ФАКТОР ДОЗНАВА: Пецовски на местото на Туџаров во „Реплек“, како по години ќе се преземе менаџирањето?
Објавено во: Економија 23 Септември, 2021
Реплек има нов Надозрен одбор и повторно ќе дели дивиденда - одлуките беа изгласани на вчерашната седница на Собранието на акционери. Нови членови на Надзорен одбор се Антонио Георгиевски, Славица Туџарова Трајковска, Петар Андреевски и Владимир Гашевски. Нивниот мандат ќе биде шест години и тоа сметано од денот на изборот, односно од вчера, 22 септември.
Усвоено е и отповикувањето на довчерашните членови на овој одбор и ним ќе им престане мандатот по акционерското собрание. Отповикани се Томовски Александар кој беше претседател на одборот, Димовски Томислав, Аврамовски Бојан и Јоксимовиќ Анастазија. Според информациите на Фактор одлуката за избор на нови членови на Надзорниот одбор е донесена едногласно со над 72 проценти присутност на акционерите. Толку кренале „за“ и за одлуката за поделба на дивиденда од добивката за лани. Ова е нова дивиденда која се исплатува од акумулираната добивка за минатата година. На секој имател на обични акции ќе му се исплатува по нето износ од 918 денари по акција, односно бруто износ од 1.020 денари по акција. Вкупно, сите акционери ќе поделат 26.438.400 денари ( 430.000 евра).
„Последен ден на истргувани акции со право на исплата на дивиденда се утврдува на 05 октомври 2021 година, односно за прв ден на истргувани акции без право на дивиденда се утврдува 6 октомври 2021 година. Правото на акционерите за исплата на дивиденда ќе се утврди со пресек на евиденцијата во акционерска книга на ден 7 октомври 2021 година, стои во предлог одлуката.
Во компанијата годинава се случуваа и некои акционерски смени, а меѓу акционерите кои имаат над пет отсто од сите акции со право на глас сега е и Никола Туџаров синот на директорот на компанијата Иван Туџаров. Никола Туџаров поседува 5,79 отсто од акциите, од кои повеќето ги доби како подарок од татко му кој патем си даде оставка од челната позиција на друшвото. Сестрата на Иван Туџаров, Славица Туџарова Трајковска поседува 11,57 проценти од друштвото. Ситко Антонио ДООЕЛ има 6,10 отсто, додека 6,4 проценти се на Сава пензиски фонд. Браќата Пецовски, Душан и Владимир контролираат 17,71 процент од друштвото.
Според информации на Фактор токму еден од нив е следниот прв човек на компанијата. Наши извори велат дека Душан Пецовски ќе биде предложен и избран за претседател на Управен одбор кој по статут е и генерален директор на компанијата. Управниот одбор ќе се избира од страна на Надзорниот веднаш откако промената на членовите ќе биде внесена во Централен регистар.
Душан Пецовски е еден од најголемите поединечни акционери во Реплек односно сега поседува 11,92 отсто од акциите во друштвото. Тој и брат му беа едни од главните актери за промени во друштвото пролетоска. Некои турбуленции настанаа кога раководството предложи да се дели годинава дел од добивката на друштвото како дивиденда, во нето износ од 2.153 денари по акција, а награда за раководниот тим од 13,7 милиони денари.
Висината на дивидендата тогаш беше причина за незадоволство на дел од акционерите кои пак на Акционерското собрание не го усвоија веднаш со потребниот број гласови Извештајот за работата на Управниот и Надзорниот одбор, по што дури и висеше позицијата на првите луѓе. На продолжението на Собранието, сепак, по некое време извештаите беа усвоени.
Но, Иван Туџаров по неколку месеци поднесе оставка и поголем дел од акциите му префрли на синот.
Александра Томиќ
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.