ЕВРОПСКАТА ЕКОНОМИЈА ПОРАСНА ПОВЕЌЕ ОД ОЧЕКУВАЊАТА: но некогашниот мотор - Германија бележи пад
Објавено во: Економија 30 Јули, 2024
Во вториот квартал од оваа година, економијата на ЕУ порасна повеќе од очекуваното, но економската активност се намали во Германија, водечката европска економија.
Бруто домашниот производ (БДП) на ЕУ порасна за 0,3 отсто во вториот квартал во 20-те земји кои го користат еврото, покажуваат официјалните податоци што денеска ги објави статистичката агенција Еуростат.
Германија, пак, имаше пад на БДП од 0,1 отсто.
На ниво на еврозоната, растот следи слично остварување од 0,3 отсто од кварталот јануари-март, што беше прв значаен раст по повеќе од една година стагнација околу нулата.
Спротивно на тоа, американската економија порасна за 0,7 отсто во вториот квартал во однос на првиот, или 2,8 отсто на годишна основа.
Американските потрошувачи трошат слободно, додека државните трошоци од повисоките буџетски дефицити и субвенциите за деловни инвестиции во обновлива енергија, исто така, придонесуваат за растот на САД, пренесуваат медиумите.
Во Европа е тешко бидејќи потрошувачите никогаш не штеделе повеќе од сега, додека владите исто така ги ограничуваат трошоците за да ги намалат буџетските дефицити.
Според прелиминарните проценки, германската економија неочекувано падна за 0,1 отсто во вториот квартал од 2024 година во однос на првиот квартал од оваа година, објави денеска германската Федерална статистичка служба (Дестатис).
Пазарите очекуваа спротивен тренд, односно квартален економски раст од 0,1 отсто.
Како што се наведува, во вториот квартал од 2024 година, германската економија падна за 0,1 отсто на годишно ниво, што е веќе петти квартал по ред во кој не е забележан економски раст.
Институтот за економски истражувања IFO од Минхен неодамна објави дека деловното расположение во Германија е намалено трет месец по ред во јули и дека песимизмот моментално владее во сите сектори, јавуваат медиумите.
Компаниите беа помалку задоволни од актуелната деловна состојба, а песимизмот во однос на развојот на бизнисот во следните шест месеци е се поизразен.
Расположението падна во трговијата, производството, услужниот сектор и градежништвото, односно во сите набљудувани сектори.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.