Државна видеолотарија откако започна онлајн обложувањето: Добро е што ќе имаме конкуренција
Објавено во: Економија 12 Мај, 2020
Владата пред три недели донесе Уредба со која за време на вонредната состојба се дозволува организирањето на игри на среќа преку интернет, што ќе важи за казината, автомат клубовите и обложувалниците. Приредувачите, стои во Уредбата, имаат право интернет игрите на среќа да ги приредуваат преку веб апликација, што може да биде веб страна или веб платформа, или, пак, мобилна апликација. „Макс Бет“ веќе започна минатата недела да ги регистрира своите клиенти, а од денеска со истото, како што најави, стартува „Моцарт“. Државна видеолотарија на Македонија која преку својот бренд 2win.mk до сега имаше ексклузивно право на овој начин на обложување и беше единствен организатор, сега за прв пат добива реална конкуренција, но од таму велат дека тоа е добро за земјата и за пазарот,
Обложувалниците веќе организираат онлајн играње на виртуелни VLT-апарати во период кога нема спортски натпревари за типување и подружниците се затворени. Доколку потрае кризата во Македонија и не се отворат шалтерите, а во меѓувреме започнат и спортските натпревари низ Европа и светот, овие платформи може да се користат на големо и за типување. Единствен пробем од Видеолотарија велат дека останува единствено недоречената регулација до крај.
„Државна видеолотарија на Македонија – Касинос Аустриа со внимание ја разгледа донесената Уредба за примена на Законот за игри на среќа за време на вонредна состојба и ја поздравува во насока на поддршката која им е дадена на легалните домашни приредувачи на игри на среќа, кои уредно си ги намируваат обврските кон државата, а во насока да не дојде до отпуштања на работници во оваа вонреднасостојба. Се согласуваме и со констатацијата дека огромни суми на средства се одлеваат надвор од државата од наши граѓани кои учествуваат кај нелегални приредувачи на интернет игри насреќа. Ние во повеќе наврати укажувавме за овој проблем.
Би сакале да нагласиме дека за нас, особено значајно е што иако ние ја поседувавме ексклузивноста за приредување на интернет игри на среќа, сепак тоа во праксата во ниеден момент не беше случај. И покрај многуте ургенции и интервенции во овие скоро 6 години за решавање на овој проблем и задржување на средствата во државата, за жал не е направено ништо. Поточно, голем број странски компании непречено (нелегално) ги приредуваа и се уште ги приредуваат овие игри и кај нас. Многу држави од поблиското соседство го имаат решено овој проблем (Бугарија, Романија) со цел да го заштитат државниот буџет.
Донесената Уредба не го регулира нашето работење кое е согласно постојниот Закон за игри на среќа и забавни игри и така останува и понатаму. Со Уредбата обложувалниците добиваат можност за приредување на обложување преку интернет, согласно лиценцата која веќе ја поседуваат.
Меѓутоа, имајќи го во предвид фактот дека дел од законските обврски кои ја регулираат оваа обврска се наведени и во Уредбата, за нас е единствено нејасно дали со тоа сите или само некои членови од постојниот закон (членовите од 98 до 124) се де факто ставени вон сила. Ова особено се однесува на членовите кои се однесуваат на задолжителна проверка на идентитетот, возраста и местото на живеење на учесникот во игрите на среќа и членовите за заштита на учесниците“, гласи одговорот од таму.
Организаторот вели дека со Уредбата не и следува никаква компензација како сатисфакција, односно некаков финансиски надоместок од обложувалниците кои ќе организираат онлајн игри на среќа.
„Донесената Уредба не се однесува директно на нашето работење освен фактот што добиваме конкуренција што сметаме дека е добро и за нас и за другите приредувачи и за играчите кои сега ќе имаат поголем избор. Финансиски надомест како компензација нема да добиваме, ниту ќе бараме“, коментира компанијата на прашањето упатено од „Фактор“ за евентуалните последици по нивното работење со „губењето на монополот“.
Од Државна видеолотарија тврдат дека во меѓувреме расте бројот на регистраци и на корисници на игрите на среќа на брендот 2win.mk но не забрзано и не поради тоа што во периодов нема непосредно обложување, туку напротив.
„Играчката платформа на Државна видеолотарија во моментов има 17.845 регистрации. Во периодот пред да биде прогласена вонредна состојба, на 15.03.2020, бројката на регистрирани играчи изнесувала 16.680, што на некој начин укажува дека трендот на раст не е поголем од вообичаениот тренд на играчи на нашата платформа. Ова е разбирливо, особено ако се има во вид фактот дека спортските настани беа стопирани, поради пандемијата од КОВИД-19. Што се однесува до прашањето врзано за самата процедура за регистрирање на играчи на играчката платформа, таа е едноставна. Доколку учесникот ги внесе неговите податоци точно, без грешки, согласно правилата, верификацијата на сметката се извршува веднаш, што значи дека веднаш може да се почне со депозити и игра“, изнесува приредувачот кој е во заедничка сопственост на Државна Лотарија на Македонија и Касинос Аустриа.
Приредувачите за новата можност да заработат ќе плаќаат и посебни давачки кон државата, како плус трошок кој досега не се пресметувал. Оние што приредуваат интернет игри не смеат да вклучат учесник доколку тој не е регистриран согласно правилата за регистрација, нема доволно средства на сметката за покривање на влогот или ако дознае дека средствата не се обезбедени на законит начин. Се забранува и уплата на средства во готово. Уплатата учесниците можат да ја вршат преку картичка, кредитна или дебитна, преку електронски трансфер (електронско банкарство), или, пак, со уплата на шалтер кај носител на платен промет.
Уредбата ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, како и шест месеци по престанувањето на траењето на вонредната состојба. Од Асоцијацијата на Спортски Обложувалници на Македонија веќе објави дека во индустријата остануваат околу 8.000 дирекно вработени како и повеќе од 50.000 индиректни работни места кои оваа индустрија ги подржува. Од таму соопштија дека онлајн обложување веќе се организирало, но само од страна на Државната Лотарија, а сега се разгледува можноста истото да биде организно и од страна на другите приредувачи на игри на среќа, наместо да се одлеваат помеѓу 40 и 50 милиони евра годишно на странски сајтови за онлајн обложување и игри на среќа.
А.К.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.