ДОМАТИ КОИ ТЕЖАТ НАД 700 ГРАМА: Млад прилепчанец сади повеќе сорти и открива како до подобар род
Објавено во: Македонија, Агробизнис 26 Август, 2024 07:35
Младиот агроном
Филип Димкоски од Прилеп поседува органска градина и деновиве на социјалните
мрежи објави фотографии од домати кои
тежат над 700 грама.
Граѓаните на ова искоментираа дека еден ваков домат е доволен за да се направи салата за целото семејство. Како агроном Димкоски објаснува дека доматите се една од најзастапените култури во земјава. Лично тој сади повеќе сорти.

„Доматите се едно од најпосакуваните и најмногу одгледуваните култивирани градинарски растенија. Одгледувам триесетина култури во мојата градина, но голем дел од просторот зафаќаат токму доматите. Секогаш сеам повеќе сорти со цел да ги имам што подолго и да бидат што поразновидни. Бидејќи работам и во пластеник и на отворено, имам сорти кои добро успеваат на отворен простор и сорти кои успеваат подобро во заштитен простор. Така годинава имам Новосадски јабучар, Амиш паста, Ред пеар, Бечејски јабучар. За голем дел од овие домати чувам мое семе кое е нетретирано или е купено или земено од производители на органски зеленчук. Доматите кои предизвикаа интерес годинава се од сортите Бечејски јабучар и Биг биф. Мора да се знае дека големината и формата најчесто се сортна карактеристика, но сепак зависи од условите кои ги има растението и од начинот на одгледување. Кај мене кај ниеден производ не се користи начин на форсирање на растот или зреењето. Производите од Градината на Филип се одгледувани на еколошки начин. Тоа значи дека не користам никакви пестициди кои се производ на хемиската индустрија. По потреба користам органски препарати, а најчесто се тоа препарати кои сам ги подготвувам“, вели Димкоски.
Тој додава дека луѓето сакаат ваков тип на домати.
„Интересот за ваквите производи, особено за овие домати е голем. Но, ваквите производи се придобивка за локалните купувачи бидејќи тешко поднесуваат транспорт. За да ги зачуваме вистинските вкусови и мириси потребни ни се што повеќе локални производители од кои ќе се снабдуваат локални купувачи. Така ќе се скрати времето на транспорт, а со тоа ќе се задржат свежината и нутритивните вредности на производите“, додава Димкоски.

Вели дека само од органски одгледани домати може да се направи органска зимница со полн вкус и мирис.
„Добро е да се знае дека доматот при варењето подобро го испушта ликопенот што значи дека нутритивните вредности не се загрозени при подготовката на зимница, иако во мала мера се намалува витаминот Ц и некои други состојки. Но, сепак, ликопенот е носечка состојка која е важно односно примарно да ја искорстиме од доматот“, вели Димкоски.
Претходно во земјава сме читале во медиумите за големи јаболка, тикви и други земјоделски производи. Инаку, на социјалните мрежи земјоделците имаат свои групи каде споделуваат совети за зеленчукот и овошјето, но истовремено тие им служат за да покажат какви се сорти одгледуваат во полињата. И статистички во Македонија, пиперките и доматите предничат во произведени количини во однос на другите зеленчуци.
Сања АтанасовскаМожеби ќе ве интересира
Желјазков: Немаме нерешени билатерални прашања со Република Северна Македонија
Петре Шилегов бара оставка од лидерот на СДСМ, Венко Филипче
Арсовска од медиумите дознала дека треба да пријави имотна состојба, ја обвини ДКСК за јавен линч
Собранието го изгласа пакетот закони потребни за целосно функционирање на системот „Безбеден град“
Собранието донесе Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција
Грчкото МНР реагира за изјавата на Мицкоски: Секој обид за фалсификување или менување на содржината на Договорот oд Преспа нема да биде прифатен
„Кој има две блузи, нека даде една на оној што нема ниедна“: Празнична солидарност на дело - Велешани со пример за цела Македонија
Наводите за привилегии за тендерите се неточни, велат од Владата по обвинувањата за давање милионски тендери




