ДРАМАТИЧНО РАСТАТ МИНУСИТЕ НА ТЕКОВНИТЕ СМЕТКИ - граѓаните од немајкаде посегнуваат по нив, а знаат ли колку скапо ги чинат
Објавено во: Финансии 04 Октомври, 2023
Граѓаните се повеќе посегнуваат по минусите во банка, како начин на преживување во овие тешки времиња на високи цени, но и не толку високи плати за најголем дел од граѓанството.
Најновите податоци на Народна банка на Македонија говорат дека дека во август сме имале драматичен месечен раст на негативните салда на тековните сметки за дури 13 проценти, односно за тој процент се зголемиле во август во однос на јули, додека, пак, на годишна основа растот е 7 проценти, односно споредба направена на август годинава со истиот месец лани.
Изразено во апсолутни бројки, пак, тоа говори дека само во август граѓаните наталожиле нов голем долг од дури 13,3 милиони евра во однос на еден месец претходно. Или, на крајот на август, македонскиот народ на банките по основ на минуси на тековна им должел вкупно 115 милиони евра.
Она што треба да се спомене дека минусите на тековните одамна немале ваков висок раст, а еден период дури и имаа и тренд на своевидна стагнација.
Зошто во август решиле да влезат во толку висок минус и да ја користат оваа услуга која на банките им носи екстра високи камати, одговорот е многу едноставен, а тоа се екстремно високите цени во земјава, особено на основните животни намирници. Граѓаните се жалат дека не можат ни да се прехранат со овие цени, а особено оние со пониски примања, што секако дека ги принудило да посегнат по скапите минуси на тековните сметки.
Токму и тоа беше причина што неодамна Владата донесе одлуки за замрзнување на цените на одреден број производи, и враќање на нивно претходно ниво, пред се оние кои влегуваат во рангот на неопходни животни потреби.
А, банкарските минуси, колку и да им помагаат на граѓаните да го преебродат месецот, толку се и екстремно скап начин на задолжување, или, практично, тие се најскапи заедно се кредитните картички.
Во моментов каматите на дозволените минуси се движат околу 13 отсто. Толку всушност изнесуваат затезните камати, кои се пресметуваат ако се соберат 7 отсто маргина според Законот за облигациони односи плус 6 отсто колку што во моментов одредува Народна банка на Македонија како референтна стапка за пресметување на стапката на казнена камата. Одлуките за оваа стапка НБМ ги носи на секои шест месеци и во моментов таа изнесува 6 отсто, почнувајќи од први јули оваа година.
Од НБМ неодамна за Фактор објаснија дека висината на договорната камата за одделните кредитни производи на банките е деловна политика на секоја банка и зависи од карактеристиките на производите, нивната покриеност со колатерал, нивната ризичност и сл.
„Во пракса, вообичаено каматната стапка на негативните салда по платежните сметки и картички, банките ја позиционираат на ниво блиску до нивото на казнената камата, но ова не е обврска која произлегува од закон или некој друг пропис. За клиенти кои се во задоцнување со отплата на нивните обврски, се применува казнена камата (законска или договорна казнена) која е предвидена во договорите“, објаснија тогаш од централната банка.
Ова всушност значи дефинитивно дека каматата на дозволените минуси се движи околу 13 проценти, што е прилично високо ако се има предвид дека просечната каматна стапка на вкупните кредити во моментов е 5,5 проценти.
Инаку, во август кредитите одобрени на кредитни картички се зголемиле за 0,3 отсто на месечна основа, а ако се направи споредба во август годинава со истиот месец лани, сепак, е регистрирано намалување за 2,1 отсто. И кај ова задолжување граѓаните се жалат дека каматните стапки им надминуваат 13 отсто на одредени картички.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.