Џелал Незири: Партиските лидери не се созреани
Објавено во: Македонија 15 Февруари, 2017
Моменталната политичка состојба е најтешката криза со која се соочила Македонија
од осамостојувањето. Посложена е од таа
во 2001 година. Згора на се илузорно е да се спроведе таканаречената
„десоросизација“ врз невладиниот сектор па и врз медумите кои не се по мерак на
власта, затоа што не се работи само за една фондација туку за концепт. Ако се
забранат организациите кои се противат на трибализмот, колективизмот како
начини на општествено уредување, тогаш всушност ќе имаме вовед во
тоталитаризмот, каде критичкото мислење би било оневозможено. Тоа би значело
премин од демократија во диктатура- вели за Фактор, политичкиот
аналитичар,Џелал Незири.
“Велам посложена заради непостоењето на некој авторитет во државата, како претседателот на државата, кој би имал кредибилитет и поактивна улога во процесот на разрешување на кризата. Наместо олеснувачка, претседателот на државата досега отежнувачка улога. Во една ваква ситуација, странските дипломати преставуваат единствен фактор кој е кредибилен за да превземе конкретни иницијативи за превенирање на можни конфликти и за надминување на кризата. Мислам дека самите партии треба јавно да ги повикат сите дипломати од пријателските земји активно да се вклучат и да и помогнат на земјата што побезболно да ја помине ова криза, која веќе предолго трае. Ако нашите политичари се остават самите да ја менаџираат состојбата, нема да имаме ниту нова влада ниту стабилни институции. Ситуацијата ќе се комплицира до таа мера, со што ќе се дава дополнителен материјал за политичко-дипломатските кругови кои се залагаат за поделба на земјата затоа што сметаат дека се работи за нефункционална држава”- објаснува аналитичарот Незири.
Оваа криза според него има два можни излези: првиот е широка реформска влада, која би била сочинета од сите парламентарни партии и од функционери кои не се под на истрага од страна на СЈО; вториот е формирање на коалициона влада помеѓу СДСМ, ДУИ и помалите партии на етничките Албанци.
“Тоа што е приоритет на земјата е спроведување на итните приоритетни реформи во институциите и судството, воспоставување на правната држжава и декриминализација на политичките партии. Без реформи во овие области Македонија ќе биде во константна криза, без можност за напредок. Затоа, во наредниот период очекувам поистакнато вклучување на странските дипломати во помагањето на земјата за да се надмине кризата со тоа што ќе се деблокира процесот на спроведување на реформите”- смета политичкиот аналитичар.
Целата иницијатива за десоросоизација на невладиниот сектор па дури и медиумите кои не се по мерка на власта според него е да ги заплаши невладините организации, кои всушност се еден од главните двигатели на развојот, чувари на човековите права, на животната средина и на демократските вредности. Влијанието на нивната работа како што вели е во правец на подобрување на околностите во областите во кои делуваат, а за кои основано сметаат дека се влошени.
“Оваа нивна мисија често доаѓа во судир со властите, не само во Македонија. Но за разлика од тука, каде политичарите одбраа да се пресметуваат со невладините, во развиените земји се воспоставува дијалог за да се најде најдоброто решение кое би било на линија со интересот на сите граѓани”- потенцира аналитичарот.
Ниту една демократија вели Незири не може да се замисли без функционирање на невладиниот сектор кој според него е столбот на демократијата и прогресот на секоја земја и општество. Невладините се важен сегмент во секоја држава, без кои многу позитивни промени и реформи нема да можеа да бидат спроведени.
“Тенденцијата да се забрани поинакво гледиште од тоа на одредени центри на политичка моќ, преставува обид за воспоставување на монопол во таа јавна сфера, и истовремено суспендирање на демократијата. Јас не верувам дека една ваква иницијатива ќе има успех во Македонија, која е земја кандидат за членство во Европската Унија и географски припаѓа на овој континент”- вели Незири.
Во светот според него постои борба на два концепти,конзервативен и либерален, но таа е во рамките на демократските вредности.
“И конзервативизмот и либерализмот се во склоп на демократските норми, се додека не се користат насилни средства за искоренување на спротивниот. Употребата на државните институции за дисциплинирање и заплашување на тие организации нема никаква врска со правната држава, која заеднички именител на сите форми на демократијата. Но, кај нас до таму отиде демонизирањето на невладните поддржани од Сорос што може да резултира со дополнителни општествени поделби и конфликти”- нагласува политичкиот аналитичар.
Секоја невладина организација како што вели е официјално регистрирана и има јасна агенда, која е јавно достапна. Нивното функционирање е исто така транспарентно и во согласност со законите на Република Македонија.
“Секој кој ќе ги прекрши тие закони, било да е владин функционер или невладина организација, треба и мора да одговара. Тука треба да сме начисто. Истовремено, треба да се дефинира јасно што преставува државен интерес – дали тоа е нелегалното богатење на нашите „патриоти“ во политиката, или пак потребата за поголемо набљудување на нивната работа и превенирање на тие злоупотреби. За жал, во нашето општество нема доволна свест за тоа што е државата, кому таа држава припаѓа и што е државен интерес. Дали масовната корупција која ја откриваат невладините организации во спротивно со државните интереси? Дали е државен интерес да имаме богати политичари и сиромашни граѓани?”- прашува Незири.
Во целиот свет има 3.7 милиони невладини организации, кои се вмрежуваат и организираат околу нивните заеднички каузи. Не само во западните демократии, туку и во истокот има невладини кои се активни чинители на општествените процеси. Така на пример, во Русија се активни 277 илјади, во Индија околу 2 милиони додека во Кина 440 илјади официјално регистирани невладини организации. Не се присутни единствено во диктаторските земји, каде власта е концентрирана кај еден човек кој има исклучиво право да одлучува што е јавен, општ или државен интерес.
С.Б.