ФАКТОР НА ДЕНОТ: Ќе се утврдува одговорност за смртта на човекот од кратовско, во меѓувреме има уште 51 починат од ковид
Објавено во: Македонија, Корона Вирус 07 Април, 2021
ЌЕ СЕ УТВРДУВА ОДГОВОРНОСТ ЗА СМРТТА НА ЧОВЕКОТ ОД КРАТОВСКО
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов денеска на прес - конференција изјави дека формирале комисија и за смртта на кратовчанецот доколку некој направил пропуст ќе има дисциплинска постапка.
Вели дека одговорноста ќе ја бараат и на други места. Барања се поднесени до Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи и Министерството за локална самоуправа. Ангелов рече дека моментот дека нивниот оперативец се прогласил за ненадлежен е спорен.
„Зошто градоначалникот не побарал ангажман на републичките сили за заштита и спасување иако требало да го направи истото? Зошто не се ангажирани силите и ресурсите на ТППЕ Кратово“, рече Ангелов.
Праша дека се бараат одговори зошто полицијата не обезбедила возило и не побарала хеликоптер. Вели дека е свесен за слабостите, но тој не е дезертер и ќе работи на отстранување на слабостите. Ангелов рече дека работат на тоа на еден број 112 граѓаните да добијат помош доколку е потребно, било да е тоа напад, или е потребна здравствена помош. Ова би требало да профункционира за неколку месеци.
Овчарот кој имаше 63 години починал по една седмица во кома, вчера во Штипската болница. Сточарот преживеа мозочен удар, а за неговиот случај се разбра откако лекарот Павле Зафиров од кратовската Итна помош преку ФБ објави како неколку часа го носеле во импровизирана носилка од бачилото во кратовските планини до возилото за итна помош кое не можело да стаса поради непристапен терен.КОВИД ОДНЕСЕ УШТЕ 51 ЖРТВА
Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје:
Во последните 24 часа се направени 4.438 тестирања, а регистрирани се 1.302 нови случаи на КОВИД-19 во:
Скопје – 523, Битола – 119, Куманово – 87, Прилеп – 55, Охрид – 54, Тетово – 51, Велес – 47, Гостивар – 38, Штип- 34, Кочани – 31, Кавадарци – 30, Берово – 27, Струмица и Кичево по – 25, Гевгелија – 24, Струга – 22, Неготино – 17, Ресен -14, Дебар – 11, Свети Николе и Радовиш по -10, Пробиштип – 8, Крива Паланка и Валандово по – 7, Делчево и Виница по – 5, Македонски Брод – 4, Демир Хисар – 3, Крушево, Богданци, Демир Капија и Дојран по – 2, Кратово – 1.
Регистрирани се 626 оздравени пациенти од:
Скопје – 312, Прилеп – 77, Велес – 33, Куманово – 31, Гостивар – 26, Битола – 22, Кавадарци – 19, Тетово – 18, Штип – 15, Неготино и Гевгелија по – 12, Кочани – 9, Струмиица – 7, Крива Паланка, Радовиш, Пробиштип и Демир Капија по – 4, Богданци – 3, Кичево, Свети Николе, Берово, Крушево и Демир Хисар по – 2, Делчево, Ресен, Виница и Кратово по – 1.
Пријавени се вкупно 51 починати лица: 20 од Скопје (87г , 81г , 80г , 80г , 79г ,79г, 76г , 73г , 71г , 69г, 68г, 68г, 62г, 62г 60г, 56г, 55г, 53г, 51г, 47г ), по 5 починати пациенти од Прилеп (84г, 82г, 77г, 72г, 72г) и Струмица (84г, 81г, 77г, 76г, 70), по 3 починати пациенти од Куманово (52г, 52г, 32г) и Кочани (63г, 61г, 46г), по 2 починати пациенти од Тетово (69г и 55г), Гостивар (83г, 57г), Кавадарци (77г и 74г) и Охрид (77г и 66г), и по 1 починат пациент од Битола (73г), Неготино (68г), Гевгелија (76г), Радовиш (77г), Делчево (79г), Виница (74г) и Валандово (58г). Пеесет пациенти се починати во болнички услови, а еден пациент е починат дома.ПРИТВОР ЗА „ДВОЈНИК“
Одреден e притвор за осум лица во случајот „Двојник“.
Судија на претходна постапка од Кривичниот суд Скопје вечерва го прифатил предлогот на Основното јавно обвинителство Скопје и одредил мерка притвор за осум лица осомничени за издавање на лажни пасоши во случајот „Двојник“. Мерки на претпазливост им се изречени на двајца од осомничените, додека пак 11-тото осомничено лице е во бегство. Се работи за мрежа за фалсификување на документи.АРМИЈАТА СЕ ВАКЦИНИРАШЕ
Припадници на Армијата на Северна Македонија денеска се вакцинираа во А1 Арена, Спортскиот центар Борис Трајковски.
Тие се меѓу приоритетните групи кои се вакцинираат откако неделава почна имунизацијата со вакцината Спутник В. Минатата недела 20.000 дози од оваа вакцина ни донираше соседна Р. Србија. Освен АРМ, на листата први за вакцинација се вработените во МВР, вработените во јавниот превоз, воспитувачките во градинките и медиумските работници.ПОЧИНА ЗВРЛЕВСКИ
По кратко боледување, денеска во Скопје, на 60-годишна возраст, почина Марко Зврлевски, поранешен Јавен обвинител на Република Македонија, соопшти јавното обвинителство.
Неофицијално, Зврлевски починал поради компликации со коронавирусот.
Зврлевски беше роден на 04.12.1960 година во Дебар. Основно и средно образование завршува во Скопје. Дипломираше на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.ШИЛЕГОВ СЕ НАДЕВА ДЕКА „КОЊОТ ЌЕ БИДЕ ТРГНАТ ОД ПЛОШТАД“
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов за грчкиот портал „Етнос.гр“ ја коментираше соработката со градоначалниците на Солун и Атина, а меѓудругото изрази надеж дека „коњот ќе биде отстранет од централниот плоштад“.
Вака Шилегов го искоментира прашањето во однос на спомениците на скопскиот плоштад, за кои објасни дека се во надлежност на општина Центар. Скопскиот градоначалник алудираше на споменикот „Воин на коњ“ за кои Грција смета дека не е во духот на Преспанскиот договор.
Шилегов меѓудругото ги коментираше и галиите во коритото на реката Вардар и ја објасни одлуката за отстранување на едната од нив од кејот во центарот на главниот град.ЧИТАЈТЕ УШТЕ
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.