Добивај вести на Viber
Четири фирми што тргуваат со струја во земјава заработија кривични пријави од Царината под сомнение дека затаиле повеќе од 1,8 милиони евра данок. Фактор од владини извори, неофијално дознава дека “Руднап“ и “ГЕН-И Македонија “, се две од четирите фирми за кои се поднесени кривични пријави за царинска измама.
Во вчерашната акцијата на инспекторите од Царината, првично, неправилности беа најдени кај три фирми за кои се тврди дека затаиле 1,8 милиони евра. Но оваа сума, подоцна, во текот на ноќта се зголеми со оглед дека инспекторите најдоа затајување на данок за поприлично голема сума кај уште една фирма од овој бизнис.
Има ли синџир на криминален увоз на струја, ќе докажува натамошната истрага на институциите. Иако, засега официјално никој не ги соопштува имињата на фирмите што според царината затаиле милионски суми, сепак се дознава дека инспекторите веќе неколку месеци ги чешлале документите на речиси сите компании што се занимаваат со овој вносен бизнис. Неизвесно е дали листата на затајувачи на данок ќе се комплетира со четирите фирми или и натаму ќе се проширува со други. Според официјалните бројки, во Македонија до февруари годинава имало 22 фирми лиценцирани за овој бизнис.
Опозицијата обвинува за фамилијарен бизнис
Со оглед дека проценките укажуваат дека годишно компаниите трговци со струја, вртат околу 200 милиони евра овој бизнис се смета за многу вносен. Токму тоа е причината опозицијата во изминатиов период од собраниската говорница постојано да обвинува дека овој бизнис во земјава е во рацете на виоски функционери посочувајќу дека станува збор за фамилијарен бизнис на луѓе од власта.
Ова не е првпат да се утврдат сомнителни зделки кај фирмите трговци со струја. Пред само неколку месеци, Комисијата за заштита на конкуренцијата поднесе прекршочни пријави за четири трговци со струја под сомнение дека незаконски ја манипулирале цената при јануарскиот увоз на електрична енергија во земјава. Според Антимонополската комисија компаниите Еспада, Ген-и, ЕФТ и Руднап груп, на тендерот што го спроведуваше ЕЛЕМ , картелски се здружиле за да бидат во предност пред останатите фирми што учествувале.
Лани увезена струја за повеќе од 140 милиони евра
Минатата година поради недоволното домашно производство за потребите на граѓаните, односно за делот што ЕЛЕМ го купи од фирмите - трговци со струја, на трговците им плати 40,8 милиони евра. Тиа пак, дополнително набавија струја во вредност поголема од 100 милиони евра за големите потрошувачи.
Кои се најголемите трговци со струја во Македонија?
Според податоците за набавената количина на електрична енергија, минатата година најголем трговец со струја е македонската подружница на швајцарската компанија „ЕФТ“. Според податоците, компанијата, која е еден од најголемите дилери на електрична енергија во регионов, но и во Југоисточна Европа, лани на големите потрошувачи во земјава им продала повеќе од 1.680.187.000 киловат-часови електрична енергија. Втор, по големина учесник на пазарот е фирмата-ќерка на ЕВН Македонија – „ЕВН трејдинг“, со 290.055. 000 киловат- часа и тоа е за потребите на ЕВН Македонија. Следува српската трговска компанија „Руднап Груп“ со 261.960,000 киловат -часови електрична енергија. „ГЕН-И -Македонија“ – трговска компанија која е фирма-ќерка на словенечкото државно електро-стопанство ЕЛЕС, која лани за
големите потрошувачи во Македонија истргувала 70.846.000 киловат часа струја.
За увоз на електрична енергија за потребите на
граѓаните,пак што се прави поради недостигот на струја од домашното производство, ЕЛЕМ на фирмите трговци лани им плати 40, 8 милиони евра. Најмногу струја била купена ЕФТ со што компанијата добила и најмногу пари или 18,7 милиони евра. Следна е “ГЕН и Македонија“ која добила 14,4 милиони евра, потоа РУДНАП со 5,6 милиони евра и ЕЗПАДА од каде била купена струја за 2 милиони евра.
Еве го целото соопштение од Царинската управа:
Во изминатите два месеца, при вршење контроли кај трговци со електрична енергија, Царинската управа кај три фирми – увозници на електрична енергија утврдила големи неправилности, за што се донесени решенија за дополнителна наплата на царински долг во вкупен износ од околу 113 милиони денари (1,8 милиони евра).
Како што соопштуваат од Управата, во првиот случај, трговско друштво од Скопје избегнало плаќање на царински давачки во вкупен износ од околу 79,4 милиони денари. Притоа е констатирано дека за потребите на пријавеното правно лице, во текот 2011 и 2012 година, преку електро – преносниот систем биле испорачани вкупно 154.790 MWh електрична енергија. Утврдено е дека дел од увезената електрична енергија е бесправно отстранета од царински надзор без да бидат платени царински давачки во износ од 71,6 милиони денари. Исто така, пронајдени се и анекси кон генералниот договор за купопродажба на електрична енергија каде единечната цена за MWh по која била купена електричната енергија била значително повисока споредено со единечната цена по која истата била декларирана, па на тој начин избегнато е плаќање на царински давачки во висина од 7.8.милиони денари.
Во вториот случај, соопшуваат од Управата, констатирано е дека трговско друштво од Скопје избегнало плаќање на царински давачки во вкупен износ од околу 30 милиони денари, за што се донесени две решенија за дополнителна наплата на царински долг, додека во третиот случај, донесени се решенија за дополнителна наплата на царински долг износ од 3,5 милиони денари, за електрична енергија за која не се поднесени царински декларации за пуштање во слободен промет и не се платени давачките, а со дополнителна контрола е утврдено дека стоката е пуштена во слободен промет.
Царонските измами се откриени при проверка и споредба на количините на оцаринетата електрична енергија во Република Македонија со податоците за количините на увезена, извезена и транзитирана електрична енергија, за период 2010-2012 година.
Р.Ф.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: