Европа нема да биде создадена одеднаш, ниту пак според еден единствен план
Објавено во: Економија 13 Мај, 2023
Европската перспектива ќе се гради низ предизвици и храбри одлуки
„Европа нема да биде создадена одеднаш, ниту пак според еден единствен план. Таа ќе биде изградена преку конкретни достигнувања, од кое првото е солидарноста“ - Роберт Шуман, еден од основоположниците на Европската Унија
Изминатата недела го одбележавме 9 мај, Денот на Европа - денот кога беше објавена Шумановата декларација, која се смета за првиот чекор кон градењето на Европската Унија. Следната недела во Брисел ќе се одржи редовниот годишен економски и финансиски дијалог помеѓу Европската Унија и земјите од Западен Балкан и Турција. Во рамки на дијалогот ќе дискутираме за фискалната политика, макроекономската стабилност, поттикнувањето на економскиот раст, создавањето нови работни места, структурните реформи за опоравување од кризата и воедно, јакнење на отпорноста на економиите, како и социјалната политика. Дијалогот е дел од нашите подготовки како аспиранти за членство во Европскиот семестар, кој претставува годишна координација на членките за социо-економските теми и усогласување на економските и буџетските политики со одлуките донесени на ниво на ЕУ. Рамката за економско управување во Унијата е добар показател за кохезијата и воедно мултилатералниот пристап кон координирањето на една од најважните заеднички цели, економско-социјалниот развој и благосостојбата на граѓаните на ЕУ.
Овие два настани беа доволен повод за оваа колумна да ја посветам на темата која низ годините во континуитет е моја инспирација - членството во ЕУ и европската иднина. Во овој текст читателот ќе добие една поедноставена, но и целосна слика за процесот низ кој минуваме на патот за членство во ЕУ (со фокус на економските реформи), она што нѝ претстои нам, но и бенефитите кои нѐ очекуваат кога ќе станеме дел од големото европско семејство.
ЕУ ќе се гради низ кризи и ќе биде збир на решенија
Во време на преклопување на неколку глобални економски кризи, кога креаторите на политиките се насочени кон ублажување на ефектите и јакнење на отпорноста на економиите, убаво е да се има предвид и идната перспектива на државата и економијата, како што повеќе пати пишувам таканаречената „голема слика“, за да не ги заборавиме основните цели и патот кон подобро утре. „Европа ќе се гради низ кризи и ќе биде збир на решенија“, рекол еден од основачите на ЕУ, Жан Моне. Во услови кога на европска почва се случува најголемиот и најопасниот воен конфликт од Втората светска војна наваму, руската инвазија врз Украина, се засилуваат перспективите за повеќе земји, вклучувајќи го и Западен Балкан за поскоро интегрирање во Унијата. Од друга страна, неколкуте напоредни економски кризи го забавуваат развојот на економиите и бараат дополнителни напори за нивна конвергенција.
Економскиот и финансискиот дијалог со ЕУ е добар пат за постигнување на европските цели, вежба за членството и Европскиот семестар. Впрочем и самиот Европски семестар започна како вежба, a понатаму прерасна во рамка за координација на економско-социјалните политики на земјите членки. Потребата од зајакнување на заедничките економски политики на земјите членки, како и подобра координација од аспект на социјалните политики, дојде до израз особено по глобалната финансиска криза во 2008 година. Земјите членки ја увидоа потребата од подобро усогласување на целите на националните буџети, како и политиките за поттикнување на растот, вработеноста и социјалната грижа на ниво на Унијата. Оттаму, во 2011 година се спроведе првиот циклус на Европскиот семестар. Целите на семестарот се однесуваат на конвергенција и стабилност на Унијата, макроекономска стабилност и поддршка за растот.
