ДОМИНИРААТ ДАМИ: Ова е екипата со која ќе работи новата министерка за финансии Ангеловска
Објавено во: Економија 15 Септември, 2019
Министерството за финансии е екипирано со квалитетни кадри со кои верувам дека сите од кабинетот ќе имаме одлична соработка и заедно ќе воведеме нова динамика на работење која ќе покаже брзи резултати. Ова го соопшти новата министерка за финансии Нина Ангеловска презентирајќи го тимот со кој ќе работи.
Ангеловска се одлучила во тимот да доминираат дами а честа за шефица на кабинетот и припадна на Кристина Попова .
Останатите три дами кои ќе работат заедно со Нина се Ивана Станковиќ која ќе биде посебен советник за јавен долг и финансиски систем, потоа Олимпија Христова Заевска која ќе ја советува за меѓународни финансии, ИПА и односи со ЕУ и последната дама од тимот е Анја Марија Макеска која ќе биде задолжена за јавноста и информирањето на истата.
Во тимот како надворешни консултанти Нина ги избрала и Маријан Петрески и Павле Гацов и со нив како што објаснува самата министерка ќе соработува во областа на макроекономијата и даночните политики.
Ангеловска на функцијата министер за финансии дојде неодамна а веќе заедно со премиерот и го скроија ребалансот на буџетот.
Фактор неодамна објави текст во кој го анализиравме работењето на нејзиниот „Групер“.
Ако го пресликаме „Групер“ во јавниот сектор каде што Нина ќе треба да се бори со многу крокодили значи ќе треба: да ја мотивира армијата административци да работи рационално и да ги цени парите што ги зема или да се проба на пазарот на труд, вгодина да ни понуди историски прв помал буџет, да го запре растот на долгот, да ги дигне капиталните инвестиции и да воведе конкурентност во нашата економија.
Ангеловска е млада амбициозна жена коосновач и косопственик на трговска платформа позната како „Групер“ која посредува на продавачи на стоки и услуги и ги прави подостапни за клиенти.