ДРАГАНА ЧЕРНИХ: Земјотресот е најобјективен ревизор на градбите
Објавено во: Македонија 29 Ноември, 2019
Земјотресот е најобјективен ревизор на градбите, вели д-р Драгана Черних, раководител на Сеизмолошката опсерваторија при Природно – математичкиот факултет во Скопје.
Таа вели дека ниту еден сериозен сеизмолог не може да предвиди кога ќе има земјотреси. Черних објаснува дека сите информации кои деновиве беа пренесени во медиумите дека во наредните два месеци ќе има земјотреси, всушност се погрешно интерпретирани изјави на сеизмолозите од регионот.
„Вообичаено Грција и Албанија имаат малку поголема сеизмичка активност од Македонија, и кај нив почесто има земјотреси. Во Кефалонија често има длабоки земјотреси. Граѓаните треба да бидат смирени и да станат свесни за начинот за градење на грабдите, можеби треба и законите во тој дел да бидат построги“, рече Черних.
Дури и понапредни земји во светот кои имаат современа апаратура, не можат да ги предвидат земјотресите.
Таа потенцира дека е многу важен начинот на градење, за да се заштити населението во случај на земјотрес.
Соседна Албанија се соочува со катастрофа, смртни последници, огромни штети откако ги погоди силен земјотрес, по што имаше и повеќе други потреси.
Земјотреси освен во Албанија деновиве имаше во Грција, БиХ, Црна Гора. Дел од потресите се почувствувани и во Македонија, во западниот дел и во Скопје.
Во Албанија некои семејства загубија по неколку членови, откако ги затрупале зградите.
Белградскиот архитект Небојша Глишиќ вчера потенцираше дека во последните десетина година ширум светот „не убиваат земјотресите, туку корупцијата во градежништвото“.
Македонија, но и други земји помогнаа финансиски, но и со екипи за спасување во Албанија.
Сања Атанасовскафото АП