Ефектите од падот на цената на златото
Објавено во: Анализа 17 Април, 2013
Купувањето злато во основа би требало да биде промашена инвестиција. Златото не се јаде и не се користи како официјална валута со која може да си купите, на пример, леб и млеко или, пак, да си ги платите сметките. Па, дури и да може да се користи, би било непрактично. Би требало да го сечете на мали парчиња и со нив потоа да одите во дуќан и да си купите нешто. Секако, тоа не е баш изводливо. Но златото било и ќе остане резервна валута, која секој сака да ја поседува. Поборниците за инвестициите во злато велат дека валутите се минливи, додека златото е тука за да остане. И навистина е така, германската марка е заборавена, дури и за еврото предвидуваат дека нема да преживее, но затоа златото е тука и нема намера никаде да си оди во скоро време.
Голем број луѓе што инвестираат во злато тоа го прават без да го поседуваат физички во своите сефови. Златото се тргува на берза како и акциите, и може да се впаричи како и акциите. Значи е ликвиден инструмент на пазарот на капитал. Процедурите се малку поинакви, но битно е дека е ликвидна актива. Светот во изминатите години се подели на два табори. Едниот табор мисли дека владите мора да интервенираат со полна сила за да го спасат светот од целосен колапс, и тоа генерално преку политики на стимулирање на порастот преку печатење пари или ако сакате квантитативно олеснување, како што го нарекуваат во САД. Според нив, владите имаат капацитет на тој начин да ги вратат економиите во нормала да го рестартираат економскиот мотор. Од другата страна се оние што сметаат дека ваквата политика на печатење пари е целосно погубна и дека само купува време додека не дојде финалниот финансиски армагедон и додека не бидеме сведоци на пропаст на економијата како што ја познаваме. Ваквата политика во крајна линија ќе донесе хиперинфлација и рушење на валутниот систем. Доколку некој е приврзаник на втората страна, тогаш е нормално да се инвестира во златото како некоја квазивалута, која треба да не заштити од ваквите големи потреси, бидејќи како што кажавме во почетокот, златото ја има таа моќ да ги преживее евентуалните колапси на валутите. Во таква ситуација луѓето имаат поголема верба во камен отколку во политиките на некоја или, во случајов, на многу влади. А причини за грижи низ годиниве имаше многу, светот влезе во голема рецесија, Европа западна во должничка криза од која никако не може да излезе, Јапонија печати пари како луда, Кина забавува со порастот и сите најавуваат валутна војна. Од друга страна, доколку ги гледаме макроподатоците за одредени економии, на пример за САД и за Германија, ќе дојдеме до заклучок дека не е се така црно. Ваквата ситуација направи светот да се подели како никогаш досега. И токму поради тоа можеби во изминатиов период бевме сведоци на пораст на златото и на пораст на берзите. Едноставно секој си ја држеше својата страна. Се до понеделник, кога златото во еден ден падна речиси 10%, и со претходните падови се врати на ниво од пред две и пол години. И сите се запрашаа што треба да значи овој пад. Доколку одиме по логиката на претходниот дел од текстов, ќе заклучиме дека падот на златото треба да не радува затоа што тоа треба да значи дека нема потреба од алтернативна валута и дека се враќа вербата во реалната економија преку инвестирање во акции и обврзници. Исто така, ова би требало да значи дека веќе нема опасност од хиперинфлација и дека нема потреба од паника и бегање под закрила на златото како главен заштитник од инфлација. И на крајот на краиштата, златото во четири години ја зголеми својата вредност три пати и дојде време да олабави со порастот, а на сите ни е познато дека кога балонот ќе се надуе премногу, има тендиција да пукне многу брзо. Во такви ситуации нема многу издишувања. Значи, ако гледаме на овој начин, во основа треба да се радуваме на падот на цената на златото како работа што ќе донесе дефинитивно завршување на кризата. Економистите никогаш немаат само едно мислење, па така оние што сакаат да продолжат да гледаат црно ќе ви кажат дека ова значи дека ќе има дефлација и дека токму поради тоа златото паѓа и дека џабе светот печател пари кога нема никаков ефект во реалниот свет и дека светот ќе колабира само не поради инфлација, туку поради дефлација. На работите може да гледате како што сакате, па така ако сте биле песимист порастот на златото го толкувате лошо дека очекувате инфлација и колапс, додека падот продолжувате пак да го толкувате лошо само сега дека очекувате дефлација и колапс. Милан Димитриоски* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.