Добивај вести на Viber
Интернет мрежата ја преплавија информации за новата бесплатна социјална мрежа Елло, која нема да има реклами и која е своевиден конкурент на Фејсбук.
Основачот Пол Будниц велид ека само пред еден месец Елло имал околу 90 корисници, негови најблиски пријатели, а мрежата била затворена за јавност и достапна само за оние што ќе добијат покани. Во компанијата работеле 10-12 луѓе.
Но, во последните 15-тина дена работите драстично се сменија, а за Елло пишуваат сите медиуми во светот, вели Будниц кој има и втора компанија која се занимава со продажба на велосипеди.
Многумина Елло го опишуваат како „убиецот на Фејсбук“, за што сепак е малку прерано со оглед на тоа што најпопуларната социјална мрежа и натаму е неприкосновена со 1.3 милијарди корисници.
Но, една од причините заради кои Елло стана „вирална“ тема е фактот дека нејзините основачи ја најавуваат како социјална мрежа без огласи, која нема вашите податоци да им ги продава на други компании. Но, постои трик, бидејќи секој сервис треба да заработи пари за да опстане, нели?
Елло ќе заработува на друг начин, односно на корисниците ќе им нуди различни можности кои ќе се наплаќаат меѓу еден долар и два долари. На пример, ако сакате да имате деловен профил или сте музичар, уметник, сликар, а паралелно сакате да имате и личен профил, за тоа ви се потребни две сметки. Елло тоа ќе го наплаќа неколку долари.
„Тоа е одлично, бидејќи сите луѓе не ги сакаат сите опции“, вели Будниц.
Во моментов, корисниците на Елло можат да се пријават, но ќе мора да почекаат да бидат официјално поканети, бидејќи листата е прилично долга, а компанијата не сака да ги пушти сите корисници одеднаш затоа што серверите постојано ќе паѓаат. Затоа пуштаат онолку колку што се во можност, а од заинтересираните бараат трпеливост.
На позитивната страна, Елло никогаш нема да има реклами затоа што не сака да стане платформа за огласување како Фејсбук, туку на луѓето да им даде вистинска можност за комуникација.
„Фејсбук е пренатрупан и полн со огласи, така што едвај можете да ги пронајдете своите пријатели. Се почесто можат да се видат промовирани објави, а од некоја причина, ако Фејсбук одлучи дека сум жена во средни години, ќе ми прикажува реклами за хулахопки“, вели Будниц, кој сепак нагласува дека негова цел не е да се натпреварува со најмоќната социјална мрежа.
„Не сакаме да се натпреваруваме со Фејсбук, дури и не сметаме дека Фејсбук е социјална мрежа“, додава тој.
Факт е дека Елло е прилично успешен во својот прв „животен циклус“, иако секако ги очекува уште многу работа и обид на корисниците да им покажат дека нема да станат како Фејсбук. На своите страници Елло јасно го нагласи својот манифест, а ако не се согласувате со него стиснете на копчето „Не се согласувам“, кое ве води директно - на Фејсбук.