Пред вратата на ЕУ - координација за економските и социјални политики
Со цел понатамошно унапредување на координацијата на Унијата со потенцијалните нови членки, од октомври 2013 година во Стратегијата за проширување беше воведен нов пристап наречен Поедноставен европски семестар. Од октомври 2014 година земјите на Западен Балкан и Турција беа поканети од Европската Комисија да го зајакнат економското управување преку подготовка на програми за економски реформи.
Програмата за економски реформи (анг. Economic Reform Programme, ERP) е најважниот стратешки документ во економскиот дијалог со ЕК. Тој се изработува секоја година и претставува подготовка за учество во процесот на економски и фискален надзор на земјите членки на ЕУ, односно за вклучување во процесот на европскиот семестар за координација на економските политики на ЕУ. Програмата е среднорочна рамка на макроекономската и фискалната политика и детален приказ на структурни реформи за раст на конкурентноста на економијата и креирање на работни места. Инаку, според правилата на овој процес во ЕК, Министерството за финансии е задолжено за координација на подготовката на овој документ на ниво на Влада. По нејзиното доставување до ЕК, програмата се разгледува со претставници на ЕУ во рамки на економско-финансискиот дијалог при Советот на ЕУ и завршува со усвојување на заеднички заклучоци со препораки за земјата, кои треба да се земат предвид при подготовка на наредната програма на економски реформи.
ПЕР 2023-2025: Подобрување на човечкиот капитал и конкурентноста, како и зелена трансформација
Програмата на економски реформи 2023-2025 беше усвоена од страна на Владата на Република Северна Македонија на 1 февруари 2023 година и истиот ден официјално е доставена до Европската Унија. Програмата е подготвена врз основа на Фискалната стратегија 2023-2027, среднорочната буџетска рамка за периодот 2023-2027, националните секторски стратегии, регионални стратегии и документи, зелената и дигитална агенда на ЕУ, како и Економско-инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан. Исто така, таа се темели и на препораките во Извештајот на ЕК за напредокот на земјата од октомври 2022 година.
Кога зборуваме за структурни реформи и приоритети во реформската агенда, програмата за економски реформи е најсеопфатниот документ, кој овозможува следење на степенот на реализација на реформите до нивна целосна реализација. Во Програмата, како клучни предизвици за јакнење на конкурентноста и обезбедување на одржлив и инклузивен раст на нашата економија се: 1) унапредување на човечкиот капитал; 2) зелената транзиција, како и 3) подобрување на конкурентноста на домашните претпријатија и нивна понатамошна интеграција во глобалните синџири, како и формализација на економијата. Овие цели се во контекст и на видувањата на ЕК по однос на претходните состојби и претходната економска програма, кои укажуваат на подобрување на квалитетот и релевантноста на образовниот систем за раст на вработеноста, подобрување на конкурентноста на домашните компании, инклузија во глобалните синџири на добавување и намалување на неформалната економија, како и модернизација на енергетскиот сектор и транзиција кон чиста енергија.
И покрај неколкуте кризи кои се преклопија во текот на изминатите неколку години, нашата влада продолжи да работи на реформите кои ќе нѐ приближат до нашите цели - членство во Унијата, но и општо унапредување на домашниот систем и перформанси, односно носење на европските услови за живот во нашата земја. Во областа на јавните финансии би го истакнал усвојувањето на новиот Закон за буџети, со кој се воведува среднорочно буџетирање, а се воспостави и правна рамка за фискален совет и фискални правила. Започната е и реформата на даночниот систем врз основа на истоимената стратегија, која реформа се заснова на концептот на проширување на даночната база преку ревидирање на даночните трошоци и намалување на сивата економија. Во Министерството за финансии воспоставен е Сектор за управување со јавни инвестиции, додека во напредна фаза е усогласување на текстот на предлог-Законот за јавно приватно партнерство. Од аспект на дигиталната трансформација во јавниот сектор ќе истакнам дека е започнат процесот за дигитализација во јавните финансии, односно за воспоставување на Интегрираниот информациски систем за управување со финансии, Информацискиот систем за управување со државна помош и Информацискиот систем за управување со даночните приходи на Управата за јавни приходи. Дизајнирани се и мерки и активности во насока на подобрување на ефикасноста и ефективноста на јавната потрошувачка, фискална дисциплина, одржливост на долгот и транспарентно управување со јавните финансии.
Значајни стратегии кои ќе се усвојат годинава се Стратегијата за паметна специјализација, Стратегијата за формализирање на неформалната економија за период 2023-2025, како и Стратегијата за развој на човечкиот капитал, 2030. Подготвен е и Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2023 година, а дополнително се работи на подобрување на правната рамка за пазарот на труд, како и подобрување на квалитетот во образовниот и здравствен систем. Се подготвува и правната рамка за воспоставување на Фондот за зголемување на енергетската сигурност, со цел намалување на ранливоста на земјата на надворешни шокови и подобрување на енергетската ефикасност.
Сите горенаведени активности се во насока на исполнување на поставените цели согласно заедничките заклучоци со ЕУ, а во насока на надминување на клучните предизвици и одржливо економско закрепнување, како и поголема отпорност на економијата и фискална одржливост.
Билатерален скрининг
Покрај унапредувањето на структурата на економијата, конвергенцијата на земјите кон Европската Унија се реализира и преку усогласување со наднационалното законодавство на Унијата (Аcquis communautaire), односно правата и должностите коишто ги поврзуваат членките во Унијата. Се поставуваат политички критериуми, како демократија, човекови права и почитување и заштита на малцинствата, функционирање на институциите, владеење на правото. Исто така се врши усогласување и од аспект на економските критериуми, односно функционална пазарна економија, конкурентност, макроекономска стабилност. Накусо, новите земји членки при пристапувањето треба да бидат целосно подготвени да се приклучат кон заедничките цели и обврски во Унијата. Исто така, критериумите треба да бидат аплицирани во административните структури, односно неопходно е земјите кандидати да изградат административни капацитети кои ќе бидат доволни за спроведување на она што го предвидува усогласената законска рамка.
Пред да започне процесот на усогласување на ЕУ со земјите кандидати за членство, се врши процес на скрининг, при што ЕК го презентира целокупното законодавство коешто треба да се транспонира во националното за секое поглавје одделно, додека земјата кандидат ги презентира моменталните состојби. По подготовката на Извештајот за завршен скрининг (Screening Report) од страна на ЕК, се отвораат поглавјата за преговори, со одлука на Советот на ЕУ. За време на преговорите земјата се обврзува со рокови да изврши целосно усогласување со европското законодавство. По завршувањето на преговорите, се определува датум за полноправно членство во ЕУ.
Во однос на кластерите кои се однесуваат на јавните финансии, досега беше одржан билатерален скрининг за околу половина од областите/поглавјата. Беа покриени поглавјата кои се однесуваат на макроекономската стабилност, способноста на финансискиот сектор да ги насочи заштедите кон продуктивно финансирање, јавна внатрешна финансиска контрола, заштита на финансиските интереси на ЕУ, заштита на еврото од фалсификување, движење на капитал и исплати, спречување на перење пари, банки и финансиски институции, осигурување и пензиско осигурување, пазари на хартии од вредност, индиректно и директно оданочување, административна соработка и меѓусебна помош и оперативен капацитет. На мое големо задоволство, најголем дел од добиените препораки во текот на скринингот се во постапка на реализација, а има и некои кои во меѓувреме се реализираа. Но, пред нас стојат уште многу обврски, членството во ЕУ е еден сериозен предизвик и доколку бидеме посветени овој предизвик ќе го добиеме, како и вредните награди кои ги носи.
