Дождливите денови се идеални за собирање на полжави – колку може да се заработи?
Објавено во: Економија 14 Јуни, 2022 07:05
По дождот во природа се раздвижуваат полжавите, но и собирачите за кои ова е шанса да заработат некој денар плус.
Деновиве имавме дождливо време, а во земјава има над 1.000 собирачи на полжави, иако со текот на годините нивниот број се намалува. Оние кои собираат полжави се најчесто средовечни луѓе. Тие имаат искуство, ја знаат работата, и теренот каде редовно собираат полжави. За килограм полжави добиваат по 30 или 35 денари, а во сезона за собирачите има работа 20 до 25 дена. Некои успеваат да соберат по 10, 20, а други дури и по 50 или 100 килограми на ден.
„Имаме собирачи скоро од цела Македонија, со тоа што во Гевгелија и Струмица, во тој крај се зафатени со земјоделство и таму скоро и да не се собира полжав. Собирачи на полжави има во Крива Паланка, Куманово, Кратово, Пробиштип, Штип, Кочани и други градови. Важно е полжавите да се стават во мрежеста вреќа, a дијаметарот да не им биде под 27 милиметри. По дождовите, полжавите се раздвижуваат по дворови, во природа, ги има насекаде, но бројот на собирачи не е како порано затоа што веќе и нема толку луѓе по селата како некогаш. Младите не се многу заинтересирани, најчесто собирачи се луѓето во средни години или постари. Секој ден не се собираат полжави, нив ги има на влажни места, и по дождот излегуваат надвор“, вели Љабинот Круезиу, организатор на откуп на полжави.
Тој објаснува дека во Македонија има голем капацитет за да се работи на собирање на полжави, но од повеќе причини тој потенцијал не е искористен. Собраните полжави завршуваат во фабрика за преработка. Април и мај важат за месеци кои се најпогодни за собирање на полжави, а делумно активноста продолжува и до средината на јуни.
Од компанијата „Теа Плантс“ од Велес објаснуваат дека собирачи на полжави има, но сепак не е како порано.
„Има стотина собирачи, кои собираат полжави покрај реките Вардар и Бабуна. Има и собирачи во Чашка, но сега транспортот е скап, и тоа ги одвраќа, затоа што тие треба да одвојат 10 килограми полжави за да го покријат превозот“, додаваат од оваа фирма.
Со парите заработени од собирање на полжави, граѓаните можат да го надополнат својот семеен буџет. Многу семејства во земјава се трудат да заработат и од собирање на билки, шумски плодови, печурки.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
Можеби ќе ве интересира
Кои европски земји имаат најниски нивоа на БДП по глава на жител?
Ристески објасни како од 1 јануари ќе ја пресметуваат просечната потрошувачка кошничка
Цената на среброто скокна над рекордните 65 долари за унца
Фатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
„Бауер БГ“ ја реконструира Палата АСНОМ по стара шема, со нови анекс-договори од 700.000 евра засега
КУПЦИТЕ НА СТАНОВИ МОЖЕ ДА ЗДИВНАТ – повластената даночна стапка останува и следните три години
Кончар потпиша договор со позната американска компанија
ВАЛУТАТА ПОТОНА: Се тргуваат 1,3 милиони риали за еден американски долар




