Градовите се гушат, што предлагаат екологистите за спас од загадувањето?
Објавено во: Македонија 02 Декември, 2016
Скопје, Тетово, Битола, Куманово се градови кои со денови имаат загаден воздух и присуство на ПМ честички повеќе од дозволеното.
Претходно главниот град и Битола беа рангирани на листата најзагадени градови во Европа.
Екологистите имаат подготвено планови со кои загадувањето на воздухот може да се намали. Антонио Јовановски, извршен директор на невладината организација Go Green вели дека имаат краткорочни, мерки на среден рок и долгорочни мерки за загадувањето. Додава дека краткорочните мерки можат да се применат веднаш, а долгорочните да се спроведуваат систематски.
„Треба да се има пристап, да се зголемат капацитетите на околината да апсорбира јаглерод моноксид и ПМ честитки со зеленило во урбаните средини. Ние сообраќајот го идентификуваме како најголем извор на загадувањето. Не дека пред 20 години немало загадување, имало и тогаш фабрики, но увезени се над 150.000 стари автомобили кои не задоволуваат еколошки стандарди. Се охрабрува автомобилизмот. Треба да се охрабрува јавен транспорт и велосипедизам како мерки кои помалку загадуваат или не загадуваат. Имаме проширени булевари, многу катни гаражи. Во критични денови може да се пуштат повеќе автобуси, да се практикува јавен и такси превоз за да се намали сообраќајот. Може да се купат маски со филтри кои чинат околу 15 евра и да се поделат на граѓаните“ – објаснува Јовановски.
Тој вели дека внимание треба да се обрне и на шумите да не се сечат неплански. Додава дека и домаќинствата загадуваат со тоа што се грејат на дрва, но тоа е веќе социјален проблем и смета дека кога секое домаќинство би произведувало сопствена енергија би било подобро.
Невена Смилевска, проектен координатор за клима во „Еко свест“ вели дека имаат план за аерозагадувањето кој го презентирале во Град Скопје. Објаснува дека во овој период многу е важно да се контролира влажноста на дрвото за огрев.
„Знаеме дека сувото дрво побрзо согорува и има помалку емисии. Ние како граѓани можеме да придонесеме со сообраќајот, да се користи јавен транспорт и така ќе има помалку емисии на штетни гасови. Понатаму, како мерка предлагаме енергетска ефикасност и индустриските капацитети кои немаат да стават филтри, иако во Скопје повеќето тоа го имаат направено“- кажа Смилевска.
„Еко-свест“, во соработка со Аналитика, ОРТ, Центар за климатски промени, Македонски зелен центар, Реактор и со поддршката од Александра Бујароска, правник, започнаа иницијатива за мапирање и идентификација на проблемите во системот поврзани со управувањето на квалитетот на воздухот во Македонија.
„Македонија е на петто место според годишните смртни случаи предизвикани од загаден воздух односно ПМ10 честичките. Според извештајот на Светска банка, цврстите честички се одговорни за 1.350 смртни случаи годишно, но и илјадници изгубени работни денови – што претставува економски трошок од 253 милиони евра годишно или 3,2% од БДП. Суспендираните честички, попознати како ПМ10, се еден од најголемите загадувачи на воздухот во Скопје “ –се наведува во планот за управување со загадување.
Екологистите се надеваат дека во иднина проблемот со загадувањето ќе се решава синхронизирано.
Сања Атанасовска