ДОСИЕ Слободан Богоевски: Дали контраразузнавачот има моќ да го возврати ударот?
Објавено во: Анализа 20 Април, 2013
„Почетокот на распадот на поранешната СФРЈ, со војните во Словенија и Хрватска, го затекнав како шеф на Службата за државна безбедност на Македонија, на која должност бев од март 1991 до јануари 1997 година. Претходно, целиот работен век го минав во областа на безбедноста. Како непосреден актер и сведок на тие важни настани и самиот денес си го поставувам прашањето – каде исчезна огромната енергија на македонскиот народ и неговиот стремеж, толку силно изразени во почетокот на 90-тите години кога Македонија целосно се осамостои од СФРЈ, за свој државно-правен, национален и културен идентитет“, изјавил Богоевски во едно интервју од 2005 година, дадено за Тема1.Врските со ВМРО-ДПМНЕ Зошто двоецот Црвенковски-Глигоров одлучи да го смени од моќната функција остана непознато, но овој потег влијаше тој да се доближи повеќе до ВМРО-ДПМНЕ. Откако, партијата за прв пат да дојде на власт, тој беше именуван за советник за безбедност на Владата. На таа позиција остана до 2000 година кога без посебно образложение беше разрешен. Во исто време, министер за внатрешни беше Павле Трајанов, кој важи за близок пријател на Богоевски уште од времето на „осумтемина“. Како близок човек на Богоевски во ВМРО-ДПМНЕ уште од 90-тите се споменува Борис Змејковски, поранешен генерален секретар на партијата. Некои нив двајца ги сметаат и за најзаслужни за организирањето на враќањето на македонските војници од ЈНА по почетоток на војните во бивша Југославија. За нивните контакти уште пред прогласувањето на независноста во интервју за Дојче Веле пред две години сведочеше и Трајанов:
„На 2 август 91-ва бевме во станот на Змејковски, заедно со Доста Димовска, Слободан Богоевски и јас тогаш, пред нив, предложив да организираме востание, општонароден отпор доколку раководство не се согласи да се оди на референдум, зашто се сомневаа во неговиот успех. Сомничевост во позитивен исход се појави и во раководството на ВМРО“, рече Трајанов, тогаш висок полициски функционер.За врските меѓу Змејковски и Богоески лани јавно проговори и Љубчо Георгиевски, кој револтиран што Змејковски не го спомена меѓу основачите на ВМРО-ДПМНЕ јавно побара од него „околу идеологијата, да објасни како тоа Слободан Богоевски повеќе од 20 години му е најблизок политички соработник“. Му се подготвуваше и лустрација? Во последните десетина година, поранешниот прв контраразузнавач целосно се повлече од јавниот живот, со исклучок на неколку интервјуа и изјави, и се посвети на бизнис. Се смета дека има силни конекции со луѓе од деловниот свет во регионот, кои благодарение на неговата добра информираност за состојбите и релациите во земјава прават анализи и носат одлуки дали и во што да инвестираат во Македонија. Сепак, се веруваше дека тој и понатаму одржува блиски контакти со луѓе од политичкиот и безбедносниот врв на земјава, па дури дека тој е и неформален советник на некои од нив. Затоа, неговото апсење одекна како гром од ведро небо во јавноста, која си постави многу прашања. Зошто сега, дали му сметаше некому, има ли врска најавената разврска на спорот со Грција и слично... Како и да е, дека Богоевски не е баш во најдобри односи со власта, јасно стана уште есеноска, кога во медиумите се појавија информации дека наводно се поготвувала негова лустрација, која била стопирана во последен момент, поради наводните закани од Богоевски до неколку видни функционери на ВМРО –ДПМНЕ дека сите документи за соработниците на тајните југословенски служби ги има, и ќе ги објави во сите медиуми доколку се случи негова лустрација. Посебно се споменуваа поранешен висок македонски дипломат и заменик-министер од широката влада од 2001. Дали Богоевски поседува некакви информации и документи што може да компромитираат некого се разбира не е познато, но упатените во политичко-безбедносното милје се сигурни дека тој е човек што знае многу и за многумина, па велат дека по неговото апсење нема да биде изненадување ако тој на некој начин се обиде да го возврати ударот. Гоце Михајлоски