ДРОНОВИ ТРАГААТ ПО ИСЧЕЗНАТОТО ЛИЦЕ: При излетување на возилото кај Рашче загинаа три лица
Објавено во: Македонија 03 Јануари, 2025
Два дрона го бараат исчезнатото лице од возилото кое вчера излета кај Рашче.
Во несреќата учествувале четири лица. Тројца од нив, сите жени, загинаа и нивните тела се извлечени од реката. Едно лице сè уште се води за исчезнато, а четиригодишно дете, кое патувало во автомобилот, е пронајдено повредено надвор од возилото и пренесено на Клиничкиот центар.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје работи на утврдување на причините за трагедијата. Извршен е увид на местото на несреќата, собрани се траги и докази, а наредено е вештачење на возилото. Јавниот обвинител побара обдукција на загинатите лица, како и испрашување на очевидци и блиски на семејството.
Околу 21 часот, полициски службеници од САЕ „Тигар“ го извлекле од водите на реката Вардар автомобилот „Ауди“ со скопски регистарски таблички. Во возилото биле пронајдени телата на три починати жени: Н.А. (23), В.А. (25) и З.А. (59), сите од селото Грчец.
Лекар од Итната медицинска помош ја констатирал нивната смрт, а по наредба на јавен обвинител, телата се дадени на обдукција.