Ѓорчев: Нема слобода таму каде што во затвор се пратеници
Објавено во: Македонија 11 Декември, 2017
На протестот пред Министерството за правда организиран од ВМРО-ДПМНЕ, се обрати пратеникот Влатко Ѓорчев кој порача дека се борат за она што се нарекува потрага по право, по правдина, по слобода.
„Нема слобода таму каде што во затвор се пратеници, каде што во затвор се уметници, каде што во затвор се актери, режисери, блогери, административни службеници и останати службеници. Нема слобода во државата каде што мора да се шепоти, нема слобода во државата каде што се брои кој на кого лајк му стиснал на опозициона сторија или каде што мора да се шепоти нешто што се критикува“- изјави Ѓорчев.
Праша дали е зголемена платата на полицајците, службениците, дали е зголемена пензијата, дали бензинот е некаде поевтин. Ѓорчев праша дали некој што не е политички определен, кој не е член на ниту една партија, живее подобро во минативе шест месеци, колку што на власт е СДСМ.
Тој ги повика граѓаните утре и во следните денови повторно да дојдат на протестите.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во оставка, Никола Груевски и денеска, четиринаесети ден по ред протестираше пред Министерството за правда заедно со членови и симпатизери на партијата.