23 Април, 2024
0.0278

ДВЕ ПРОФЕСОРКИ, ЕДЕН ПРЕТСЕДАТЕЛ, ДВАЈЦА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ И ТРОЈЦА ДОКТОРИ - кој се ќе „трча“ на претседателските избори

Објавено во: Македонија 23 Февруари, 2024

Добивај вести на Viber

Престојните претседателски избори после долги години ќе бидат вистинска „битка“. За прв пат по 2009 година се пријавени голем број кандидати, дури девет лица, две повеќе од 2009 година, кога имало седум. Силите ќе си мерат поголемите политички партии, коалиции, но и еден независен кандидат.

Претседателската кандидатура прв ја најави докторот Вело Макровски, кој ќе собира потписи како независен кандидат. Деновиве беа објавени и претставниците на ВМРО – ДПМНЕ, кои ќе ја поддржат Гордана Силјановска Давкова, додека СДСМ повторно ќе го поддржат акутелниот претседател Стево Пендаровски. ГРОМ го одбра лидерот Стевчо Јакимовски за претседателски кандидат, додека пак градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски е претставник на ЗНАМ. И доктор Арбен Таравари ќе ја трча претседателската трка и тоа со поддршката на албанската опозиција, одлука која предизвика раскол во неговата матична Алијанса на Албанците. Меѓу последните беше објавена и одлуката на ДУИ, кои на претседателските избори ќе застанат зад нивниот министер за надворешни работи, Бујар Османи. На претседателската трка ќе учествува уште една дама, професорката Билјана Ванковска, поддржана од Левица. Меѓу големиот број кандидати, медиумите јавуваат дека на овие избори ќе имаат претставник и од Бошњачкиот демократски сојуз, чиј кандидат е Мерсиха Смаиловиќ.

Довербата од граѓаните повторно ќе ја бара актуелниот претседател Стево Пендаровски како претставник на неговата матична партија, СДСМ. Тој е петти претседател на Република Македонија, роден на 3 април 1963 година. Дипломирал 1987 година на Факултетот за правни и политички наудки во Скопје, а магистрирал и докторирал на Иститутот за социолошки и политички правни истражувања. Пред да стане претседател, Пендаровски 11 години предавал на „Американ колеџ“. Беше и началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи од 1998 до 2001 година, по што стана советник за национална безбедност на претседателот до 2004 година. Потоа беше претседател на Државната изборна комисија, а од 2005 до 2009 година е советник за надворешна полигика на претседателот. Од 2016 до 2019 година пратеник, од ноември 2017 национален координатор за НАТО. Исто така беше кандидат за претседател на државата на претседателските избори во 2014 година. На последните претседателски избори во 2019, беше поддржан од СДСМ, а негови противкандидати беа Гордана Силјановска – Давкова и Блерим Река.

Ова ќе биде втор обид да биде првата жена претседател за Силјановска – Давкова, која како претставник на ВМРО ќе се бори за претседателското место. Родена е на 11 мај 1955 година во Охрид, дипломирала и магистрирала на Правниот факултет во Скопје, а докторирала на Правниот факултет во Љубљана.  На Правниот факултет во Скопје најпрво станува асистент, а потоа и професор од 2004 година. Била член на уставната комисија на Собранието и министер без ресор во Владата од 1992 до 1994 година. Исто така е експерт за избори на ООН, потпретседател на независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа, член на Венецијанската комисија... Од август 2020 година е пратеник во Собранието.

Уште една дама и професорка ќе трча на овие претседателски избори. Билјана Ванковска, претставник на „Левица“, родена во Скопје 14 ноември 1959 година, а завршила Правен фаултет во Скопје 1982 година, каде и магистрирала 1987 година, додека докторските студии ги завршила 1992 година. Од следната година е избрана за доцент, а пет години подоцна и за вонреден професор. Таа е активна и во невладинот сектор, а сакаше да се кандидира за претседател и на изборите во 2014 година, кога собираше потписи за кандидатурата.

Меѓу првите кој обзнани дека ќе се кандидира на претседателските избори е доктор Вело Макровски, специјалист инфектолог роден 11.05 во 1958 година во Велес. Медицински факултет во Скопје завршил во 1983 година, а следната почнал со работа во Македонска Каменица. Од 1992 до 2010 година работи на Инфективната клиника во Скопје, а од 99 до 2002 бил директор на Клиниката. Тој на неговата веб страна напишал: „ Претседател на државата кој е избран најпрвин од претседателот на партијата, а потоа од партиски гласачи, во старт е со минимизирана улога и е во подредена состојба. Многу често Претседателот на државата во досегашниов период повеќе внимава да биде на линија со партиската политика отколку со интересите на државата“.

Уште еден доктор „ќе трча“ на овие претседателски избори. Арбен Таравари, како претставник на опозициските албански партии влегува како претседател на Алијанса на Албаците, но во партијата настана „голема мешаница“ по неговата изјава дека се приклучува на опозицијата, по што одлуката кој ќе ја води партијата во иднина треба да ја донесе судот. Независно од случувањата во партијата, неговата професионална биографија е многу богата. По средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ во Скопје, образованиоето го продолжува на Медицинскиот Факултет при УКИМ. Специјализира Неврологија, а неговата докторска дисертација е од областа на Паркинсоновата болест. Во политичките води е одамна присутен. Македонската јавност го памети како министер за здравство, а потоа станува и градоначалник на Гостивар, неговиот роден град. На ова место е и сега, во вториот мандат. 

Третиот доктор кој ќе биде поддржан од ДУИ е актуелниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, роден 11 Септември 1979 во Скопје. Дипломира на Медицинскиот факултет во Скопје во 2004 година. Дел од својата специјализација ја завршува во Лондон, Обединетото Кралство во периодот 2006-2007 година, додека од 2012 година се стекнува со звање специјалист хирург. Од 2014 е докторант на Школата за докторски студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде докторира во јули 2018 година. Од 2004 година работи како доктор на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св.Наум Охридски“ во Скопје. Во 2008 година е назначен како министер за здравство на Република Македонија и таа функција ја извршува се до 2011 година. Од 2011 година е Специјалист хирург во Универзитетска Клиника за Дигестивна хирургија во Скопје. Од јуни 2017 година е назначен како Заменик претседател на Влада задолжен за европски прашања. Од јули 2018 година е назначен за Шеф на државната делегација и Главен преговарач со Европската Унија. На 30 август 2020 година, е избран за Министер за надворешни работи.

Меѓу последните кои ја објавија кандидатурата е градоначалникот на Куманово, Максим Димитериевски, кој ќе биде кандидат на движењето ЗНАМ – За наша Македонија. Тој е роден на 29 ноември 1975 година во Куманово, а градоначалник е од 2017 година. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, каде и магистрирал. Политичката кариера ја започнува во СДСМ, беше пратеник во Собранието. Како претставник на СДСМ станува градоначалник на Куманово, но по разидувањата со останатите партиски членови тој е реизбран за градоналаник како независен кандидат.

Уште еден градоначалник ќе се обиде да стане претседател на Македонија. Стевчо Јакимовски е искусен политичар роден 27 август 1960 во Кривопаланечко. Тој е и претседател на ГРОМ, а дипломирал на Економскиот факултет во Скопје во 1987 година. Влегол во политиката во 1988 година, како стручно-политички работник во Претседателството на младината на Југославија. Оттогаш, тој бил на повеќе раководни функции, меѓу кои: министер за економија и министер за труд и социјална политика. Во текот на својата политичка кариера, Јакимовски променил неколку политички партии: најпрвин бил член на Либерално-демократската партија, потоа преминал во СДСМ, за подоцна да ја формира партијата ГРОМ. Градоначалник на Карпош беше од 2000 до 2003 година, а потоа во 2009 година, повторно бил избран за градоначалник на општина Карпош. Првиот мандат како градоначалник бил претставник на Либерално-демократската партија, втората градоначалничка функција ја освоил како кандидат на СДСМ, додека третиот пат настапил како независен кандидат.


Прв пат во историјата за претседател на Македонија свој кандидат ќе имаат Бошњаците. Мерсиха Смаиловиќ ќе биде кандидат на Бошњачки демократски сојуз. Таа е правничка и граѓанска активистка, и активна е на полето на застапување за човековите права, дискриминацијата, родовата еднаквост, правата на етничките групи итн. Мерсиха дипломирала на Универзитетот Св. Кирил и Методиј на Правниот факултет, а моментално магистрира Меѓународно право на истиот универзитет. Таа е сопственичка на компанијата за финансиски и правни услуги.

За потсетување, на последните претседателски избори во 2019-та имаше тројца кандидати од кои двајца (претседателот Пендаровски и Силјановска) повторно ќе се кандидираат на овие избори.

Петранка Огнаноска

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Од полноќ почнува изборниот молк

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Од полноќ почнува изборниот молк

ДАЛИ Е МОЖЕН БОЈКОТ ВО ВТОРИОТ КРУГ: Силјановска Давкова даде одговор

ДАЛИ Е МОЖЕН БОЈКОТ ВО ВТОРИОТ КРУГ: Силјановска Давкова даде одговор

ИНЦИДЕНТ ВО СКОПЈЕ: Ученик претепал наставничка и нападнал соученици

ИНЦИДЕНТ ВО СКОПЈЕ: Ученик претепал наставничка и нападнал соученици

СОФИЈА НЕ САКА ДА ГО РЕГИСТРИРА КЛУБОТ: Maкедонците бараат Судот на правдата да ѝ ги прекине на Бугарија сите исплати на финансии

СОФИЈА НЕ САКА ДА ГО РЕГИСТРИРА КЛУБОТ: Maкедонците бараат Судот на правдата да ѝ ги прекине на Бугарија сите исплати на финансии

ВАЖНО ЗА ГРАЃАНИТЕ: Ќе можат да подигнат документи и на денот на гласањето

ВАЖНО ЗА ГРАЃАНИТЕ: Ќе можат да подигнат документи и на денот на гласањето

ТОКСИКОЛОГИЈА: Вработен вршел притисок урина со наркотици да се замени со чиста урина и уште оди на работа

ТОКСИКОЛОГИЈА: Вработен вршел притисок урина со наркотици да се замени со чиста урина и уште оди на работа

ДЕМИРИ ЗА ЛЕКУВАЊЕТО НА ЛЕОНИД ИНДОВ: Ќе се распрашам и ќе видам дали е финализирано плаќањето

ДЕМИРИ ЗА ЛЕКУВАЊЕТО НА ЛЕОНИД ИНДОВ: Ќе се распрашам и ќе видам дали е финализирано плаќањето

БОЈМАЦАЛИЕВ: Најден е сторителот за разбиената пратеничка канцеларија на Миле Лефков

БОЈМАЦАЛИЕВ: Најден е сторителот за разбиената пратеничка канцеларија на Миле Лефков

Нико Беќаровски: Економската директорка на Токсикологија вработува лица на кои не им е местото тука

Нико Беќаровски: Економската директорка на Токсикологија вработува лица на кои не им е местото тука