Добивај вести на Viber
Долговите на компанијата изнесуваат 153,2 милиони денари што е 5 пати повеќе во споредба со истиот период лани
„Жито Полог“ ги зголемил финансиските расходи за 47 пати за првите шест месеци годинава во споредба со истиот период лани, покажуваат официјалните податоци од неревидираните биланси што компанијата ги објави на Македонската берза за хартии од вредност. Финансиските расходи на компанијата (за камати од кредити и курсни разлики) за првите шест месеци изнесуваат 3,75 милиони денари што значи дека просечно дневно за своите кредити „Жито Полог“ за камати плаќа над 20.000 денари. За првите шест месеци лани оваа компанија имала финансиски расходи во износ од 79.000 денари односно просечно дневно за таа расходна ставка биле издвојувани околу 440 денари.
Тетовската компанија првата половина од годинава ја завршила со финансиска загуба од 15,46 милиони денари што е многу полош резултат во споредба со минатата година кога фирмата на полугодие имала добивка од 12,4 милиони денари.
Овој финансиски резултат доаѓа во услови кога „Жито Полог“ има 256,3 милиони денари приходи од продажба и бележи раст на приходите од 18 отсто во споредба со истиот период лани. Приходите од продажба на домашниот пазар изнесуваат 255,98 милиони денари и бележат раст од 18 отсто во споредба со првото полугодие лани. Оперативните расходи на компанијата изнесуваат 261,8 милиони денари и бележат зголемување од 55,2 милиони денари односно 27 отсто во споредба со истиот период минатата година. Најголемата расходна ставка се трошоците за суровини и други материјали изнесуваат 172,9 милиони денари и бележат раст од 27 отсто во споредба со лани. Значајни процентуални растови, иако во помали апсолутни износи, има кај ставката за набавки на резервни делови, гуми, потрошен материјал која изнесува 28 милиони денари. Тоа е пет пати повеќе во споредба со истиот период лани. Кај услугите со карактер на материјални трошоци износот е 6,56 милиони денари, а тоа е 64 отсто повеќе од истиот период лани.
Многу значајно е тоа што е силно забележлива тенденцијата на интензивен раст на кредитната изложеност на „Жито Полог“. Во првите шест месеци годинава компанијата има обврски од 153,2 милиони денари наспроти 29,3 милиони денари колку што имала во првата половина лани. Значи во овој период „Жито Полог“ ги зголемил своите обврски за 5 пати. Најголемо учество имаат обврските за долгорочни кредити кои изнесуваат 96,1 милиони денари и се поголеми за 40 пати во споредба со истиот период лани. Обврските спрема добавувачите се зголемени за 22,5 милиони денари, а лани во истиот период биле 13,1 милиони денари. Лани „Жито Полог“ немал обврски за краткорочни кредити, а годинава во првите шест месеци тој износ е безмалку 12 милиони денари.
Оваа компанија е поседувана од домашни акционери од кои најголем е ЗК „Пелагонија“ од Битола со посед на 37,5 отсто од акциите. Втор по големина акционер е О.Т.Е. Инвест ДООЕЛ со 15,4 отсто од акциите. Велешки „Благој Ѓорев“ има 8,9 отсто од акциите, а поранешниот директор Драги Митевски поседува 6,6 отсто од акциите. Уште 148 домашни акционери – физички лица делат 29 отсто од акциите на компанијата.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: