Ѓорѓиевски: Ги заборавија борците, а слободата и демократијата не се вратени
Објавено во: Македонија 11 Октомври, 2016
Во име на борците од НОБ на граѓанскиот марш пред Собранието се обрати Ѓорѓи Ѓорѓиевски.
Тој кажа дека државата ги заборавила вистинските борци, а се слават личности со сомнително минато.
„Смрт на фашизмот, слобода на народот. Секоја генерација има обврска да си го брани народот свој. Мојата генерација се бореше против окупаторите кои сакаа да ни го поништат нашиот идентитет и традиците на нашиот народ. Ние им кажавме дека нашата борба е вечна. Слободата и демократијата не се вратени и денес. Ја градевме оваа држава за нашите деца и внуци,а не дасе иселуваат по светот за подобри услови за живот“ – рече Ѓорѓиевски.
Беше кажано дека правдата во Македонија е кај три жени, а вистината е како шило и ќе излезе на виделина.
Се обрати и активистот Васко Лазаревски. Тој рече дека сликаат од собраниот народ треба да ги плаши сите окупатори и криминалци.
„Во Македонија не смее луѓето да умираат во болница затоа што се сиромашни. Во Македонија секој треба да биде пристојно платен, а не да работи за 8000 или 10.000 денари. Да не се лажеме, тоа се просечните плати во Македонија. Се занесуваат со лавови, Македонија не е некаква апстракција. Ние сме народот, ние сме Македонија“ – кажа Лазаревски.
Тој рече дека Македонија треба да биде земја во која владее еднаквост.
Студентката Ивана Туфегџиќ рече дека има генерација која доживува егзодус од оваа власт. Вели многу нејзини пријатели заминале со билет во еден правец.
„Сакам да живеам во држава која ми дава шанса за да успеам. А имаме избор. Изборот е да си заминеме или да ги победиме“ - рече таа.Рече дека сакаат да живеат и творат во Македонија.