Ѓорчев или Силјановска Давкова – Кој е идеален кандидат за опозицијата?

Објавено во: Анализа 07 Февруари, 2019 07:18
Во раната фаза на кампањата за претседателските избори во интерната трка во редовите на ВМРО-ДПМНЕ како главни фаворити за партиска кандидатура се издвојуваат професорката Гордана Силјановска Давкова и пратеникот Владимир Ѓорчев. Опозицијата ќе мора да одлучи кој за нив би бил идеален како кандидат за претседател, кој може да освои поголем број на гласови, како во самата десница, така и меѓу неопределените гласачи, меѓу гласачите кои даваат доверба според заслуги, како и од гласовите на етничките заедници во Македонија, особено кој ќе биде поспособен и поприфатлив за електоратот на Албанците. Засега раководството предводено од Мицкоски не дава поддршка ниту сигнал за било кој кандидат, но истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ веќе јавно се заложија или за Ѓорчев или за Силјановска Давкова, па така очигледно е дека мора да се направи анализа кој има поголеми шанси за добар настап и силно соочување со кандидатот на СДСМ.
За победа на претседателски избори, особено ако има втор круг покрај исполнување на високиот цензус, потребна е и поддршка од албанското гласачко тело кое се покажа како решавачко во последните избори за претседател. Може ли ВМРО-ДПМНЕ, со овие понудени кандидати да освои гласови на етничките Албанци и да најде соодветен коалициски партнер кој би бил пресуден напролет?
Слични позиции по ова прашање има и Атанасовски.
„И двајцата важат за жестоки противници на Договорот од Преспа и Законот за употреба на јазиците, па оттука е веќе позната реториката која би ја употребувале во предизборната кампања, за разлика од таа на кандидатот на владејачката СДСМ, која би била спротивна, т.е со поддршка на Договорот од Преспа, зачленувањето во НАТО и почетокот на преговори со ЕУ, претставувајќи ги како успех. Но и за двајцата се поставува прашањето, дали можат да освојат квантум на гласови од албанскиот гласачки резервоар, бидејќи Албанците беа клучни како гласачи во обезбедување на цензусот, особено во вториот изборен круг. И денеска има голем анимозитет кон ВМРО-ДПМНЕ од страна на огромен број на албанското гласачко тело кај нас, па оттука, тоа е равенка со непозната X како кандидатите би ја решиле во своја корист. После предвремените избори во 2016 година, веќе се разби поделбата на етнички политички блокови кај нас, со тоа што десетици илјади гласови на Албанците завршија на контото на коалицијата предводена од СДСМ, и според сите анкети денеска СДСМ и премиерот Зоран Заев, како лидер на таа партија, се уште уживаат голема доверба кај ова гласачко тело. Односно, етнички коалициски пазарења во вториот круг, се помалку би биле возможни како што беше практика во изминатите 27 години, кога биравме претседател на Републиката“, додава Атанасовски.
Очигледно е дека главните адути на кандидатот на владејачката СДСМ ќе биде некој кој ќе ги истакнува евро-атлантските интеграции и пораките за граѓанско општество. Овој концепт првично ќе се судри со тој на опозицијата која секако ќе го поддржи членството во НАТО, но ќе даде свои аргументи дека одредени позиции на Македонија може да се подобрат што влегува во неизвесна територија во дипломатијата и меѓународните односи. ВМРО-ДПМНЕ со настапот на претстојните претседателски избори ќе треба да покаже ново лице различно од ригидните ставови во минатото кои допринесоа за губење на поддршката од пошироката јавност и дистанцирање. Секако, кој и да е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ нема така лесно да ги напушти досегашните ставови против договорите со соседите и направените компромиси во домашната политика, но ќе мора да понуди реторика која нема да предизвика нови поделби, нетрпеливост и ново антагонизирање.
Х.С.