27 Ноември, 2024
0.0262

Големиот страв од загуба

Објавено во: Анализа 02 Април, 2013

Добивај вести на Viber

Дали доколку имате тревник, сами би ја коселе тревата? Ако ја косите сами, која би била причината за тоа?

Освен физичката активност, која секому му е добредојдена, веројатно една од причините сами да си го косите тревникот е и да заштедите некој денар, кој би го потрошиле доколку некој друг ви ја заврши работата. Логично. Да одиме понатаму со уште едно прашање. Дали би му ја коселе тревата на комшијата, секако за одреден надоместок? Јас лично не би му ја косел, мислам дека и поголем дел од вас. Е сега, прашањето е зошто би си го коселе сопствениот тревник за да заштедите пари, додека веројатно никој од нас не би се сетил да му ја коси тревата на комшијата. Оние што го изучуваат економскиот бихевиоризам имаат одговор на ова прашање (а одговорот не е од типот, што има јас да му ја косам тревата на комшијата, веројатно одговор што на сите ни доаѓа од прва). Се работи за вградениот емотивен чип, кој го има секој од нас. За разлика од некои основни теории дека човекот е рационално суштество и дека носи рационални одлуки, практиката многупати покажала дека ние сме нерационални одлучувачи, затоа што во секоја одлука вградуваме големо количество емоции. Оние што успеваат да ги контролираат, носат подобри одлуки, додека оние што не го прават тоа, повеќе решаваат емотивно и се поподложни на манипулации. Сето тоа е резултат на вградениот страв нешто да не изгубиме и комфорот што го имаме кога нешто поседуваме. Еве за што се работи. Луѓето генерално сакаат да си ја косат тревата, затоа што не сакаат да изгубат да речеме 1.000 денари, кои треба да му ги платат на оној што ќе работи. Сметаат дека доколку тие не ја искосат тревата, нешто ќе изгубат. Тогаш се активираат емотивните чипови и луѓето се мотивирани да работат и да спасат една дневница. Од друга страна, никој нема да помисли да му ја коси тревата на комшијата, затоа што во основа ние немаме опасност ништо да изгубиме и нашите мотиви за таа работа значително паѓаат. Да дообјасниме со уште еден пример. Правени се експерименти кога на луѓе им се дадени 20 долари. Потоа им е речено - доколку сакате, може да ги задржите овие 20 долари, а доколку сакате, може да играте за 50 долари, со тоа што доколку изгубите, ќе ги изгубите и првите 20 долари. Во втор случај, на друга група луѓе им се дадени 50 долари, но во истиот момент им земаат 30 долари и им велат - може да играте за овие 30 долари што ви ги зедовме, со тоа што доколку загубите, ги губите и преостанатите 20 долари. Исто така, имате опција да ги задржите преостанатите 20 долари без ризик. Гледате дека нето-ефектот е целосно ист. Дали сакате да задржите сигурни 20 долари или сакате да играте за ризични 50 долари. Буквално исти шанси се на маса за двете групи. Но... Резултатите биле фрапантни. Првата група во големо мнозинство ги задржала парите, додека втората група во исто такво мнозинство решава да се коцка за 50 долари. Луѓето, кога имаат чувство дека нешто губат, тогаш се подготвени да бидат целосно ирационални и преземаат непотребни ризици. Од друга страна, кога чувствуваат дека нешто им е сигурно, се решаваат да си останат во својата зона на комфор и да не се изложуваат на непотребни нервози. Впрочем, луѓето генерално сакаат да се држат до своите одлуки и не сакаат многу да мислат, бидејќи тоа е во основа многу оптоварувачки процес. Токму поради оваа причина голем број акционери на македонската берза не ги продаваа акциите што тонеа. Бидејќи падот значеше загуба, нерационално беше протолкувано дека продавањето ќе значи пораз. Стравот од поразот ги мотивираше луѓето да ги чуваат акциите до крај, што во основа значеше кулминирање на загубите. Од друга страна, кога акциите растат, инвеститорите генерално се ослободуваат од нив прерано бидејќи го немаат тој емотивен страв од пораз и затоа се решаваат да си ги задржат добивките. Оваа теорија е широко применлива во многу сфери на економијата. На пример, поради сигурноста што ја чувствуваат големите компании не се премногу иновативни, а поради стравот да не пропаднат малите компании се решаваат на ризици, кои на некои од нив подоцна им носат бенефиции. Иако рационално би било големите постојано да иновираат, најголемите иновации во светот во основа дошле од нови мали компании. Секако, најтипичен пример за ова е Стив Џобс, кој во својата гаража ја започна револуцијата на Епл. Треба да внимаваме како одлучуваме и секогаш да се запрашаме зошто решаваме така како што решаваме. Често го преценуваме ризикот, особено кога се плашиме да не изгубиме нешто што веќе го имаме (затоа големите не ризикуваат премногу и затоа ги продаваме акциите пред време). Од друга страна, кога сме соочени со сигурни загуби, макар и мали шанси да ги повратиме тие загуби не тераат да ризикуваме. Тогаш и тоа како го потценуваме ризикот (затоа ги чуваме акциите што тонат). Но ние сме тоа што сме.
      Милан Димитриоски      

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.