Џафери: СЈО ја сопна коалицијата ВМРО-ДПМНЕ-ДУИ
Објавено во: Македонија 01 Февруари, 2017
СЈО е причината поради која ДУИ не прифати коалиција со стариот партнер ВМРО ДПМНЕ, стана јасно од синоќешната изјава на пратеникот од партијата на Али Ахмети.
„Фактот што не направивме парламентарно мнозинство со ВМРО-ДПМНЕ е од причина што не беа подготвени да го прифатат продолжувањето на мандатот на СЈО“, изјави Талат Џафери од ДУИ во синоќешната емисија на ТВ21.
Меѓутоа, Џафери побара Иванов мандатот да му го довери на Заев.
Во интервју за косовската ТВ Дукаѓини, Џафери потенцира дека претседателот Ѓорге Иванов треба да му го довери мандатот за формирање на новата влада на опозицискиот лидер Заев.
Тој во емисијата „Инфобокс“ на РТВ Дукаѓин, изјави дека Иванов не ја игра улогата на државник, бидејќи според него тој е под влијание на ВМРО-ДПМНЕ.
„Иванов треба да размислува за она што е демократска и парламентарна пракса. Тој треба да работи врз основа на тоа, а не да ги извршува партиските налози на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Џафери.
Џафери во евентуалната коалиција со ВМРО-ДПМНЕ беше споменуван како наследник на Трајко Вељановски, односно како претседател на Собранието.