29 Март, 2024
0.0238

Фабриката за млеко и јајца во прав станa митски проект, како да е пруга кон Бугарија!

Објавено во: Агробизнис, Анализа 22 Ноември, 2012

Добивај вести на Viber

Веќе четири години стои неискористена мерката за кофинансирање за набавка на опрема за производство на  јајце во прав и меланж во Програмата за рурален развој. Тогаш идејата на агробизнисмените беше дека капацитетот треба да биде комбиниран, односно да се произведува и јајце и млеко во прав, бидејќи така фабриката ќе работи порентабилно. Идејата e стара 3 години Во  2009 година кога се најави мерката, првично за фабриката за млеко во прав беа предвидени околу 200 илјади евра, но потоа тогашниот министер за земјоделство, Ацо Спасеноски најави дека државата преку Програмата ќе покрие 50 отсто од инвестицијата односно околу 800.000 евра, за фабриката за млеко во прав. Кофинансирањето за набавка на опрема за фабрика за јајце во прав и меланж во 2009 година остана само на околу 211 илјади евра. Идејата за фабрика за млеко во прав беше ставена само во Програмата рурален развој  за 2009 година, за веќе следната година да ја нема, па остана само онаа за јајца во прав и меланж. Нема заинтересирани, зошто? Но, од тогаш досега, нема ниту еден заинтересиран и за оваа мерка. Ова го потврдуваат и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од каде што велат дека мерката за преработка на јајца во прав и меланж се префлува од година во година во Програмата за рурален развој, но досега никој не се пријавил за оваа мерка. Според пресметките на агробизнисмените изградбата на една ваква фабрика која ќе биде со најсовремена опрема, и ќе врши не само преработка на јајце, туку и на млеко во прав, чини близу 4 милиони евра, а само за јајце во прав околу два милиона евра. Дел од нив велат дека парите што со кофинансирањето ги одвојува државата се минимални, и тоа е причината за незаинтересираноста. - Изградбата на ваква фабрика е добро за преработка на јајцата, не толку за вишокот колку за оние вонкласни јајца. Затоа што вишок нема во текот на целата година, тој се јавува обично во летниот период, а скршени и напукнати јајца постојано има, кои по правило треба да се фрлаат, но сега спротивно на Законот за квалитет на производи, дел се пуштаат и во промет. Тие јајца треба да се одвојуваат и да се преработуваат во прав, бидејќи огромна сума на пари годишно се троши за увоз на јајце во прав за прехранбената  идустрија. Тие пари може да останат кај нас, и да се зголеми живинарското производство. Доколку сумата за кофинансирање се зголеми гарантирам дека веднаш ќе има интерес, вели Вили Киучуков, претседател на Групацијата за живинарство при Стопанската комора на Македонија. Ако се изгради Македонија ќе штеди годишно по 4 милиони евра! Дневното производство на јајца во земјава изнесува милион и триста илјади јајца, од нив еден милион се за покривање на домашните потреби, над 5 отсто се вонкласни јајца, а 300.000 јајца остануваат вишок. Според податоците од Агенцијата за храна и ветеринарство, Македонија увезува јајце во прав од Бугарија, Аргентина, Америка, Хрватска, Србија, Шведска и Холандија. Оваа година до ноември се увезле 258 тони јајце во прав, лани 264 тони, а во 2010 година 310 тони. Според проценките на дел од агробизнисмените годишно од државата се одлеваат приближно толку пари за увоз на млеко и јајце во прав, колку што чини инвестицијата за изградба на ваквата фабрика, односно околу 4 милиони евра. Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, велат дека досега не добиле барање од агробизнисмените, за зголемување на парите за кофинасирање, иако според тврдењата на дел од бизнисмените, уште во 2009 година кога се најави помошта, тие предупредиле дека е неопходна поголема сума за кофинансирање. Недостигот на сурово млеко,  ја сруши идејата за фабрика за млеко во прав Ако пред четери години фармерите се соочува со вишок на млеко, па тогаш проблемот ќе се решаваше со фабрика за млеко во прав, сега состојбата е поинаква, на терен има недостиг од сурово млеко. Според проценките на експертите, во овој период невозможно е производство на млеко во прав, односно изградба на таква фабрика бидејќи нема доволно сурово млеко ниту за преработувачките капацитети. Анализите покажале дека еден таков капацитет треба дневно да преработува по 100 тони млеко. Спротивно на ова во земјава последните години рапидно се намалува откупот на кравјо млеко. Ако во 2010 година се откупиле 155 милиони литри, лани оваа бројка е намалена на 108 милиони литри, а за годинава се очекува уште помало откупено количество. - Моментално тоа е невозможна инвестиција. Имаше неколку пати ваква иницијатива но се дојде до заклучок дека Македонија нема толку млеко за таа фабрика да работи рентабилно. Во моментов едвај има суровина за преработувачите на млеко, затоа има и толку зголемен увоз на млеко и млечни производи. Вишоците се јавуваат на пролет, но и тогаш тие количества може да се искористат за тврди производи, оти логично фабриката не би работела рентабилно ако само еден период од годината има млеко за преработка. Поради недостигот на сурово млеко, фабриките работат со 40 отсто искористеност на капацитети. Сега ќе се најдеме во една состојба кога ќе има зголемена побарувачка на млеко, а ќе нема доволно суровина. Во следните години со Стратегијата за развој на земјоделството се предвидени долгорочни мерки за зголемување на бројот на добитокот и нормално на произведеното млеко, но тоа не се решава преку ноќ.  Од тие причини сметам дека ваква фабрика сега не треба да се гради, вели професор д-р Соња Србиновска, од Факултетот за земјоделство и храна. Според податоците од Агенцијата за храна и ветеринарство, во 2010  година се увезле 1.500 тони млеко во прав, за во 2011 година увозот да порасне на 2.300 односно во вредност од  нешто повеќе од четери милиони евра, оваа година до 13-ти овој месец се 2.145 тони млеко во прав. Поголемиот дел од овие количества како што велат од Агенцијата завршуваат во кондиторската индустрија и тоа најмногу за производство на  производство на сладолед, но има и мал дел што ги користат и преработувачите на млеко. Соња Јанковска

Можеби ќе ве интересира

СЕ БЛИЖИ ВЕЛИГДЕН: Колку пари ќе ви требаат ако сакате да купите јагне?

СЕ БЛИЖИ ВЕЛИГДЕН: Колку пари ќе ви требаат ако сакате да купите јагне?

ОД ДЕНЕС ВЕДРО НЕБО И МНОГУ СОНЦЕ: Максималните дневни температури пролетно високи

ОД ДЕНЕС ВЕДРО НЕБО И МНОГУ СОНЦЕ: Максималните дневни температури пролетно високи