Европските пари за Македонија пропаѓаат, ама годинава ќе ги спасиме?!
Објавено во: Агробизнис 27 Март, 2013
Дел од парите од европските фондови наменети за развој на македонскиот аграр, ќе пропаднат, а дел според европските законски регулативи ќе се префрлат во новата ИПАРД Програма. Овие инфомрации ги потврдија и од Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој, но од таму не откриваат за колкава сума станува збор.
Точниот износ на парите што Македонија не успеја да ги искористи, наскоро и официјално ќе го објави Европската Унија.ИПАРД Програмата во Македонија се акредитираше во 2009 година. Досега се објавени седум огласи. Од шест јавни повици склучени се 167 договори за користење на дел од европските пари, во вкупна сума на инвестиции од 15.3 милиони евра или нешто повеќе од 7.7 милиони евра ко-финансирана сума. Агенцијата често објавуваше огласи, акредитираше нови мерки за привлекување на интересот на земјоделиците и агробизнисмените, но залудно, голем дел од парите и остнаа неискористени. Дел од консултанстките компании кои им помагаат на земјоделците за изработка на проектите, проценуваат дека најверојатно близу 40 милиони евра, пари од европските фондови наменети за модернизирање на македонскиот аграр ќе пропаднат. Се работи за пари предвидени од ИПАРД Програмата од буџетот за 2009 година, кои согласно европските регулативи требаше да се искористат во следните три години, односно до крајот на минататаа година.Досега се реализирани околу 3 милиони евра. На Македонија и остануваат неколку десетици милиони евра од ИПАРД периодот 2012/13 година, како и сумата од изминатиот период која се префрла со одредени правила на ЕУ. Можно е дел од парите да бидат загубени, но треба да се има во предвид дека во тек е креирањето на ИПАРД 2 каде интерактивно соработуваме во однос на мерките и начинот на аплицирање- изјави директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Тони Димовски.
На крајот на 2012 година за првпат се примени правилото N + 3 , што значи дека Република Македонија се наоѓа во ситуација да не ги искористи сите средства предвидени во буџетот за 2009 година, а во иста ситуација се наоѓаат и другите две земји кориснички на овој инструмент, изјавија од Агенцијата за “Фактор” на крајот на минатата година.Легализацијата и банките, главни причини за слабата искористеност на европските пари
Според дел од експертите ваквиот епилог беше очекуван, бидејќи уште на стартот не се водело сметка за сите пречки што сега излегоа на патот кон искористувањето на европските пари. Најголема пречка за апликантите претставуваат правилата и процедурите кои треба да ги исполнат. Причината за слабата искористеност на европските пари, земјоделците и консултантските куќи ја лоцираат во проблемот со добивање на кредити од банките и легализацијата. Дел од консултантските куќи велат дека банките воопшто немаат чувство за разликување на стандардните кредити од оние кои ги бара агросекторот, а кои се однесуваат на инвестиции. Овој проблем се провлекува уште од 2009 година од кога и започна повлекувањето на парите од европските фондови.
Според дел од експертите грешката за ниската искористеност на европските фондови, е направена уште на стартот, во 2007 година, кога се потпишаа договорите со ЕУ. Тие коментираат дека уште на почетокот во целиот процес требаше да бидат вклучени банките и да се работи со нив, со што ризикот ќе беше помал.
Од Стопанската комора на Македонија пред извесен период излегоа со предлог за формирање национален гарантен фонд кој би бил исклучиво наменет за компании кои аплицираат за европски проекти со кофинансирачки карактер. Според проценките, тие гаранции ќе им овозможат пристап до поволни кредити на малите и на средните компании, кои немаат доволно средства за обезбедување банкарски кредит. Гарантниот фонд, СКМ предложи да биде во рамките на Македонската банка за поддршка на развојот, и би требало да го подобри квалитетот на изложеноста на малите и на средните претпријатија кон комерцијалните банки и да обезбеди дополнителен колатерал – гаранција за спроведување на нивните проекти. За надминување на проблемот со банките од Агенцијата неодамна изјавија дека склучиле меморандум за соработка со Здружението на банкарството со цел координација на процесот на добивање на средства од ИПАРД Програмата и обезбедување на кредит од банките за финансирање на предложената инвестиција.
Европската Унија со забелешкиДоговорено е моделот на деловен план што се користи за аплицирање пред Агенцијата да се прифаќа и од страна на банките со барањето за кредит. Во делот на кредитирањето голема улога има и Земјоделскиот Кредитен Дисконтен Фонд кој обезбедува кредити со повластени каматни стапки за примарна земјоделска дејност и за преработувачката индустрија, кои исто така се јавуваат како корисници по ИПАРД Програмата, објаснија тогаш од Агенцијата .
Од друга страна Европската Комисија речиси секоја година дава непроменет извештај за овој дел од земјоделството. И минатата година не беше променета препораката на ЕК за зголемување на бројот на вработени стручни лица во АФПРЗ со цел поефикасно да се спроведуваат програмите за финансиска поддршка. Очекувана беше и забелешката за слабата искористеност на парите од европските ИПАРД фондови, кои се важни за развој и модренизирање на македонскиот аграр. Парите од ИПАРД програмата кои на земјава и се достапни 3 години остануваат и понатаму слабо искористени, има многу проблеми кои треба да се решат, коментираа од ЕК. Порачаа дека е потребна е подобра организација за поголема апсорпција на парите и затоа е потребно да се зголеми ефикасноста на институциите за обезбедување на потребната документација.
Нови мерки и услови за поголем интерес за европските фондови
Сега во обид да зголеми интересот на земјоделците и агробизнисмените за масовно да ги користат европските пари, се воведоа и некои измени во мерките и условите. Земјоделците од оваа година ќе можат да користат европските пари и за набавка на нова механизација и реконструкција на преработувачките капацитети, фармите, оранжериите и пластениците. Овие измени се очекува да ги привлечат земјоделците и агробизнисмените да конкурираат за европските пари преку ИПАРД Програмата.
За оние кои сакаат да изградат нови оранжерии границата на дозволени трошоци е подигната на повеќе од 2 милиона евра. Оттука, очекуваме на наредните огласи да се јават поголем број на апликанти. Досега имаше низа пречки за малите и средните претпријатија, но сега и тоа се надмина–изјави заменик министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Зоран Коњаноски
Од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, велат дека со овие измени Македонија се доближува повеќе до европската поддршка САПАРД, а се направени во согласност со потребите на земјоделците и агробизнсимените. Новиот оглас Агенцијата ќе го објави во јуни годинава и во него ќе бидат ставени и новите измени.
Ј.С
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.