ЕВРОПСКАТА АВТОМОБИЛСКА ИНДУСТРИЈА НА КОЛЕНА - рестрикциите и недостигот на чипови ја намалија продажбата за над половина милион возила
Објавено во: Економија 18 Март, 2021
Автомобилската индустрија во Европа е на колена. Корона кризата неумоливо силно го погоди овој сектор. Бројките за февруари се лоши како никогаш досега. Закрепнувањето што се очекуваше во овој сектор за овој период, сега е речиси непостоечко.
Статистичките податоци говорат дека во февруари годинава регистрациите на нови патнички автомобили во Европската унија, што всушност ги означува продажбите на нови возила, се намалиле за една петтина, односно за дури 19,3 проценти. Една од главните причини за ова е што рестриктивните мерки поради ковид пандемијата во речиси сите држави, и тоа како силно се одразуваат на побарувачката.
Или, со регистрирани 771.486 единици низ целиот регион на ЕУ, ова е најнискиот февруари, забележан од 2013 година. Сите четири најголеми пазари на ЕУ забележаа загуби минатиот месец. Италија забележа најмал пад, од 12,3 отсто, додека другите пазари се соочија со посилен пад, како на пример Германија, чија негатива е дури 19 проценти, Франција со уште повисок пад од 20,9, отсто, додека, пак, во Шпанија има огромно намалување на производството, за дури 38,4 проценти.
Она што уште повеќе загрижува е ако се погледнат бројките колку е намалена продажбата на нови автомобили во првите два месеци од годинава во однос на истиот период лани. Па така, за периодот јануари-февруа 2021 година, вкупната регистрација на нови автомобили во Европската унија е за 21,7 осто пониска отколку во истиот период во 2020 година. Досега оваа година, побарувачката падна на секој од најголемите пазари. Најтешко беше погодена Шпанија, со продажба речиси преполовена, односно падот таму изнесува 44,6 отсто во споредба со истиот тајминг минатата година, потоа следува Германија со пад на продажбата од 25,1 отсто, Франција со пад од 14,2 проценти, и Италија, со пад од 13,1 отсто.
Или, пак, уште позагрижувачки се бројките ако се гледа како пданала продажбата за првите два месеци во цела Европа, односно Европската унија, плус ЕФТА, плус Велика Британија. Во првите два месеци од годинава таму имаме пад на продажбата од 23,1 отсто.
Притоа, треба да се спомене дека најважни држави од аспект на продажбата и воопшто за пазарот на автомобилската индустрија се Германија, Франција, Велика Британија, Италија и Шпанија.
А за уште подобро да се илустрира низ бројки, ако лани во првите два месеци биле продадени 2.200.957 нови автомобили, во истиот период годинава продажбата изнесувала само 1.693.059 нови автомобили, што значи дека имаме намалување од над 500.000 автомобили, или прецизно 507.898 возила.
Познавачите укажуваат дека ковид кризата и намалената побарувачка за автомобили што таа ја носи со себе е една од двете клучни причини за вака силно намалената продажба. Рестриктивните мерки во речиси сите држави, затворените пазари и намалените приходи ја намалуваат побарувачката. Но, она што загрижува е што и во март годинава рестриктивните мерки продолжија, што значи дека бројките и за овој месец исто така ќе бидат лоши. Исто така, многу европски држави најавија дека рестрикциите ќе продолжат и до Велигден, што значи дека и април се очекува да биде месец на ограничувања, а со тоа и на намалена продажба.
Од друга страна, има уште еден голем проблем со кој се соочуваат светските и европските производители на автомобили, а тоа е недостигот од микрочипови кои се вградуваат во автомобилите.
Овие микрочипови недостигаат поради тоа што нивните производители главно ги насочуваат кон компаниите за производство на телефони, компјутери и слично
Еве што покажуваат најновите бројки за недостаток на микрочип. Имено, „Џенерал Моторс“ одлучи да ја стави во мирување својата фабрика во Лансинг, Мичиген, а тоа ќе ја чини компанијата 5.100 единици за производство само овој месец.
Ако ги гледаме бројките само за Европа, недостигот на чипови веќе досега
предизвика намалување на производството за 312.000 автомобили, а се очекува тоа
вкупно за изнесува дури 728.000 единици.
Поради овој недостиг, само групацијата Фолксваген не беше во можност да произведе дури 100.000 автомобили за два месеци. Извршниот директор Херберт Дис кажа дека производителот на автомобили нема да може да го надополни недостигот оваа година.
Всушност,
се очекува дека проблемот со чиповите компаниите ќе го имаат дури до крајот на
третиот квартал од оваа година, па ако не и до крајот на годинава.
Како што е познато, во земјава работат голем број странски инвеститори кои се занимаваат со производство на делови за автомобилската индустрија. Засега извозот од овие компании е зголемен, што е еден вид парадоксална ситуација со оглед на европските прилики. Но, доколку ова забавување во Европа ппродолжи, прашање е како ќе се одрази и на нашите компании кои се занимаваат со производство на делови за автомобилската индустрија.
Инаку, околу 25 компании во нашата држава се занмиваат со производство на делови за автомобили, а вработуваат околу 30.000 граѓани.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.