ДВЕ СЦЕНАРИЈА НА ММФ: Што ја чека економијата на Украина?
Објавено во: Економија 26 Декември, 2024
Има две сценарија за тоа како ќе се развива економската ситуација во Украина.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) објави две можни економски сценарија за Украина, од кои произлегува дека војната би можела да заврши кон крајот на следната година или кон средината на 2026 година.
Основното сценарио претпоставува дека војната во Украина ќе заврши до крајот на 2025 година, а негативното сценарио предвидува дека конфликтите ќе продолжат до средината на 2026 година, што значително ќе влијае на економската стабилност на земјата.
БДП на Украина се очекува да порасне за четири отсто во 2024 година, а инфлацијата ќе се зголеми до десет отсто поради фактори како што се растот на цените на храната и намалувањето на вредноста на украинската гривна, пишува Киев Индипендент.
За 2025 година, украинскиот БДП се предвидува да се зголеми во опсег од 2,5 до 3,5 проценти, што ги одразува подобрените енергетски капацитети и зголемениот приход поради намалувањето на ценовните притисоци.
Негативното сценарио предвидува подолга војна и подлабоки економски шокови во Украина, побавно економско закрепнување, повисока инфлација и фискален дефицит кој ќе надмине 20 отсто до 2026 година. Украина трета година е во војна со Русија.