Еколошко управување во земјоделството
Објавено во: Агробизнис, Колумни 22 Април, 2017
Еколошко управување во земјоделството
Одржливиот земјоделски развој во најголема мера зависи од примената на еколошкото управување. Еколошкото управување означува: управување на човековата дејност за заштитата и подобрување на животната средина. Во зависност од конкретни форми за управување, различните земји потигнуваат и различни успеси во заштитата и подобрување на природата, затоа има голем број примери за еколошка хармонија. Постоењето на сериозни еколошки проблеми е индикатор, дека не постои ефективни системи на еколошко управување. Тоа покажува дека потребната дејност за заштита на животната средина не се остварува на посакувано ниво. Затоа првиот чекор во анализа и усовршување на еколошкото управување е да се идентификуваат постојните еколошки проблеми и ризици. Второ, потребна е идентификација на спектарот на специфични форми за управување во земјоделството и да се оцени степенот до кој тие придонесуваат за ефективно еколошко управување. На ова ниво потребно е да се оцени и потенцијалот на постојни и други можни управувачки структури да ги решаваат новонастанатите еколошки проблеми и ризици. Трето. Нужно е да се препознаат постојните недостатоци на доминантните структури да ги решаваат постојните и новонастанатите проблеми. Четврто. Потребно е да се идентификуваат реално можните форми за општествено ангажирање во еколошкото управување, да се оцени нивната споредбена ефективност во однос на нивниот придонес кон одржлив развој и минимизирање на трансакционите трошоци и да се избере најефективната.
Идентификација на еколошките проблеми. Трансформацијата на земјоделството ја измени еколошката состојба и постави нови предизвици. Прво. Со намалена употреба на минерални ѓубрива и пестициди сериозно се намалува ризикот од хемиско загадување на почвата, водите и произодството.
Но тоа би предизвикало негативна компензација на NPK, со што би се зголемил нивниот недостиг на почвата. Сериозен проблем претставува неизбалансирано ѓубрење со неколку пати помали количини на фосфор и калиум за соодветно користење на азотот. Мнозинството од земјоделските стопанства масовно применуваат монокултура или едноставна плодосмена. Сето тоа дополнително придонесува за деградација на ораничниот слој и плодноста на почвата. Второ. Најквалитетниот дел од земјоделските површини (обработливите) постојано се пренаменуваат со градење на разноразни цврсти (трајни) објекти со што трајно се губат како потенцијал за производство на храна. Во последниве дваесет години во Македонија просечно годишно обработливите површини се намалувале со над 7.500 ха. Сериозна опасност претставува зголемувањето на закиселени обработливи површини, како резултат на долго ѓубрење со азотни минерални ѓубрива без доволно внесување на фосфор и калиум. Трето. Ерозијата на почвите е голем фактор за деградација на почвите под влијание на водната и ветровата ерозија. Познато е дека на овие проблеми постојано укажуваат педолозите бидејќи поради специфичната конфигурација на територијата на Македонија е подложна на ерозивни процеси, агротехниката не води доволно сметка за тој проблем, недостасуваат сериозни антиерозивни мерки и неконтролирана експлопатација на шумските површини. Четврто. Голем дел од речната вода не одговара на стандарадите за чиста вода, а особено водите за наводнување во кои е зголемена концентрацијата на нитрати, кои се најчесто загадувачи и на подпочвените води. За овој проблем придонесуваат и несоодветно чување (складирање) на арското ѓубре. Петто. Развојот на земјоделството има значајни негативни ефекти врз биолошката разновидност на земјата. Политиката за интензификација и воведување на туѓи сорти и раси, како и недостаток на каква и да е заштитна политика, придонесуваат за деградација на богатата разновидност на автохтоните растенија и животни. Освен тоа голем дел од обработливите површини во Македонија не се обработуваат долг период на време, напуштени се, што води до појава на несоодветна вегетација на такви површини која ги деградира како потенцијал за земјоделско производство.
Неконтролираното собирање на важни диви растенија и истребување на некои животни води до исчезнување на цели популации. Ефекти од разните форми на еколошко управување се смета дека по општествената трансформација, различните еколошки права (чиста природа, конзервација на природните ресурси, биолошката разнообразност) не се дефинирани или се лошо дефинирани и санкционирани. Владеат стари системи за општествено регулирање и контрола, кои што не соодвествуваат на потребите на еколошкото управување. Покрај тоа, нема модерен систем за мониторинг на состојбата на почвите, водите и воздухот, како и веродостојни информации за степенот на загадување и деградација на природата. И повеќе од тоа, нема ни општествено значење за „концепцијата„ за одржлив развој ниту побарување за таа да биде вклучена во државна политика. Недостиг на култура и познавање на одржливоста, го попречуваат и развојот на доброволната иницијатива, правата и колективни акции за ефективно еколошко управување.
