ЕКСПЕРТИ ИЗЛЕГОА СО МИСЛЕЊЕ: Дали руска ракета го погодила азербејџанскиот авион?
Објавено во: Свет 26 Декември, 2024
Сè повеќе докази има дека руска ракета го погодила авионот на Азербејџан ерлајнс.
Уривањето на азербејџанскиот патнички авион во Казахстан е предизвикано од руска ракета земја-воздух, според извори од владата на Азербејџан во интервју за "Euronews".
Дел од експертите велат дека доказите укажуваат дека авионот на Азербејџан ерлајнс е можно да го погодила ракета земја-воздух над рускиот регион Чеченија, пред да го премине Каспиското Море и да се урне во близина на Актау, Казахстан, кога загинаа 38 луѓе.
Кога патничкиот авион со 67 луѓе се урна на брегот на Каспиското Море во Казахстан на 25 декември, руските власти и државните медиуми беа брзи во посочувањето на можните причини: густа магла, удар од птица и потоа се појавија снимки кои покажуваат оштетување на моторот пред несреќата и експлозија на резервоар за кислород во кабината.
Но, сè повеќе докази покажуваат дека авионот на Азербејџан ерлајнс, кој се движеше од Баку за Грозни - главниот град на руската област Чеченија, можеби го погодила противвоздушна одбранбена ракета која бранела наводен украински напад со беспилотно летало врз Чеченија.
Од Кремљ велат дека не треба да се изнесуваат хипотези и дека треба да се почека да се види што ќе покаже истрагата.
Ако нападот земја-воздух се потврди како причина, тоа ќе биде втор пат руска ракета да собори патнички авион од почетокот на војната на Москва против Украина, по окупацијата на Крим и конфликтот во Донбас пред една деценија.
Руската ракета Бук, која ја имаа силите поддржани од Москва во регионот Доњецк, го собори летот МХ17 на Малезија ерлајнс на 17 јули 2014 година, при што загинаа сите 298 патници и членови на екипажот.