Добивај вести на Viber
Претседателот на Европската радиодифузна унија, Жан Пол Филипо побара враќање на сигналот на ЕРТ во Грција и нагласи дека во секоја демократска земја мора да постои национална телевизија. Тој синоќа пристигна во Атина и им даде поддршка на вработените во ЕРТ.
Од Европската радиодифузна унија бараат владата да ја поништи одлуката за затварање на телевизијата, да се врати сигналот, а предложија и своја помош за изградба на идната државна телевизија во Грција.
Филипо нагласи дека се борат за заштита на вработените. Од Унијата уште вчера објавија дека емисиите од отпуштените новинари од ЕРТ кои продолжуваат со работа успешно се емитуваат во останатиот дел на Европа.
Претходно 10 илјади лица организираа мирни протести пред зградата на ЕРТ во знак на поддршка за отпуштените работници, кои веќе трет ден ја окупираат зградата. Грчката Влада го прекина емитувањето на сигналот на ЕРТ во вторникот на полноќ, отпушти 2.656 вработени и ова го оправда како мерка за буџетски штедења.