Гафови, набљудувања, танц, лекции - Што ја одбележа претседателската кампања?
Објавено во: Анализа 18 Април, 2019
По три недели на кампања денес кандидатите и партиите ќе имаат последна шанса да им се обратат на граѓаните со цел да ги убедат дека токму за нив треба да го дадат својот скапоцен глас и да одлучат кои двајца ќе одат во вториот круг кога се очекува да се дојде и до идниот претседател на Северна Македонија. Досегашната кампања понуди многу повеќе можности за „сеир“ на социјалните мрежи и медиумите, неколку интересни и необични моменти кои не сме ги забележале кај претходните изборни циклуси, професорски „предавања и држење лекции“, но и по неколку помали обвинувања и спуштање на нивото, не толку од самите кандидати колку од нивните симпатизери и партиски членови. Состојбата можеби не е толку наелектризирана и остра како во минатото, но бидејќи овие избори им претходнат на следните парламентарни избори се чини дека мора партиските лидери и „првотимци“ да ја кренат тензијата и да не потсетат дека не очекува и избор на нова влада и нов состав на собранието каде всушност лежи и најголемиот дел од моќтата.
За тоа што досега ја одбележа кампањата на тројцата претседателски кандидати, дали имавме достојна фер и демократска атмосфера или ниски удари, омаловажувања и навреди, правиме анализа со политикологот Благојче Атанасовски.
„И покрај тоа што, тројцата кандидати за претседател на државата, упорно нагласуваат и се обидуваат да не убедат дека се натпартиски, реториката која ја користат во досегашниот дел од кампањата, е скоро комплементарна со партиите кои официјално ги кандидирале. Впрочем, Пендаровски, ја нагласува нужноста од завршување на процесот на целосна интеграција во НАТО, и почнување на преговорите со ЕУ. Силјановска пак, потенцира дека со „ меѓународни правни експерти“, ќе го отвори процесот на ревизија на Преспанскиот договор, и покрај тоа што вели дека ќе го почитува, како правен факт“ смета Атанасовски.Политичкиот аналитичар додава и дека во кампањата, секако се појавија и ниски удари , т.е „ удари под појас“, со злоупотребувачката инсинуација за синот на кандидатката на опозицијата, или пак за нејзиниот физички изглед. Од друга страна, владеачкиот кандидат беше обвинет за лицемерие, дека не вози Југо ( како што истакнал во анкетниот лист), туку друго возило, за кое тој подоцна се изјасни дека „ странски служби“ го следеле, и дека МВР треба сериозно да се занимава со тоа.
Блерим Река според реакциите на многумина во јавноста покажа висок степен на елоквентност, подготвеност и јасност во настапите, особено во ТВ дуелите и интервјуата со медиумите.
„Единствениот кандидат од албанската етничка заедница е позитивно изненадување, бидејќи до некаде води умерена, граѓанска реторика, со која сака да се претстави како инклузивен кандидат за претседател. Сепак во кампањата , се нагласија и некои исклучиво етнички прашања, што до некаде за вакво етнички поделено општество како нашето е и очекувано“оценува Атанасовски.
Имаше гафови, теории за странски служби, пеење и танцување. Дали имаме порелаксирана атмосфера од минатото или пак здосаденост кај граѓаните од политичката пропаганда? Сепак, кампањата имаше и свои позитивни моменти кои ја покажаа човечката страна кај политичарите.
„За разлика од досегашните изборни циклуси, било да се парламентарни, локални или претседателски, оваа кампања е подостоинствена, со повеќе уважување помеѓу кандидатите бидејќи станува збор, сепак за тројца универзитетски професори, со изграден авторитет, углед и кредибилитет во својата фела. „Во оваа кампања, можеби за прв пат ги видовме во една релаксирана, приватна атмосфера , кандидатите на власта и опозицијата во емисијата „ еден на еден“, каде што танцуваа, се шегуваа, со што се даде еден дополнителен позитивен импулс за нашето поднебје во една пол. кампања, бидејќи сме научени на омаловажување, дискредитации, навреди, говор на омраза“ вели Атанасовски за неформалните моменти.
За дел од гласачите текот на кампањата дава повеќе детали за самиот кандидат, особено за претседателски избор каде персоналниот капацитет е многу важен. Дали енергијата која ја прикажаа кандидатите е доволна, може ли јасно да се препознае кои се нивните главни пораки и заложби?
„Согласно карактерите, Пендаровски покажа поголем степен на енергичност, за разлика од професорката Силјановска, која повеќе куртоазно се однесуваше, како на дебатите, така и на митинзите, веројатно бидејќи ова и е прво практично партиско-политичко искуство, како активен партиципент во една изборна кампања“ оценува Атанасовски.
Зад нас се повеќе митинзи и собири на кои традиционално партиите си го пребројуваа членството, реториката меѓу симпатизерите се електризира, се водат дебати и расправи, па сите се прашуваа дали ова е доволно за солидна излезност која ќе наговести успешни избори или пак би влегле во некаков период на неизвесност.
„Од почетокот на изборите, па и пред тоа, се провејува во политичкиот амбиент, прашањето за цензусот. Доколку нема, отворен или прикриен бојкот во вториот круг, лично очекувам дека цензусот ќе биде постигнат и ќе се легитимира изборот на новиот претседател на Републиката. Доколку не, Уставот е јасен, и нема потреба од драматизација дека Македонија влегува во уште една „ нова политичка криза“, е ставот на Атанасовски околу исполнувањето на цензусот.
По исходот на овие избори партиите ќе се активираат за евентуални предвремени парламентарни избори или пак ќе го пренесат гласачкиот капитал кон следната година кога секако ќе имаме избори. Присуството на партиските лидери во кампањата како да даде призвук на борбата која ќе претстои. Дали уште сега големите партии прават калкулации за следното соочување кое ќе биде многу поважно бидејќи така се доаѓа до вистинско освојување на моќта?
„Активното, жестоко учество на лидерите на партиите, укажува дека тие, овие избори ги третираат како „ лакмус тест“ за своето гласачко тело, за пребројување на контингентите гласови , во пресрет на нови предвремени парламентарни избори , евентуално организирани на есен. Сума сумарум, оваа претседателска кампања, што се однесува до тројцата кандидати е за едно ниво над кампањите на кои сме навикнати, и се надевам дека во иднина тоа ќе биде репер за подобрување на кампањската реторика. Сепак, сме многу мала, а многу поделена земја по сите шавови: политички, етнички, социјални,религиски и културолошки, а тоа создава одредена апатија, резигнираност и апатија кај сите граѓани веќе, без разлика на нивната партиска, етничка, религиска или било која друга припадност“ заклучува Атанасовски.
Х.С.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.