Економски и неекономски придобивки од ЕУ
Сосема накусо ќе се осврнам на придобивките од членството во ЕУ, за кои вистина досега имам пишувано многу, но ќе се навратам бидејќи не би сакал на читателот да му ја ускратам целината на ова четиво. Европската Унија е пред сѐ, економски сојуз, таква и е и историјата и сегашноста. Економската и социјалната благосостојба отсекогаш била причината за поврзување, уште од Европската заедница за јаглен и челик. Станува збор за една од економските суперсили, со пазар од над половина милијарда потрошувачи и цврсти синџири поврзани во глобалната трговија. За малите економии (како нашата), само пристапот до нови потрошувачи на единствениот европски пазар, ветува многу од аспект на забрзување на растот. Соодветно на погоре кажаното, лесно е да заклучиме дека најбројни се економските придобивки. Така впрочем и ќе ги класифицирам, на економски и неекономски придобивки.
Во рамки на економските придобивки, прво ќе го истакнам подобрувањето на животниот стандард, како ефект од членството во ЕУ. Согласно спроведени студии и анализи на подолги временски серии на ефектот на ЕУ се проценува на дополнителни 12%-20% од БДП по жител. Кога станува збор за ефектите од единствениот европски пазар врз трговијата и врз БДП, одредени студии ги квантифицираат на околу 10% од БДП на ЕУ во просек. Кај новите земји членки, се забележува и подобрување на климата за водење на бизнис, како и напредок во структурните реформи. Придобивка е и пристапот до европските фондови, кои стануваат достапно со секое ново ниво на патот на интеграцијата. Вкупниот буџет на ЕУ за 2021-2027 година е проценет на околу 2.000 милијарди евра, средства насочени кон поддршка на различни области од интерес на земјите членки. Тука би посочил дека во изминатите 30 години поддршката на ЕУ за нашата земја се проценува на над 3,3 милијарди евра (преку грантови и макрофинансиска поддршка).
Кога зборуваме за неекономските придобивки од членството во ЕУ би можеле веднаш да ги истакнеме зајакнувањето на демократијата и доброто владеење – слободата на изразување, политичката стабилност, квалитетот на регулативата, ефективноста на владеењето, владеењето на правото и контролата на корупцијата. Исто така, во ЕУ многу значајни глобални прашања се адресираат координирано, што е особено значајно за мала економија како нашата. Таков пример се климатските промени и загадувањето на почвата и водата, што ја подобрува ефикасноста и ефективноста во делувањето во споредба со она што би било ограничено во национални граници. Исто така, во оваа поделба ќе ја ставиме и заедничката борба против корупцијата, криумчарењето и спречувањето перење пари, понатаму прекуграничната размена на информации во насока на заштита на правата на граѓаните, вклучително и како потрошувачи. Последно и воедно најважно е дека сигурноста што ја нуди ЕУ, особено во услови на глобални безбедносни предизвици од хибридни напади и геостратешките превирања што носат многу неизвесности.
Посветеност и храброст за европската перспектива
Членството во Европската Унија е наша стратешка определба која ќе обезбеди подобра перспектива за нашите граѓани. Тоа значи подобра иднина за нас и идните генерации дома, а не во странство. Сепак, овој процес не е воопшто лесен, ниту едноставен, кој бара голема посветеност и трпение, но во исто време и храброст за носење важни одлуки. Како што донесовме храбри одлуки со уставните измени пред членството во НАТО, така и за членството во Европска Унија потребни се храбри одлуки за уставните измени кои се дел од процесот за отворање на преговорите со ЕУ. Но, исто така, ќе треба уште многу работа и посветеност во преговорите до полноправно членство во ЕУ.
На крајот, би сакал да повторам една мисла која ја напишав, исто така во друга колумна издадена околу Денот на Европа, а посветена на евроинтеграциите, пред повеќе години, кога ја извршував функцијата вицепремиер за евроинтеграции. Тогаш посочив и оваа мисла стои цврсто како столб - „единствена опција за нас е продолжување на нашата европска агенда“, како и дека има задачи кои треба да ги извршиме за станеме дел од овој сојуз, заснован врз вредностите на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и почитувањето на човековите права.
Да ја донесеме ЕУ дома!
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.