19 Март, 2024
0.0223

Досие Ципрас - Модерен левичар или верификатор на глобализмот со Преспанскиот договор?

Објавено во: Анализа 02 Април, 2019

Добивај вести на Viber

Грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе биде прв предводник на владата на Грција кој ќе престојува во официјална посета на Северна Македонија. Ципрас своите политички почетоци ги има како активен комунист и портпарол на студенските левичарски организации, за потоа да успее да формира Влада со релативно потценета Сириза која силно се бореше против строгите мерки за штедење. Неговиот мандат на кој му се ближи крајот ќе биде одбележан со два препознатливи договори, третата транша помош од ЕУ и секако договорот од Преспа со кој го реши проблемот со името исполнувајќи ги речиси сите грчки национални интереси и црвени линии.


Подемот на Ципрас

Алексис Ципрас совршено се вклопи на грчката политичка сцена како свежо решение по децениското менување на власта меѓу Неа Демократија и ПАСОК. Двете партии ги исцрпеа своите идеолошки матрици, придонесоа за речиси финансиски колапс на Грција и ја изгубија довербата од меѓународната заедница дека може да ги решат билатералните спорови со соседите. Ципрас кој на Грците сакаше да им влее надеж за економски просперитет мораше да прифати компромис пред се со германската канцеларка Меркел која не сакаше да дозволи пропаст на еврото доколку се случеше јужниот сосед да ја напушти еврозоната. Политичарот од Атина прифати голем дел од мерките за штедење и фискална консолидација и ја реанимираше грчката економија која се уште не е целосно поправена. Ваквиот "дил" придонесе да се разотидат политички со Варуфакис, рокерот и бунтовник задолжен за фискалната политика на Грција. Подоцна Варуфакис кој беше еден од најпопуларните европски политичари ќе формира сопствено политичко движење со нови идеи за левицата која има идентитетска криза како да функционира во ера на европски популизам и застарени реторики кои не нудат квалитетни решенија. Без Варуфакис и неговата харизма сепак, се отвори поголем простор за самиот Ципрас да се наметне како вешт политичар, неуморен оратор кој ќе и нанесува рани на опозицијата во грчкиот парламент и секако еден од омилените лидери на ЕУ и САД во евроатлантскиот двор.


Договорот кој може да му донесе Нобелова награда

Премиерот Ципрас најголемата победа ја оствари со решавањето на спорот со името со блиската соработка со македонскиот премиер Заев. Како што и самиот Заев кажа тие се родени во иста година, 1974-та и имаат многу слични погледи кон левичарската политика и евроатлантските интеграции. Патот кон Преспа значеше најпрво Ципрас да го почитува националниот консензус, да наметне ерга омнес решение, промена на македонскиот Устав и како што милуваат секогаш да обвинат грчките политичари, целосно да го искорени иредентизмот на 

Скопје. Пред сопствената јавност Ципрас релативно лесно успеа да докаже дека со Договорот од Преспа е одлично решение за Грција со мали и неопходни компромиси за стабилен Балкан и европска иднина. Обвинувањата дека ги предал интересите на "грчка Македонија" можеби ќе му го одземат вториот мандат, но следната победа на избори нема да зависи целосно од спроведувањето на договорот од Преспа туку и генералното задоволство од владеењето на Сириза која се соочи со политичката реалност која не е толку идеална како што тие замислуваа на маргинализираните левичарски собири и митинзи туку сурова со еден грчки политички монолит кој тешко се реформира за четири години. Без оглед на реакциите на македонската и грчката политика, Ципрас денес може да се гледа како еден од лидерите кој ги одбрани темелите на глобалната политика на Европа со тоа што се согласи на договор со кој најпрво Северна Македонија ќе стане членка на НАТО пактот, а потоа без блокади и вето ќе може да продолжи кон членство и во ЕУ.


Фудбал и атеизам 

Ципрас кога не е под силните рефлектори на регионалната и европската политика сака да оди на натпреварите на грчкиот фудбалски тим Панатинаикос, а израснал во близина на стадионот. Неговите левичарски романси придонеле синот да го крсти Ернесто во чест на револуционерот Че Гевара. Нема склопено формален брак, но во долгогодишна заедница е со Перистера Бецијана, негова љубов уште во времето на младинските левичарски движења и протести на која и самата Бети била дел. Тој е единствениот грчки премиер кој не даде заклетва врз Библијата кога беше свечено прогласен за прв министер на владата. 


Х. С.

Можеби ќе ве интересира

ДАЛИ ВРЕДИ ДА СЕ КУПУВА ПОЛОВЕН АВТОМОБИЛ? „Кога ќе ја видам километражата околу 150.000 километри, првото нешто што ми паѓа на памет е дека километражата е вратена“

ДАЛИ ВРЕДИ ДА СЕ КУПУВА ПОЛОВЕН АВТОМОБИЛ? „Кога ќе ја видам километражата околу 150.000 километри, првото нешто што ми паѓа на памет е дека километражата е вратена“