ФИЛИПЧЕ ЗА ФАКТОР: Со првите 5.850 вакцини од Фајзер во феруари, ќе бидат вакцинирани толку здравствени работници, за втората доза ќе пристигнат нови
Објавено во: Македонија 05 Јануари, 2021
Најавата дека дури
800.000 вакцини од компанијата Фајзер ќе добие Македонија, голем дел од
граѓаните ја пречекаа со вистинско олеснување, но и за дел од нив, првата
количина од само 5.850 која ќе пристигне во февруари е премалку. Сепак, велат: „нека
почне вакцинацијата“, и истовремено се надеваат дека ќе има доволно за сите кои
ќе сакаат за се заштитат од вирусот. Во изјава за Фактор, министерот за
здравство, Венко Филипче рече дека со тие 5.850 вакцини кои ќе пристигнат во
Македонија веќе следниот месец, први ќе бидат вакцинирани здравствените
работници кои скоро цела година се најизложени на Ковид-19, односно се грижат
за пациентите болни од вирусот.
-Следниот месец со првата пратка вакцини од фармацевтскиот гигант Фајзер ќе бидат вакцинирани точно 5.850 здравствени работници, односно лекари, медицински сестри кои се во првите редови во борбата со вирусот. За да ја примат втората доза, бидејќи веќе неколку пати досега е потенцирано дека вакцината се прима на два пати, ќе пристигнат нови количества од вакцината, изјави министерот Филипче за Фактор.
Во наредните месеци, односно во март и во април во Македонија ќе пристигнат поголеми пратки од вакцината на Фајзер.
Инаку, вакцината е незадолжителна и бесплатна, и здравствените власти уверуваат дека ќе има доволно за сите.
Според епидемиологот д-р. Александар Стојанов, долгогодишен експерт од оваа област, во Македонија сè уште постои скептицизам во однос на вакцината против Ковид-19, но вели дека за да се искорени болеста, имунизацијата е единственото решение.
-Вакцината сепак не е волшебно стапче и вирусот нема веднаш да исчезне. Треба да помине време од неколку месеци за да се види вистинското дејство од вакцината. За некои вакцини, како што се против жолта треска, маларија, менингитис сме сигурни дека по примањето нема да се заразиме бидејќи имаме долгогодишно искуство со овие имунизации. Во однос на Ковид-19 немаме искуство, затоа ќе треба да бидеме трпеливи. Како поборник за вакцините, навистина би сакал граѓаните масовно да ја прифатат имунизацијата, но ќе видиме како ќе биде. Единствено, можам да кажам дека најверојатно поради страв од корона вирусот, оваа година прв пат имавме огромна заинтересираност за вакцината против сезонскиот грип, вели д-р. Стојанов.
А, премиерот
Зоран Заев, пак во вестите на ТВ Сител посочи дека е возможно регистрирани
вакцини од регистрирани компании и одобрени од Светската здравствена
организација да пристигнат и порано, односно пред вакцината од Фајзер.
- Имаме најави и со Кина за околу 200.000 вакцини за овој месец, но ќе видиме
кои се условите. Кина има пет вакцини кои ги поминале фазите и тие веќе се
дистрибуираат надвор од Кина и две во фаза на тестирање. Чекаме и од ЕУ од
Ковакс механизмот, од кои 100 милиони вакцини се за Западен Балкан. Ветено е и дека
ќе добиеме одредени количини од нашите европски пријатели и соседи, тоа е
европска солидарност, тие ги добија првите количини, а веќе стасуваат и
вторите количини во најави. Само пет проценти ако споделат со Западен Балкан,
заедно ќе одиме со Европската Унија со задоцнување од една недела или две зад
нив“, рече премиерот Заев кој истакна дека е најважно да стигнат вакцините до
граѓаните и дека Северна Македонија има средства да набави вакцина, од било
која група.
-Важно е да стигнат на време. Затоа што најважно е да ги
заштитиме медицинскиот персонал, час поскоро е добро тоа да се случи. Втората
работа е психолошкиот ефект, ќе олабави малку грижата и тоа е важно за
секојдневното психолошко функционирање на граѓаните и на економијата, истакна Заев.
Истовремено, премиерот најави
дека државата заедно со медиумските работници ќе развие стратегија за преку
јавна кампања за подигање на свеста кај граѓаните и да се доближат до населението
сите важни информации во врска со вакцинацијата за да се обезбеди масовна
вакцинација.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.