Со принципите на ЕУ е воведена нова рамка за еколошко управување со вклучување на нови правила (ограничувања ) за заштита и подобрување на животната средина, чување на традиционалните сорти и раси, биолошката разновидност, благосостојбата на животните и друго. Македонија донесе голем број закони за хармонизација со стандардите на ЕУ, „меѓутоа новите правила на игра„ не се доволно познати или недоволно разбрани од различните државни агенции, приватниот сектор и индивидуите. Во целина нема готовност за ефективна примена на стандардите поради недостиг на искуство, доволен административен капацитет или практична можност за санкционирање на новите норми (недостаток на разбирање, корупција, неактивен судски систем). Доминантните форми за огранизација на земјоделската дејност нема стимул за долгорочни инвестиции, за повисока продуктивност и подобрување и приспособување кон природата. Многу е ниско долгорочното вложување за обновување на материјалните и биолошките активност, поради ситната сопственост, староста на сопствениците на земјата и непостојаната вработеност.
Ситните, и фармите со натурално производство немаат доволно сопствен потенцијал за инвестиции и експлоатација на поголеми капацитети (голема уситнетост на земјата и несоодвена големина).
И покрај се подобрата грижа за приватните ресурси не се рашири и за природата како цело, зошто недоволно ги присвои правата сврзани со недоволна грижа за управување на арското ѓубре и отпадоците, прекумерната експлоатација на изнајмените општествени ресурси, загадување на воздухот и водата. Постепено се јавуваат тенденции на позитивен однос и запирање на натамошното влошување на негативните тенденции во однесувањето со почвата, нарушување на еколошкиот биланс и појава на други еколошки проблеми. Има позитивни движења кон ширење на органското земјоделство, благодарение на зголемената побарувачка на пазарот и подршката од државата.Пазарот и приватниот сектор сериозно потфрлија во еколошкото управување на нашето земјоделство. Настана суштествена потреба од вмешување на „трета страна„ и општествена интервенција (помагање, регулирање, финансирање, партнерство и сл). Meѓутоа и вмешувањето на државата и локалната власт не беше доволно сеопфатно и одржливо. Во буџетот на соодветните Министерства (Животна средина и МЗШВ) за овие цели беа издвојувани релативно скромни средства што се одрази негативно на биолошката разновидност, на загадување на природни ресурси и опасност за здравствената безбедност на храната. Не е доволно да се изгради национална програма (скелет) за мониторинг и воведување на задолжителна еколошка оценка на општествените програми. И покрај тоа фактичката еколошка политика продолжува да биде делумна и во целост реактивна на итни еколошки проблеми (како природни нарушувања, односно, поплави, свлечишта, порои, суши) наместо да е базирана на долгорочни стратегии за одржлив развој.
Програмите и плановите за делување најчесто се разработуваат и исполнуваат по централизиран начин без вклучување на независни локални експерти, заинтересирани групи и др. Мултифункционалната улога на земјоделството не е признаена, не е воведен составен систем за нејзина оценка (информации, показатели) обезбедување на општествената улога „чување, заштита и подобрување„ да се финансира од Државата. Постоењето на еколошките и други предизвици покажуваат дека не е изграден ефективен систем на еколошкото управување. Интеграцијата во ЕУ воведува и санкционира „ нов ред„ строги правила, стандарди, државната поддршка и слично. Надворешниот мониторинг, притосоците и претпоставените санкции на ЕУ водат до подобра примена на законите и стандардите на земјите членки. Покрај тоа, Европски пазар ја засилува конкуренцијата и овозможува на нашите фарми да ги реализираат споредбените предности. Условите на пазарната конкуренција и институционалните ограничувања даваат стимулации за нови инвестиции и зголемување на продуктивноста и примена на повисоки стандарди за квалитет на производите, технологиите, екологијата и друго. Меѓутоа, потребно е ефективна координација помеѓу различните програми и нивоа на управување. Плановите и програмите за делување не треба да се разработуваат и исполнуваат на централно ниво, од бирократи туку со вклучување на независни локални експерти.
Проф.Др.Борис Анакиев
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.