Георгиевски: Ако ВМРО-ДПНЕ ни понуди малцинска влада и премиерско место би прифатиле
Објавено во: Македонија 30 Октомври, 2016
Љубчо Георгиевски пред состанувањето на Централниот комитет на ВМРО-НП кратко изјави дека тој воопшто не е виновен за распаѓање на идејата за формирање на трет десничарски опозициски блок и најостро ги демантираше обвинувањата од Коалицијата за промени и правда дека главна причина е неприфаќањето на декларација за изолирање од постизборна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
„Одговорно тврдам дека за време на разговорите за формирање на десничарска коалиција воопшто не беше спомната никаква декларација за изолирање на ДПМНЕ“, посочи Георгиевски и додаде дека ако добијат подоцна понуда за министри и функционери која ќе биде пристојна во интерес на партијата е да ја прифатат.
„Хипотетички, доколку на овие избори освоиме 15 пратеници и ВМРО-ДПМНЕ ни понуди со нивна помош да формираме малцинска влада, ние тоа би го прифатиле“, рече Георгиевски.
Георгиевски говореше и за коалицирањето со Обединети за Македонија на Љубе Бошковски за кој вели дека низ текот на разговорите го вратиле старото пријателство. Сепак, конечната одлука ќе мора да ја донесе партијата и таа каква и да е Георгиевски како претседател на ВМРО-НП ќе ја почитува.
Тој кажа дека на централниот комитет ќе се разгледува можноста за реактивирање на преговорите за десен блок, но најверојатно коалицијата ќе биде единствено помеѓу ВМРО-НП, ОМ и Достоинство.