ЕВЕ КОГА МОЖЕ ДА ОЧЕКУВАМЕ ПРОМЕНА НА ВРЕМЕТО - топлиот бран и денеска над Македонија
Објавено во: Македонија 16 Јули, 2024
Сончевото и многу топло време ќе продолжи и во текот на следниве денови, а според најавите на метеопрогнозерот Славчо Попоски промена на времето во Македонија може да очекуваме од петок попладне.
Според него, од петок попладне на повеќе места во Македонија се очекува развој на грмотевични облаци кои ќе условат појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Услови за развој на грмотевични облаци ќе има и во четврток попладне, но повеќе во планинските предели.
- Локално се очекува и појава на невреме кое ќе биде проследено со поројни врнежи од дожд, силни грмежи и електрични празнења, краткотрајно силен ветер и со појава на град. И во Скопската котлина од петок попладне растат условите за развој на грмотевични облаци, а во делови од котлината ќе има услови и за појава на невреме.
Но сепак, и околу оваа промена на времето, не се очекува некој поголем пад на температурите на воздухот, ќе има освежување но тоа ќе биде релативно минимално. Топлото време ќе продолжи и понатаму во Македонија - нагласува Попоски.
Согласно најавите на Управата за хидрометеоролошки работи, времето денеска останува и понатаму да биде сончево и многу топло, попладне со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец, во Скопје слично време. Температурите се очекува максимално да достигнат 43 степени во Демир Капија.