ФЕИТ со работилница по повод Светскиот ден на телекомуникациите и информатичкото општество
Објавено во: Мои пари 14 Мај, 2015 11:22
По повод Светскиот ден на телекомуникациите и информатичкото општество (17 мај), Факултетот за електротехника и информациски технологии организира работилница насловена како „FutureComNet2015“.
Работилницата ќе се одржи на 15.05.2015 година на Факултетот за електротехника и информациски технологии со почеток во 12 часот.
На работилницата свои предавања ќе одржат:
1. Проф. Јан Акјилдиз, Универзитет ЏорџиаТек, Атланта, САД
2. М-р Даниел Денковски, најдобар млад научник за 2014, Македонија
Ова е втора работилница од областа на телекомуникациите, иницирана од Институтот за телекомуникации при ФЕИТ – Скопје со која се одбележува Светскиот ден на телекомуникациите и информатичкото општество. Работилницата се организира со цел да се разменат идеи меѓу релевантните експерти од науката, индустријата и стопанството во однос на најновите телекомуникациски аспекти, да се развие дискусија за развојниот тренд и пазарот на телекомуникациите и да се согледа потребата од неопходната регулатива во областа. Предавањето на проф. Акјилдиз ќе опфати еден популарен преглед на развојот на мрежните архитектури кај секојдневните целуларни безжични мрежи (GSM, 3G, 4G) и ќе даде насоки за најверојатен можен иден развој, додека предавањето на м-р Денковски ќе се осврне на теоретските аспекти на проблемот на локализација на безжични примопредаватели со користење на мерни сензори чии локации имаат одредена мерна несигурност. Двете предавања опфаќаат теми кои се актуелни во развојот на нови безжични мрежи во иднина.
Проф. Акјилдиз е раководител на Лабораторијата за широкопојасно безжично омрежување на универзитетот ЏорџиаТек од Атланта, САД. Тој е меѓународно познат и како професор и основач на Центар за нанокомуникации на Универзитетот во Тампере (Финска), почесен професор и основач на Центарот за нанокомуникации на Политехничкиот универзитет на Каталуња (Шпанија), професор на Универзитетот Крал Абдулазиз (Саудиска Арабија) и професор и основач на лабораторија за напредни сензорски мрежи на Универзитетот во Преторија (Јужна Африка). Има импресивна кариера во телекомуникациите, секогаш занимавајќи се со најзначајните и најактуелните теми во безжичното омрежување.
М-р Денковски е избран за најдобар млад научник во 2014 година од страна на претседателот на Република Македонија. Тој е млад истражувач од ВинГруп, истражувачка група во рамки на Институтот за телекомуникации при ФЕИТ – Скопје, под раководство на професор Лилјана Гавриловска.
Можеби ќе ве интересира
ПУШТЕНА ВО УПОТРЕБА НОВАТА МИКРОБИОЛОШКА ЛАБОРАТОРИЈА ЗА КВАЛИТЕТ НА „АЛКАЛОИД“ ПРИ ОФИЦИЈАЛНАТА ПОСЕТА НА ВЛАДИНА ДЕЛЕГАЦИЈА НА КОМПАНИЈАТА
Емисиите од работата на ТИТАН УСЈЕ се под граничните вредности определени со Закон
Нов едукативен и истражувачки центар на Градежниот факултет во соработка со ТИТАН Усје, во рамки на проектот „Знаење + CO₂ -“
Никотински ќесички како модерна еволуција на снус без тутун
Мало отрезнување за акциите со вештачка интелигенција
Просечната цена на струјата на HUPX берзата за 19 декември изнесува 134,46 евра за мегават час, на МЕМО 154,75 евра за мегават час
Првпат во Македонија: Во „Аџибадем Систина“ изведена имплантација на вештачки колк кај 14-годишно дете




