Филипинците доаѓаат да работат на Балканот, но нивен сон е живот во развиените европски земји
Објавено во: Економија 22 Септември, 2023
Германија или Холандија се земјите каде сака во иднина да живее Филипинецот Еман Табилон, кој веќе неколку месеци работи како возач на камион во Загреб.
Овој човек објаснува дека во својата родна земја имал работа, но ниските плати, лошото функционирање на филипинското општество и корупцијата го натерале да замине. Пред да се вработи во Хрватска, работел во Катар, каде добро заработувал. Во Хрватска дошол преку агенција. Вели дека Хрватска е убава земја, задоволен е, но во иднина сака да се пресели во некоја друга европска држава каде платите се повисоки. Решил да работи во Хрватска затоа што како што вели, има баланс меѓу професионалниот и личниот живот.
„Лично мојата плата е помала од онаа на претходната работа, но ја избирам Европа затоа што има рамнотежа. Ја имаш работата, но и време да уживаш. Во Катар бев тренер на опрема за оператори. Овде не е толку напорна работата и можете да патувате во различни земји. Платата е сосема во ред, но не е толку висока“, вели Табилон.
Објаснува дека има доста Филипинци кои работат во Хрватска. Точен број не знае, но додава дека повеќето се со високо образование, а има и многу семејни луѓе кои се доселиле.
„Во Хрватска има убава клима, луѓето се гостопримливи, има места со убав поглед на море“, рече Табилон.
Пред да дојде во Хрватска истражувал за земјата на интернет за да знае што може да очекува. Вели дека има Филипинци кои веројатно ќе останат да живеат во Хрватска, но има и негови сонародници кои се враќаат назад, во матичната држава, а оние кои сакаат да напредуваат, планираат да живеат во побогатите земји на европско тло.
„Можеби некои ќе останат во Хрватска, но има и други европски земји кои нудат подобра плата. Овде ја работиме истата работа како на Филипини, но имаме повисока плата. Ако имате соништа да заработите повеќе, треба да заминете надвор од земјата. Ние бараме подобро место за живеење и тоа си зависи од човек до човек, но за мене овде е подобро за живот“, додава Табилон.
Овој човек вели дека несебично споделува информации со своите сонародници кои сакаат да работат во Хрватска.
„Секако дека да, затоа што ние делиме иста култура“, рече Табилон.
Статистиките покажуваат дека во Хрватска има пораст на бројот на работници од Азија. Хрватските медиуми пишуваа дека Филипинците се љубезни, одговорни и добро прифатени во нивната средина. Лани во Хрватска имало над 4.500 филипински државјани со дозвола за престој. Ги има во хрватската престолнина, во Пула, во Петриња и на други места. Филипинци има и во Србија и Словенија, каде се дојдени поради работа.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com