Добивај вести на Viber
Алармантно расте задолженоста на фирмите. Најновите податоци на Народната банка покажуваат дека заклучно со октомври, блокирани се вкупно 38.165 компании, или само за еден месец се блокирани нови 254 фирми. Вкупниот број блокирани сметки на приватни фирми, пак, достигна 59.234.
Освен поради долгови меѓу самите фирми, блокадите се и по однос на долгови кон банките и кон државата, што потврдува дека граѓаните и компаниите сè помалку можат да ги сервисираат обврските и поради тоа присилно им се наплаќаат пари од сметките. Бизнисмените потврдуваат дека условите за водење бизнис се се уште неповолни.
„Неликвидноста е евидентна, постои недостаток на финансиски средства и тоа може да биде причина за блокирање на сметки на одредена компанија иако да бидам искрен помеѓу членките на ССК оваа појава не е во големи размери. Сепак свесен сум дека одредени компании вршат диверзификација на својата дејност,затвораат една фирма па отвораат друга, кај други се случува привремено блокирање заради доспеаност на одредени обврски. За жал, има случаи кога компаниите мора да го затворат својот бизнис“, смета
Митко Алексов, претседател на УО на Сојуз на стопански комори.
Во услови на сè поголема внатрешна задолженост во државата расте бројот и на фирми кои воопшто не успеале да издржат финансиски и биле принудени да затворат. Според податоците од интернет-страницата на Централниот регистар, само за два дена биле избришани околу дваесетина компании. Тоа пак е доволна потврда на апелот од бизнис заедницата дека нема пари за враќање на кредитите и за плаќање на давачките кон државата.
Министерот
Зоран Ставрески неодамна изјави дека европската криза е главниот виновник за тоа што половина од македонските компании се со блокирани сметки.
Тој најави дека со новото законско решение кое е веќе доставено до собраниска процедура ќе се проверува дали сите фирми кои се блокирани се активни, бидејќи во моментот се креирала лажна слика за фирмите кои фигурирале како блокирани и трупале долгови а всушност подолго време биле неактивни.
Ново законско решение ќе ги исчисти блокираните, а неактивни фирми
Според новото законско решение доставено до Собранието се овозможува бришење на фирмите кои не поднесуваат годишни сметки и финансиски извештаи во Централниот регистар, кои ја немаат завршено постапката на пререгистрација, фирми со блокирани сметки, фирми кои Централниот регистар по службена должност почнал постапка за ликвидација но истата се уште не е завршена.
„Централниот регистар објавува на својата веб страна дека одредена фирма е неактивна три години по ред, по што се повикуваат законските застапници во рок од 30 дена да поднесат предлози за стечај. Доколку не се прогласи стечај или ликвидација се брише фирмата. Доколку во рок од една година од денот на бришењето на неактивната фирма не дојде до распределба на имотот, истиот се евидентира како имот во сопственост на државата“, се вели во измените на Законот за трговски друштва.
Владата очекува со законското решение да се добие јасна слика за тоа кои субјекти учествуваат на пазарот и кои креираат активност.
Соња Наумовска
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: