24 Април, 2024
0.0256

Досие Вес Мичел - Дипломат булдожер или мека рака?

Објавено во: Анализа 13 Март, 2018

Добивај вести на Viber

Кој всушност е Вес Мичел, новиот функционер во Стејт Департментот на САД? Вес Мичел доаѓа на истата позиција која до неодамна делумно ја вршеше Брајан Хојт Ји како заменик државен секретар задолжен за Југоистична Европа и е назначен на функцијата во 12 октомври 2017 година. Попрецизно Мичел го доби истото место кое повеќе години го водеше Викторија Нуланд, кадар во Стејт Департментот кој најмногу резултати забележа во администрацијата на Барак Обама, особено додека државен секретар беше Хилари Клинтотн. 

 Мичел е најавуван како дипломат булдожер кој треба да даде јасен пат за конечно решавање на спорот за името како претставник на САД, најпрво со денешната посета на Македонија, а потоа и во Атина в четврток. Сепак, неговото „тазе“ назначување, како и долгите години поминати во невладиниот сектор укажуваат на еден сосема поинаков вид на американски дипломат кој повеќе припаѓа на професорската и аналитичката фела, отколку на некаков моќен булдожер кој би имал доволно сила, моќ, знаење и искуство да спроведе една таква мисија за која досега пишуваа повеќето медиуми, лесно споредувајќи го со Хојт Ји или со Нуланд, и двајцата доста моќни играчи кои имаа деликатни мисии во Македонија и претходно во Украина.

Новиот дипломат ги застапува интересите најпрво на претседателот Доналд Трамп, како и актуелниот американски државен секретар Рекс Тилерсон за која пак во САД дел од јавноста има сомнежи дека не се согласува целосно со Белата куќа, а има можност и да си даде оставка ако се зголеми притисокот и некоординацијата. Инаку Тилерсон е поранешен директор на Ексон Мобил за нивните операции во Русија и токму таа конекција го стави во немилост на дел од американските медиуми и разузнавачка заедница која води своја истрага за наводна соработка со руските државни служби при американските претседателски избори. 

Вес Мичел поминал 12 години како еден од челните луѓе на тинк-тенк организацијата Центар за анализа на европски политики CEPA, од кои 8 бил главен извршен директор и претседавач на бордот на директори, како и задолжен за одделението за развој, со главни канцеларии во Варшава, Полска и Вашингтон, САД.

Претежно CEPA се занимава со прашања во Средна Европа во земји како Чешка, Полска, Словачка, Унгарија, а помалку со Источна Европа и Балканот. Вес Мичел е доктор на политички науки од Фрај Универзитетот во Берлин. За него се смета дека голем дел од кариерата ја поминал во неутрализирање на руското влијание во Источна Европа и дека се застапува за проширување на НАТО со изградба на силни односи меѓу САД и државите од источниот блок, како и со Балканот.

Во таа смисла на неговата агенда сигурно е Македонија да го надмине спорот за името со Грција и да стане членка на НАТО, но на кој начин ќе го претстави и води тој процес останува засега да процениме само според неговата досегашна кариера и искуство, како и од понатамошните активности во Скопје и Атина.

Автор: Христијан Станоевиќ