Добивај вести на Viber
Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган прими синоќа во резиденцијата во Анкара претставници на демонстрантите од паркот Гези во Истанбул по само неколку часа откако даде ултиматум.
Средбата според турски медиуми траела четири часа и Ердоган ги повторил ставот за одржување референдум за жителите на Истанбул за проектите во Гези.
„Сакаме да знаеме што мисли населението во Истанбул, и тоа решение ќе биде многу значајно за нас“, изјави Хусеин Челик, портпарол на владејачката „Партија на правдата и развојот“.
Челик уверува дека Владата нема намера да извршува градежни промени во паркот Гези каде веќе две недели има демонстранти, пред населението на Истанбул да се изјасни за проектот за градење во паркот.
Во делегацијата на демонстрантите имаше 10 луѓе меѓу кои и претставници на граѓански органзиации.
Ердоган во средата имаше средба и со други претставници на демонстрантите, кои тој ги одбра, но таа група не беше одобрена од демонстрантите.
Неколку часа пред средбата, полицијата повторно употреби солзавец врз група од околу 200 демонстранти во центарот на градот близу резиденцијата на Ердоган. Петмина демонстранти се приведени. Полицијата употреби и водени топови за да ги растури демонстрациите.
Во текот на протестите во Турција повредени беа повеќе од 5000 демонстранти, а починаа 5 луѓе.
Ероган вчера упати ултиматум кон демонстрантите, но неколку часа подоцна тие го одбија ултиматумот и отфрлија референдум за градежните работи во паркот.
Ердоган вчера попладнето ги повтори своите предупредувања и побара од оние кои протестираат да ги соберат своите шатори и да го расчистат паркот Гези, истакнувајќи дека трпението му е пред крај.
Турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу, пак, ја отфрли критиката која стигнува од странство, пред се‘ од САД и ЕУ. Тој рече дека на Турција нема да дозволи да и се делат лекции од држави или групи на држави.
Меѓутоа, деновиве ОН и САД ги повикаа демонстрантите и Владата во Турција на дијалог за надминување на недоразбирањата и прекин на демонстрациите и употребата на сила.
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун изјави дека граѓаните имаат право на демонстрации и повика на дијалог меѓу Владата и демонстрантите.
Портпаролката на Белата куќа Катлин Хејден, изјави дека САД се вознемирени од ситуацијата во Турција и упатуваат повик за дијалог меѓу Владата и демонстрантите.
„Продолжуваме со вознемиреност да ги следиме случувањата во Турција и ја поддржуваме слободата на говорот како и правото за мирни демонстрации,“ изјави Хејден.