЕИРЕКТОРИ НА СВЕТОТ: Маск и Цукерберг најскапи

СЕ МИЛИОНЕРИ ДО МИЛИЈАРДЕРИ: Новиот претседател на Америка ќе го има најбогатиот кабинет во историјата на светот

СЕ МИЛИОНЕРИ ДО МИЛИЈАРДЕРИ: Новиот претседател на Америка ќе го има најбогатиот кабинет во историјата на светот

ПОЗНАТ БАНКАР И ЧЛЕН НА УПРАВНИОТ ОДБОР НА СТОПАНСКА БАНКА СКОПЈЕ СТАНУВА ВТОР ЧОВЕК НА БАНКАРСКИОТ ЕСНАФ - Бојан Стојаноски именуван за заменик претседател на МБА

ПОЗНАТ БАНКАР И ЧЛЕН НА УПРАВНИОТ ОДБОР НА СТОПАНСКА БАНКА СКОПЈЕ СТАНУВА ВТОР ЧОВЕК НА БАНКАРСКИОТ ЕСНАФ - Бојан Стојаноски именуван за заменик претседател на МБА

БИТКОИНОТ НА ИСТОРИСКИ НАЈВИСОКО НИВО: надминува 100.000 долари, аналитичар: Ова значи три работи

БИТКОИНОТ НА ИСТОРИСКИ НАЈВИСОКО НИВО: надминува 100.000 долари, аналитичар: Ова значи три работи

МВР го зајакна возниот парк! Полицијата плати 447.000 евра за бензинци со алумински бандажи, дел се со автоматски менувачи

МВР го зајакна возниот парк! Полицијата плати 447.000 евра за бензинци со алумински бандажи, дел се со автоматски менувачи

БРОЈКИТЕ ИЗЛЕГОА НА ВИДЕЛИНА, КОЛКУ ПРОФИТИРАШЕ МАКЕДОНСКИОТ БАНКАРСКИ СЕКТОР - уште еднаш се потврди дека нето приходите од камати се главниот извор

БРОЈКИТЕ ИЗЛЕГОА НА ВИДЕЛИНА, КОЛКУ ПРОФИТИРАШЕ МАКЕДОНСКИОТ БАНКАРСКИ СЕКТОР - уште еднаш се потврди дека нето приходите од камати се главниот извор

НА 5 ДЕКЕМВРИ Е СВЕЧЕНОТО ОТВАРАЊЕ НА СКИ ПАТЕКИТЕ НА КОПАОНИК: Проверете дали ќе ви се допаднат цените

НА 5 ДЕКЕМВРИ Е СВЕЧЕНОТО ОТВАРАЊЕ НА СКИ ПАТЕКИТЕ НА КОПАОНИК: Проверете дали ќе ви се допаднат цените

ЕВЕ КОЛКУ ЧИНИ ВОЗЕЊЕ ВО НОВОТО МЕТРО ВО СОЛУН: Археолошка изложба за смешна цена

ЕВЕ КОЛКУ ЧИНИ ВОЗЕЊЕ ВО НОВОТО МЕТРО ВО СОЛУН: Археолошка изложба за смешна цена

ВИСОКА КАЗНА ЗА ГОЛЕМАТА АМЕРИКАНСКА БАНКА - JPMorgan треба да плати скоро 2 милиони долари за „недолично однесување“

ВИСОКА КАЗНА ЗА ГОЛЕМАТА АМЕРИКАНСКА БАНКА - JPMorgan треба да плати скоро 2 милиони долари за „недолично однесување“